Одлука за замрзнување на цената на белиот и полубелиот леб до 33 денари; Одлука за укинување на субвенционираната енергија за потрошувачи од прехранбената индустрија
Владата на Република Северна Македонија ја одржа 132-та седница.
Владата донесе Одлука за определување највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало. Со оваа одлука се определуваат највисоките цени во трговијата на мало на леб, бел и полубел (сечен на парчиња, или цел).
Највисоките цени на производите, според предлогот од Министерството за економија, се утврдуваат во висина на цена којашто изнесува 33 денари по леб, со тежина којашто изнесува 450 грама и повеќе, а со тежина под 450 грама, се утврдува висина до 33 денари по леб, односно цена што ќе биде во сооднос со тежината на лебот.
Вака утврдените највисоки цени на производите, со оваа Одлука е предвидено да се применуваат до 31 мај 2023 година.
Во образложението од Министерството за економија е посочено дека, во најголем дел, производителите на пекарски производи, веќе три месеци се корисници на субвенционирана струја, а намалувањето на цените на белиот леб не е на соодветно ниво, поради што е оценето дека треба да има ограничувања на цени на посочените видови леб.
Владата донесе и Одлука за престанување на важењето на Одлуката за преземање на мерка во услови на постоење кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија.
Со оваа одлука, престанува да важи Одлуката за преземање на мерка во услови на постоење на кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.232/22 и 247/22). Оваа одлука беше донесена на седница на Владата одржана на 30 октомври 2022 година и со неа се овозможи одредени потрошувачи на електрична енергија, физички и правни лица, од областа на прехрамбената индустрија, во услови на постоење на кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија, да можат да склучат договори за снабдување со електрична енергија со ЕСМ Продажба ДООЕЛ, Скопје по цена од 80 евра/MWh, заради заштита на животниот стандард.
По извршените проверки од Државниот пазарен инспекторат, според информацијата од Министерството за економија, иако потрошувачите добиваа субвенционирана електрична енергија, тие не ги намалиле цените на своите производи, или ги намалиле незначително, иако дополнително, цените на берзите на електрична енергија во регионот имаа своевиден пад.
Денешната Одлука на Владата за престанување на важењето на Одлуката за преземање на мерка во услови на постоење кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија, влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Владата, на денешната седница, ја разгледа и усвои Информацијата за повторно отворање на дописнички места на Акционерско друштво „Медиумска информативна агенција“ – Скопје и за продолжување на соработката со соработници во неколку градови. Владата ја задолжи Службата за општи и заеднички работи при Владата, во координација со Министерството за финансии, со ребаланс на Буџетот во текот на 2023 година, да обезбедат средства за непречено функционирање на дописничките места.
На предлог на Министерството за одбрана, на денешната седница се донесени неколку одлуки.
Владата донесе одлука за изведување вежбовна активност „CMX 23“ во Република Северна Македонија, којашто претставува НАТО вежба за управување со кризи. Целта, според информацијата од Министерството за одбрана е тестирање на елементите на НАТО системот за одговор на кризи во насока за одржување и подобрување на националните и капацитетите на НАТО Алијансата во целокупниот спектар на НАТО предводени операции.
Владата ја разгледа и ја усвои Информацијата за влегување и престој на странски вооружени сили на територијата на нашата држава заради изведување на „обука во блиска воздушна поддршка со воздухоплов (Хеликоптер UH-60) на вооружените сили на Соединетите Американски Држави од мисијата „КФОР“ – Косово и донесе Одлука за влегување и престој на странски вооружени сили на територијата на Република Северна Македонија, заради учество на обука во блиска воздушна поддршка со воздухоплови на вооружените сили на Соединетите Американски Држави на Армискиот полигон „Криволак“.
Донесена е и Одлука за испраќање припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „CMX 23 (Crisis Management Exercise)“ во Кралството Белгија.
Денешната владина седница е прва во состав со четворицата нови министри во Владата: за правда, Кренар Лога; за здравство, Фатмир Меџити, за информатичко општество и администрација, Азир Алиу и за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова.
Претседателот на Владата, Ковачевски им посака успешна работа на новите министри и изрази очекување за успешно справување со предизвиците во нивните ресори.
Pingback: Празни рафтови кај лебот со замрзната цена – WebOhrid