23/11/2024
Македонија

Одлука на Влада за спроведување на кампања од јавен интерес за референдум за прашањето „Дали сте за членство во НАТО и ЕУ со прифаќање на договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?”

По потпишувањето на Конечниот договор за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратешко партнерство помеѓу министрите за надворешни работи на Република Македонија и Република Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, како и после поканата на Македонија за започнување на пристапните преговори за членство во НАТО, и после определениот датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ, распишан е референдум во Република Македонија, со цел граѓаните да одлучат дали се за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција. 

Имајќи предвид дека членството на Република Македонија во Европската Унија и во НАТО е стратешка определба на државата, а со решавање на долгогодишниот спор со соседна Република Грција пречките за натамошна интеграција се отстранети, Владата на Република Македонија носи одлука да спроведе процес на планирана јавна комуникација од јавен интерес – кампања за референдумот. 

Кампањата за референдумот ќе се спроведе со цел споделување информации од јавен интерес за граѓаните/гласачите во Република Македонија, околу содржината на Договорот со Грција, придобивките од интеграцијата на Република Македонија во  НАТО и ЕУ и планот по кој земјата ќе се движи кон Алијансата и кон Унијата.

Во планирањето и спроведувањето на информативната кампања за референдумот, Владата на Република Македонија ќе работи транспарентно и отчетно, согласно следните стандарди за јавни комуникации од интерес на јавноста:

● Релевантност – согласно владините надлежности, приоритетни политики и одговорности:Конкретните информации кои се споделуваат треба да бидат од директна и суштинска надлежност на Владата и согласно Стратешките приоритети на Владата. Соодветно и неопходно е Владата да има можност да ги објаснува и образложува сопствените политики и одлуки и кога е неопходно, да ја информира, да и укажува, сугерира или предупредува јавноста.

● Објективно и информативно комуницирање: Комуникацијата треба да биде објективна и објаснувачка, и да не биде пристрасна или полемична. Комуникацијата во никој случај не смее да содржи неточни информации, говор на омраза или лични дискредитации. Владините информации или активности поврзани со публицитет треба секогаш да бидат насочени кон информирање на јавноста, дури и кога тоа исто така има задача да влијае на однесувањето на поединци или на одредени групи (на пример: пораки поврзани со стратешките интереси на Република Македонија или пораки поврзани со здравјето и безбедноста на граѓаните).

● Непартиски комуникации: Несоодветно е да се оправдуваат или бранат политики со користење пораки кои се типични за политичките партии, да се користат партиски слогани, да се промовираат партиски активности, или директно да се напаѓаат политики и мислења на опозициски партии и групации (иако можеби некогаш ќе биде неопходно да се одговори на истите на конкретен и коректен начин). Имајќи го предвид политичкиот повеќепартиски систем во Република Македонија, можно е определена добро воспоставена јавна кампања да создаде политички кредит или штета за партиите од власта или од опозицијата, но ова не смее да биде ниту директна ниту индиректна цел на владините информации или јавни активности кои се платени со јавни пари.

● Пропорционалност и рационалност – Соодветно искористување на ресурси кое ќе гарантира дека трошокот на јавните ресурси (финансиски, материјални, човечки) е ефективен за информирање или влијаење врз однесувањето на граѓаните, кое е од јавен интерес: Каналите низ кои се споделуваат информациите со јавноста треба да бидат организирани на економичен и соодветен начин, а за трошењетo на јавните пари треба да се известува. Владата е отчетна кон граѓаните и  Парламентот за тоа на кој начин ги користи државните службеници или други јавни ресурси или расходи. Информативните кампањи од јавен интерес на Владата треба да се натпреваруваат за внимание од јавноста со други активности на публицитет односно со другите кампањи во општеството. За да бидат ефективни, тие треба да бидат презентирани на професионален начин т.е. на начин со кој јавноста добива јасна порака. Притоа, недозволива е лоша презентација што може да предизвика  неефикасно трошење на јавни средства, без да се постигнат очекуваните резултати. Би било контрапродуктивно ако степенот на трошење на средствата за јавна кампања го попречи комуницирањето на пораките кои што треба да се пренесе. Неопходно е и ќе биде реализирано прецизно планирање на целите, мерките и системот за евалуација – на секоја комуникација која вклучува трошоци на ресурси со цел да се осигура ефективност и резултати во реализација.

Во процесот на спроведување на информативната кампања за референдумот, владините службеници за комуникации и односи со јавност, како и за секоја друга официјална владина комуникација, ќе работат согласно стандардите и кодексот на однесување во рамки на Закон за административни службеници и Етички кодекс на административните службеници, како и согласно универзалните принципи на: интегритет, чесност, објективност и непристрасност.