22/11/2024
Македонија

Обраќање на претседателот Стево Пендаровски во Собранието на Република Северна Македонија

Почитувани граѓани, почитуван претседател на Собранието,

Почитуван премиер, почитувани пратеници,

почитувани министри, ценети гости,

ваши екселенции, претставници на медиумите,

Еден поглед врз целиот период од нашата независност до денес ќе покаже дека, за жал, во овие триесет и една година, не сме имале подолг период на мирен развој на државата. Од катастрофалните ефекти на приватизацијата, ембаргата и санкциите во 1990-тите, преку конфликтот во 2001-та, светската финансиска криза во 2008/2009-та,  длабоката внатрешна политичка криза која заврши со упадот во Собранието и од која сѐ уште ги лечиме раните, и на крајот, пандемијата и војната во Украина, мноштво фактори го лимитираа нашиот развој и ги исцрпуваа ресурсите на нацијата.

Дел од овие циклични кризи во континуитет беа предизвикани од екстерни фактори врз кои ние имавме мало или никакво влијание – распадот на Југославија, геополитичките тензии, финансиските, економските и здравствените кризи – регионални и глобални потреси кои повеќе или помалку го забавуваа прогресот на сите држави, независно од нивната големина и моќ.

Меѓутоа, генерално, за неповолните внатрешни состојби во државата од кои граѓаните во висок процент со право не се задоволни, реално, најголем дел од одговорноста паѓа врз грбот на домашните политичари и политички партии, почнувајќи од првите гарнитури во раните 1990-тите, па сѐ до нас, денес, кои сме на чело на институциите на централно и локално ниво.

Кога довербата во институциите е на ниско ниво, демократијата е во сериозна опасност. Во таков амбиент, популизмот и авторитарните тенденции кои се во подем, полесно ја реализираат својата цел бидејќи демократијата не покажува доволно ниво на резистентност. Кога клиентелизмот и партиската лојалност се критериум за вработување и напредување во кариерата, не треба да изненадува слабоста на институциите. Политичките и физичките блокади кои ги гледаме во главниот град  во изминативе месеци, сигурно нема да бидат последни.

Почитувани,

На почетокот на ова обраќање сакам да се осврнам на најголемиот глобален проблем во моментов, војната во Украина за која малкумина веруваа дека е можна, три децении по падот на биполарниот свет и 47 години по усвојувањето на Финалниот акт од Хелсинки со кој страните се обврзаа дека нема да поддржуваат промена на границите со употреба на сила.

Во 2018 и подоцна, некои сметаа дека за нашето членство во НАТО плативме превисока цена, аргументирајќи дека класичен тип на војна со освојување на територии е невозможна во 21 век. Иако во 2016-та, недалеку од нас, во Црна Гора имаше обид за државен удар преку традиционална, а, не преку хибридна закана, сепак, требаше да се случи големата трагедија во Украина за да се увериме дека со Преспанскиот договор навреме се ситуиравме под колективниот штит на НАТО, без национално да се обезличиме, како што некои стравуваа.

Од тогаш, Алијансата активно ни помага и во делот на хибридни закани, но, и во делот на заканите од тероризам, пред сѐ поврзани со повратниците од војните на Блискиот исток. Без да изнесувам детали, но, по добиени податоци од НАТО, во најмалку три наврати, изминативе години беа пресретнати терористички напади и тоа уште во подготвителните фази кои се одвиваа надвор од нашата територија.

Сакам во оваа прилика да одговорам и на често поставуваното прашање во нашата јавност: зошто ѝ помагаме на Украина да ја ослободи својата територија? Ќе споменам само два важни аспекти од повеќето. Прво, не ѝ помагаме на Украина затоа што сме членка на НАТО и затоа што формалниот статус нѐ обврзува да помагаме. Имено, има членки на Алијансата кои освен дипломатска и реторичка поддршка, не придонесуваат на друг начин.

Нашата логика е следна: малите држави мораат да поддржуваат меѓународен поредок заснован на правила и принципи затоа што во свет кој се потпира врз аргументите на силата, нашите шанси да опстанеме се еднакви на нула. Второ, аргументите на Русија за воената агресија со кои де факто сакаат да го поништат украинскиот суверенитет, воопшто не се разликуваат од големодржавничките резони на балканските држави од почетокот на 20 век и нивниот понижувачки третман кон помалите народи меѓу кои спаѓаме и ние. Во колективната меморија на Македонците е длабоко врежано сознанието зошто меѓу последните сме направиле држава на Балканот и токму заради тоа денес многу добро знаеме предвреме да ги препознаеме тие модели на хегемонистичко однесување кон нас.

Агресијата на Русија врз Украина ги поремети пазарите за храна и енергија во светот, но, пред сѐ, безбедносната инфраструктура во Европа создадена по падот на комунизмот. Иако Западниот Балкан е навидум доволно далеку од тој крај на светот, не може да се исклучи дека во одреден контекст е можно зголемување на тензиите и во нашиот регион – веќе имаме украински бегалци, имаме руски државјани и фирми формирани од нив, регистрираме зголемен интензитет на  сајбер напади, а свој потенцијал имаат и старите, добро познати фрагилни точки во регионот: северот на Република Косово и ентитетот Република Српска во Босна и Херцеговина каде што клучна стабилизирачка улога имаат меѓународните мисии.

Почитувани,

Војната ги разбуди и институциите во Брисел, ја раздвижи дебатата за иднината на Европа и ги реактивираше процесите кои беа практично замрзнати последниве години. Идејата за геополитичка Европа започна да добива некаква првична форма, а, според реториката на Брисел, Западниот Балкан е нејзин дел. Од оваа говорница сакам да упатам апел, повик до Европската Унија дека очекуваме новиот фокус кон регионот да не биде само епизода, предизвикана од војната во Украина која ќе трае додека Украина е во фокусот. За одржување на кредибилитетот на интегративниот процес Европа не смее да дозволи Западниот Балкан да го држи во фокусот само кога има војни или мигрантски кризи. Поддршката за Унијата меѓу граѓаните драматично опаѓа, се наоѓаме на критична точка и ова е последната шанса да ја сочуваме мнозинската поддршка.

Оваа година како држава направивме сериозен исчекор и во правец на зацврстување на стратешките односи со САД, државата која секогаш давала клучна поддршка за нашиот развој од независноста, приемот во Обединети Нации, конфликтот во 2001-та, сѐ до влезот во НАТО. Ова лето први од регионот го започнавме стратешкиот дијалог со САД, кој добива институционална форма и чии темели се споделените вредности за демократскиот развој и стабилност на државата. Радува фактот што САД и покрај своите глобални интереси ги интензивираат дипломатските напори и се враќа во регионот на ниво кое не е видено во последниве петнаесет години.

Почитувани,

Ова лето бевме сведоци на масовни протести и длабоки поделби меѓу граѓаните, предизвикани и поврзани со таканаречениот „Француски предлог“ кој денес е Европска преговарачка рамка. Беше создадена атмосфера на жестоки политички тензии во земјата и перцепција во дел од јавноста дека ова е судбинска дилема да се биде или не за нацијата и државата и дека наводно носиме одлука која ќе ја дефинира судбината на идните генерации Македонци и македонски граѓани.

И по пет месеци, длабоко сум убеден дека ставот кој го изнесов на 3 јули оваа година дека одлуката да го прифатиме модификуваниот француски предлог не е ниту историски триумф, ниту историски дебакл и денес може да издржи аргументирана критика.

Имено, модифицираниот француски предлог поради кој се поделивме до невидени граници предизвика бројни контроверзии, но, сите беа директно или индиректно поврзани со стравот од идентитетска закана, за Македонците и македонскиот јазик. Реферирајќи на тезата дека само како Бугари можеме да влеземе во Унијата, сакам да потенцирам дека апсолутно не постои начин од Македонец да направиш Бугарин. Тоа се два различни идентитетски кодови, два различни народа со своја специфична етногенеза. Во историјата нема таков пример, со договор да му биде сменето националното чувство на цел еден народ.

При тоа, одбивам да поверувам дека политичка цел или приоритет на претседателот на Француската република или на пример, на германскиот канцелар им е да го обезличат македонскиот народ за како Бугари да нѐ внесат во Унијата.

Практичните чекори кои потоа следеа само потврдија дека формулацијата за македонскиот јазик во рамката беше недвосмислена, што беше јасно потврдено со потпишување на договорот со Фронтекс.

Туку, денес не е лошо да се потсетиме накусо каква е нашата грижа, поточно негрижа за македонскиот јазик, дома, во татковината, од каде што тврдам дека потенцијално нѝ доаѓаат поголеми опасности за неговото опстојување, отколку нападите од Бугарија. Дали беше потребно да го чекаме јубилејот 100 години од раѓањето на Конески, за да се соочиме со нашата негрижа за јазикот во јавниот простор, дали знаеме за драстично намалениот број на лекторати и македонисти во светот, имаме само неколкуте преостанати паралелки со македонски деца кои го изучуваат македонскиот јазик во дијаспората или очајната состојба со младиот наставен кадар кој со години не е обновен на факултетите и институтите по македонски јазик.

Почитувани,

Комплексот на прашања поврзани со нашите европски интеграции кои конечно ги отворивме по долги седумнаесет години чекање, ќе ми дозволите  да го заокружам со мојот став околу прашањето за промена на Уставот.

Сакам од ова место да порачам дека нам ни е насушно потребна кристално јасна и чиста правна и политичка процедура за промена на Уставот, каква што ѝ доликува на една европска демократија. Никој никого не треба да притиска, ниту да условува за да гласа спротивно на својата волја, но, при тоа, на сите пратеници треба да им се пред очи две работи: прво, дека самата содржина на конкретниот предлог, впишувањето на Бугарите и делови од другите народи  во Уставот, на ниту еден начин не го руши македонскиот идентитет, и второ, тие што се денес против, ако навистина веруваат дека ЕУ е нашата стратешка цел, нашата стратешка константа од 1991-та до денес и ако се денес против, како ќе гласаат за оваа уставна промена кога ќе бидат на власт?

Нашата обврска за промена на Уставот не е поврзана со отворањето на клубовите на Бугарите во Северна Македонија, меѓутоа, останува впечатокот дека станува збор за временски темпирана и организирана активност која не придонесува за градењето доверба меѓу Скопје и Софија. Со тензиите кои ги крена отворањето на овие клубови, за жал, другата страна одбра конфронтациски наместо, кооперативен пристап кој е целосно на линија со јавната реторика на бугарските историчари во заедничката комисија кои инсистираат историјата да ја доминира целокупната билатерална агенда, наместо да биде само еден нејзин сегмент.

Фактот дека не постои никакво систематско нарушување на правата на бугарското малцинство, не треба да ја лимитира нивната можност да отвораат клубови кога сакаат и каде сакаат, но, со стриктно почитување на македонските закони кои се компатибилни со европските.

Инаку, за помладите кои не ги паметат 1990-тите, наспроти општата перцепција, Македонците и македонските граѓани знаеле да се обединат и заеднички да работат во интерес на државата, независно кој бил на власт: за референдумот за независност во 1991-та бил формиран и функционирал заеднички штаб на власта и опозицијата, одлуката за аплицирање за членство во НАТО од декември 1993 е донесена со поддршка на власта и опозицијата, амандманите кои произлегоа од Рамковниот договор се усвоени со двотретинско мнозинство, а Резолуцијата за државните позиции во однос на Бугарија минатата година во ова Собрание беше поддржана од 95 пратеници.

Следно прашање и дилема во јавноста е: дали може да има гаранции дека тоа ќе биде последното барање кон нас во процесот на преговори? Еве го последниот пример: Бугарија и Романија се членки на Унијата петнаесет години, а неодамна беа блокирани за влез во Шенген зоната. Ако две членки на Унијата беа блокирани за влез во еден од најважните проекти на единствениот европски простор, се разбира дека никој не може да даде гаранции на земја- кандидат која тукушто ги почна преговорите кои не се праволиниски. Затоа, ние, во процесот треба да влеземе со самодоверба и да се фокусираме на исполнување на критериумите кои ќе обезбедат подобар живот на нашите граѓани. Одамна помина времето кога го меревме успехот во интеграциите според бројот на усвоените закони. Граѓаните чекаат – резултати!

И уште една работа која за некого е техничка и процедурална, а, според мене е политичка и суштинска. Власта мора да направи напори во целиот тек на преговорите во тимовите да учествуваат и експерти предложени од граѓанските организации, но, и од опозицијата. Таков предлог треба да дојде, од најмалку две причини: прво, затоа што преговорите сигурно го надминуваат мандатот на една влада, и второ, ако не го собереме сиот креативен и експертски потенцијал на едно место, преговорите ќе траат подолго.

Зборувајќи за процесот на меѓународно заокружување на македонскиот идентитет, ова беше година на крупен исчекор и со конечното етаблирање на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија во рамките на православната екумена. Иако станува за збор за одлуки на верски власти, а ние живееме во секуларна држава, ноторен факт е дека туѓите пропаганди низ историјата, а, и денес, се обидуваат да ја разнишаат духовната врска на Македонците со нивната црква. Таквиот позитивен развој на настаните овозможи и за првпат по повеќе години да се поклониме во манастирот Свети Отец Прохор Пчински на местото каде што се поставени темелите на современата македонска држава.

Почитувани,

Убеден сум дека надворешната политика предолго ја определува динамиката на политичките процеси во државата.  Потребен е фокус на внатрешен план, дома.

Недоволното темпо на нашиот економски и социјален развој во транзицијата е последица на неколку внатрешни структурни фактори, но, една од клучните причини за долгата, децениска историја на започнати, а незавршени реформи е корупцијата и со неа поврзаниот феномен на политички клиентелизам што ја еродира довербата на граѓаните во институциите.

Неверојатниот медиумски интерес со кој беше проследена посетата на таканаречениот „тим за санкции” на САД е најдобрата потврда за недовербата која нашите граѓани ја имаат во домашните органи штом единствената надеж за правда ја гледаат во странските и меѓународни институции.

Меѓутоа, реалноста е дека никој однадвор нема да ја искорени корупцијата во Република Северна Македонија, ако тоа не го направат нашите институции и избраните политички претставници на граѓаните. Точно е дека во последниот извештај на Транспарентност Интернешанал бележиме позитивен скок напред од дваесет и четири места, но, тоа е сѐ уште под европскиот просек.

Во оваа борба влогот е огромен: државата или ќе ги стави криминалците зад решетки во затвори од затворен тип, или некои од нив и понатаму, со парите украдени од народот ќе продолжат да градат имиџ на чесни и доблесни граѓани и да ги исмеваат сите останати од безбедна дистанца.

Во тој судир меѓу криминалците и огромниот број граѓани со образ има две цели: прво, како држава да покажеме конкретни резултати, не само апсења за јавност, туку, изречени долгогодишни затворски казни и враќање на украденото,  и второ, да се почитува презумпцијата на невиност, што значи, луѓето да не ги осудиме во јавноста пред да ги осуди надлежниот суд.

Меѓутоа, сите наши напори ќе паднат во вода ако надлежните правосудни органи се спогодуваат со ликови за кои целата јавност знае дека со пари од народот ги имаат обезбедено и своите сѐ уште неродени деца и внуци. Теза која многумина од нас ја повторуваат со години е дека нема правда ако нема актуелни политичари во затвор за корупција, но, правда нема да има и сѐ додека се на слобода судиите и обвинителите кои носат скандалозни одлуки зад кои веројатно стојат коруптивни мотиви.

Почитувани,

Резултатите од пописот оваа година само ни потврдија дека најголемата опасност за нашата национална безбедност, останува да биде – демографијата. Во емигрантска Македонија, за жал, секогаш имало повеќе Македонци и македонски граѓани, отколку во татковината, но, поради немаштијата и невладеење на правото „белата чума” продолжува да ја десеткува нацијата. Ние можеме да ја броиме и додаваме и дијаспората и да се залажуваме дека нѐ има повеќе, но, суровата вистина е дека според проекциите на Обединетите нации до 2050-та, доколку се задржат овие трендови, во земјата ќе имаме само околу еден милион жители од двата милиони колку што бевме кога ја конституиравме државата.

Изминативе три и пол години најголемиот дел од времето го поминав во разговори со младите зборувајќи за нивните потреби и проблеми – младинскиот стандард, образованието. Бев покровител на десетина иницијативи и проекти со домашни и странски граѓански организации за поголемо младинско учество при носењето на одлуки, за операционализирање на Законот за млади, новиот предлог-закон за средно образование. И следната година истата агенда ќе остане на врвот на моите приоритети.

Меѓутоа, системот треба да функционира затоа што индивидуалните иницијативи, било чии, не се доволни. Нужно е час поскоро да постигнеме широк државен консензус и стратегија по ова прашање кое ќе ја дефинира нашата иднина многу повеќе отколку промената на Уставот.

Почитувани пратеници, почитувана јавност,

По нашиот влез во НАТО станавме цел на интензивни и организирани пропагандни кампањи за дезинформирање на јавноста во однос на виталните прашања и дилеми.

Дезинформациите од држави и ентитети кои не ни мислат добро, систематски ги манипулираат граѓаните со пласирање на погрешни информации, полувистини или комплетно фабрикувани вести за да им послужат на интересите на центри на моќ чии интереси се спротивни на нашите национални интереси.

Само два примери во таа смисла се доволно индикативни: наспроти долгата и солидна традиција од поранешна Југославија, во областа на имунизацијата против Ковид-19 не стигнавме ниту до 50% од населението,  за што, според некои анализи, делумно одговорни се дезинформациите за достапните вакцини. Сето тоа, за жал, во крајна линија нѐ чинеше здравје и животи. Или дезинформациите во однос на војната во Украина што натераа многу наши сограѓани да ја оправдуваат агресијата, заборавајќи го нашето сопствено историско искуство, кога ние, самите, не еднаш, сме страдале од поголемите соседи.

Истовремено, антизападната реторика во традиционалните и во социјалните медиуми добива на интензитет и преку неа, популистите ги манипулираат луѓето дека имаат брзи и едноставни решенија и за најсложените проблеми кои, наводно, демократските системи не можат да ги имплементираат затоа што наводно се бавни, скапи и корумпирани.

Зајакнувањето на отпорноста кон дезинформациите е комплексна задача, затоа што е потребна и системска, но и лична отпорност кон нив, а тоа не е можно беа блиска соработка меѓу државните институции, образованието, граѓанските организации и медиумите.

Во овој контекст е круцијално уште во основното и средно образование да ја развиваме медиумската писменост кај младите луѓе кои ќе научат да ги препознаваат лагите и да формираат мислење врз основа на факти. Така најлесно ќе ја препознаваат и демагогијата на автократите дека за решавање и на најтешките проблеми треба само дисциплина и цврста рака. Во скорешната историја и во  регионот и во Европа имаме доволно трагични примери на народи кои и ден денес се справуваат со последиците од деструкцијата која им ја донесоа годините на национален занес и безусловна верба во таквите лидери.

Почитувани граѓани,

Соочени со товарот на долгите и мачни транзициски години кои ги минуваме, постепено ја губиме почитта еден кон друг, а, солидарноста исчезнува од нашите животи. Додека илјадници граѓани се соочуваат со екстремна сиромаштија, ги губиме од вид оние наши сограѓани кои и во посреќни времиња се на маргините. Само два примери доволно сведочат за карактерот на времето во кои живееме: случајот со малото девојче од Гостивар кое беше изолирано од образовниот процес или ученикот од Градско кој цели две години бил предмет на малтретирање и понижување од неговите соученици.

Двата случаи ги извадија на површина сите пропусти на системот, и на централно и на локално ниво, но, уште повеќе, нашите предрасуди и нашата неподготвеност да ги почитуваме послабите и различните. Имаме вековна традиција на соживот помеѓу младите со различна етничка или верска определба, но, доколку сакаме да градиме современо демократско општество, ќе мора да ги почитуваме и оние кои се разликуваат од нас и според социјалниот статус, попреченост, родовиот идентитет, сексуалната ориентација или политичката припадност.

Почитувани,

Човек може да се бори со економски и здравствени проблеми, со бирократски препреки, но, најтешко е да се бориш со безнадежноста. Како политичари кои ја добиле довербата да ја водат државата, нашата најголема обврска и одговорност е да не ги оставиме македонските граѓани без надеж за подобра иднина.

Да ви посакам во 2023-та да имате здравје и среќа, и вие и вашите најблиски, Да си посакаме догодина да живееме барем малку подобро, затоа што нашите граѓани тоа сигурно го заслужуваат.

Да сте сите живи и здрави и да ни е вечна државата.

Ви благодарам!