26/11/2024
Македонија

Одлука за електронски картички (М-Смарт Кард) за ослободување од надомест за патарини за туристите од Србија

Владата на Република Северна Македонија денеска ја одржа редовната 72-ра седница со повеќе точки на дневниот ред од својата програма за работа и од интерес на граѓаните.

На седницата, Владата донесе Одлука за престанување на важноста на мерката со која сите домашни и странски физички лица – патници од земјите од Африканскиот континент и Федеративната Република Бразил, кои влегуваат на граничните премини на територијата на Република Северна Македонија, задолжително да се упатуваат во 14-дневна изолација (карантин) односно оваа мерка да продолжи да се применува само за странски физички лица – патници од Република Индија.

На седницата, министерот за здравство Венко Филипче информираше дека во однос на епидемијата од КОВИД-19, бројот на дијагностицирани и хоспитализирани лица е намален и следствено на тоа се затворени дел од Ковид-центрите. Филипче во однос на постапката за масовна вакцинација на населението, информираше дека процесот на набавка на вакцини и вакцинација на населението се одвива добро, најавувајќи отворање на два дополнителни пункта за имунизација во Велес и Прилеп.

Владата денеска усвои измена на уредба со која се продолжува рокот за аплицирање за финансиска поддршка во земјоделството за 2021 година од 31 мај, на 30 јуни 2021 година со цел да се овозможи сите земјоделски стопанства да аплицираат за финансиска поддршка. Воедно се прави измена и се намалува бројот на пчелни семејства од 15 пчелни семејства на 5 пчелни семејства за производители кои имаат ограничени услови на производство.

Меѓу другото, беше разгледана и усвоена Информацијата за завршени преговори за потпишување Меморандум за соработка помеѓу Словачката амбасада во Република Северна Македонија и Владата на Република Северна Македонија, претставувана од Министерството за информатичко општество и администрација, при што беше донесена одлука, ресорниот министер да го потпише Меморандумот.

Меморандумот се однесува на имплементацијата на проектот „Трансфер на знаење за дигитализацијата во јавната администрација во земјите од Западен Балкан“, финансиран од СловакАид – Официјална развојна помош на Словачката Република и содржи конкретен план за обуки и нотирани институции, кои ќе делегираат свои членови да учествуваат во истите.

На седницата се разговараше и беше прифатена Информацијата за потпишување на Заедничката декларација од страна на Северна Македонија за имплементација на Агендата за Западен Балкан за иновации, истражување, образование, култура, млади и спорт, при што беше прифатен текстот на Декларацијата и беше донесено овластување, министерките за образование и наука Мила Царовска и за култура Ирена Стефоска да ја потпишат.

Со потпишување на овој документ се прифаќа помошта што ја нуди Европската Унија за економски раст, нови работни места и имплементација на  реформи потребни за поддршка на регионот за Европска перспектива и интензивирање на заложбата на сите нивоа за трансформација на политички, економски и социјален план.

Агендата ќе придонесе за социјален и економски развој и регионална соработка, врз основа на целосна поддршка од страна на Европската Унија за брз рестарт на економијата во регионот во процесот на пристапување кон ЕУ, врз основа на воспоставениот амбициозен Економски и Инвестициски План од страна на Европската комисија, за регионот, за поддршка на заедничката зелена и дигитална транзиција, со предлог за издвојување на 9 милијарди евра од ИПА 3 за периодот 2021-2027, вклучувајќи ја гаранцијата за Западен Балкан со амбиција потенцијално да се зголемат вложувањата до износ од 20 милијарди евра.

Членовите на Владата денеска го утврдија Предлог-законот за ратификација на Договорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Француската Република, кој се однесува на основањето и на активностите на Француската Агенција за развој (ФАР), на Пропарко и на Експертиза Франција во Република Северна Македонија.

Со ратификацијата на Договорот, со кој се утврдуваат правилата што ќе се применуваат за основање и за активности на Групацијата ФАР и на Експертиза Франција во Република Северна Македонија и со кој се дефинираат правните, даночните и финансиските услови кои се применуваат за статусот и за активностите на Групацијата ФАР и на Експертиза Франција во земјата и начинот на нивно работење се овозможува уредување на основањето на претставништво со цел, унапредување на економската и финансиската соработка преку што и се создава можност за поблиска билатерална соработка меѓу Република Северна Македонија и Француската Република во наредниот период особено преку работата на претставништвото на ФАР.

Основната дејност на Претставништвото е да   обезбеди субвенции,  долгорочни заеми и гаранции,  да доделуваат финансиска помош на Република Северна Македонија, на единиците на локалната самоуправа, на јавните и приватните претпријатија односно трговски   друштва,  согласно овој договор и националното законодавство на нашата држава.

Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за основање на меѓу-институционална работна група заради унапредување на договорната соработка, во која членуваат претставници на органите на државната управа во Република Северна Македонија и од самостојните органи на државната управа кои што учествуваат во усогласување на меѓународни договори чија основна задача ќе биде координација и поддршка на активностите насочени кон склучување и влегување во сила на меѓународните договори заради зголемување на договорната соработка со другите субјекти на меѓународното право. Целта е, придонесување кон финализирање и склучување на меѓународните договори за кои е иницирана постапка за усогласување и унапредување на соработката на Република Северна Македонија во различни области, што ќе придонесе кон зголемување на угледот на Република Северна Македонија во меѓународните односи.

Во насока на ветувањето за ослободување на плаќање патарина во земјава на српските државјани за време на летната сезона Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата  изготвена од Јавното претпријатие за државни патишта и Министерството за транспорт и врски, а во врска со изготвување на електронски картички (М-Смарт Кард) за патнички моторни возила на туристи од Република Србија кои би транзитирале на Коридор 10 за време на летната сезона во периодот од 15.06.2021 до 15.08.2021 година. Во оваа насока е задолжувањето на Министерството за финансии да префрли средства во износ од 172.000.000,00 денари за набавка на 200.000 М- Смарт Кард на сметката на Владата, а  ЈП за државни патишта да изврши сукцесивна испорака на предвидените количини на М- Смарт Кард. Се задолжува Јавното претпријатие за државни патишта, откако ќе заврши проектот, во случај на неискористени средства, истите да ги врати на сметката на Буџетот на Република Северна Македонија – Влада на Република Северна Македонија.

Министерството за внатрешни работи е задолжено за распределба на електронските картички на возилата со српски туристи кои ќе влегуваат на територијата на Република Северна Македонија преку Граничниот премин Табановце.

Владата денеска на предлог на Министерството за здравство ги разгледа и усвои Информацијата за укинување на Решението за давање на одобрение за одгледување на канабис за медицински цели на Друштвото за производство, трговија и услуги „ПХАРМА ЕУ ЛЛЦ“, увоз-извоз, ДООЕЛ Битола – Подружница „ПХАРМА ЕУ ЛЛЦ“- Прилеп, како и Информацијата за укинување на Решението за давање на одобрение за одгледување на коноп за медицински цели на Друштво за производство, трговија и услуги „МЕДИЦАЛ 420“, увоз-извоз, ДОО Битола.

Притоа, беа донесени Одлуки за престанување на важењето на одлуката за давање согласност на Решенијата за давање на одобрение за одгледување на канабис за медицински цели на Друштвото за производство, трговија и услуги „ПХАРМА ЕУ ЛЛЦ“, увоз-извоз, ДООЕЛ, Битола – Подружница „ПХАРМА ЕУ ЛЛЦ“- Прилеп и Друштвото за производство, трговија и услуги „МЕДИЦАЛ 420“, увоз-извоз, ДОО Битола.  

Во рамки на точката кадровски прашања, на предлог на Комисијата за именување денеска Владата го именуваше Филип Андов, за директор на КПУ „Затвор-Скопје“, а Даниел Антоски, за директор на ВПУ „Воспитно поправен дом-Тетово“, по објавени јавни огласи и уредно разгледани апликации.

На денешната седница беше донесена Одлука, за обезбедување на финансиска поддршка од 2 милиони денари на барање на Националната установа- „Охридско лето“, за одржување на Фестивалот „Охридско лето“, манифестација под покровителство на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија.

Владата на Република Северна Македонија на редовната 72-ра седница ја разгледа и усвои Информацијата во врска со потребата од раскинување на Договорот за групна набавка од 28.2.2020 година и Договорот за набавка на услуги – одржување на софтвер за полагање испити на државните институции склучен со друштвото „Инвока гроуп“,  ДООЕЛ од 11.8.2020 година склучен со „Инвока гроуп“, ДООЕЛ-Скопје.

Притоа беше задолжен  Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија да го раскине Договорот за набавка на услуги – одржување на софтвер за полагање испити на државните институции склучен со друштвото „Инвока гроуп“, ДООЕЛ-Скопје, со задолжение согласно Законот за јавни набавки да се побара од Бирото за јавни набавки согласност за спроведување на постапка со преговарање без јавен оглас и да склучи договор со оператор со времетраење до завршување на редовната постапка за јавна набавка и склучување на нов договор за набавка на услуги – одржување на софтвер за полагање испити на државните институции.

Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија, беше задолжен по раскинување на Договорот да започне со редовна постапка за јавна набавка на услуги – одржување на софтвер за полагање испити на државните институции и да склучи нов Договор за групна набавка  и да ги извести: Министерство за правда, Министерство за внатрешни работи, Министерство за економија, Министерство за транспорт и врски, Министерство за труд и социјална политика, Министерство за животна средина и просторно планирање, Комисија за хартии од вредност на Република Северна Македонија, Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, Царинска управа, Агенција за катастар на недвижности, Инспекциски совет и Академија за судии и јавни обвинители, дека договорот со „Инвока гроуп“, ДООЕЛ Скопје е раскинат и за постапката по заклучоците да ја информира Владата на Република Северна Македонија.

Владата денеска дискутираше и за дел од актуелните теми, меѓу кои беше и Одлуката на Уставниот суд, кој на денешната седница по иницијативата за оценување на уставноста, го укина членот 163 од Законот за банки, според кој Фондот за осигурување депозити, кој е создаден за да се гарантира исплатата на штедните долгови до 30.000 евра, е прв што ги наплаќа побарувањата кога една банка ќе пропадне.

Со укинувањето на членот е создаден правен вакуум и потребно е донесување на нов Закон кој ќе го дефинира јавниот интерес, заклучија членовите на Владата. Беше донесен заклучок, Министерството за финансии во рок од 15 дена да подготви измени и дополнувања на Законот за банки, со цел пополнување на правната празнина и обезбедување еднаква заштита на штедачите, согласно европските закони кои се почитуваат во државата.