23/11/2024
Македонија

Од 81 седница на Владата на РМ: Шест милиони денари помош за Грција за справување со пожарите; Одлука за остварување на договорениот откуп на произведената пченица од род 2018 година; Се зголемува коефициентот за работа ноќе и за дежурства во здравството

Владата на Република Македонија денеска ја одржа својата редовна 81 седница со повеќе точки на дневен ред кои се од интерес на Република Македонија и граѓаните.

Како приоритетни мерки, Владата на Република Македонија на денешната седница донесе одлука да испрати финансиска помош во висина од шест милиони денари до Владата на Република Грција за справување со катастрофалните пожари што овие денови ја зафатија пошироката околина на главниот град Атина. Дополнително, Владата донесе одлука да формира координативно тело кое на дневно ниво ќе ја следи состојбата и ќе координира соодветна хуманитарна помош, што ќе се договори како потреба со надлежните институции во Грција и со градот Атина.

Владата денеска донесе одлука за финансиска помош во иста висина, од шест милиони денари, да биде испратена и до Владата на Јапонија за поддршка во справувањето со последиците од земјотресот што неодамна ја погоди оваа земја.

На денешната седница Владата на РМ ги задолжи Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Кабинетот на Заменикот на претседателот на ВРМ задолжен за економски прашања и Министерство за економија, да ги достават до Секретаријатот за европски прашања првите верзии на акциските документи за спроведување на ИПА 2019 Програмата, најдоцна до крајот на септември 2018 година.

Владата на својата седница денеска ја разгледа и информацијата за листата на државни проекти за претстојните повици за Техничка помош и инфраструктурни грантови преку инструментот Инвестициска рамка за Западен Балкан која обединува финансиски средства од повеќе фондови. 

Владата денеска ја разгледа и ја усвои и измената на Предлог-програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2018, заедно со Предлог-уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања. Со оваа програма и со новата уредба, кои се предложени заради воведување на нова подмерка – Директни плаќања за откупена пченица од род 2018 од домашно производство, се очекува остварување на договорениот откуп на произведената пченица од род 2018 година и ќе се подобри конкурентноста на домашната мелничка индустрија. 

Владата на Република Македонија ја усвои Информацијата во врска со можните решенија за транспонирање на Регулативата 347/2013 за трансевропска енергетска инфраструктура, и го задолжи  Министерството за транспорт и врски веднаш по усвојувањето на оваа информација да формира работна група со претставници од Кабинетот на заменик претседателот на Владата на Република Македонија, Министерството за транспорт и врски, Министерството за економија, Министерството за финансии и Министерството за животна средина и просторно планирање, која треба да изготви предлог текст на Законот за енергетски инвестициски проекти од стратешки интерес на Република Македонија.

Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за вториот Извештај на ГРЕКО за усогласеност на Република Македонија – четврт круг на евалуација – на тема: Превенција на корупцијата кај членовите на Собранието, судиите и јавните обвинители за периодот 2013-2015 година, и го задолжи Шефот на Делегацијата на Република Македонија во ГРЕКО да подготви Акционен план за имплементација на преостанатите препораки од четвртиот круг на евалуација и истиот да го достави до Министерството за правда во рок од 10 дена од усвојувањето на оваа Информација.

Истовремено, Владата на РМ го задолжи Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија да формира Работна група предводена од Шефот на Делегацијата на Република Македонија во ГРЕКО која ќе подготви  Насоки за имплементација на одредбите од „Етичкиот кодекс на членовите на Владата на Република и носителите на јавни функции именувани од Владата на Република Македонија“ согласно барањата од петтиот круг на евалуација на ГРЕКО до 20 септември 2018 година. Владата ги задолжи и Министерството за внатрешни работи и Министерството за информатичко општество и администрација да подготват Насоки за имплементација на одредбите од етичките кодекси кои се во надлежност на овие институции (Кодекс на полициска етика, Кодекс за административни службеници) до 20 септември 2018 година.

На денешната седница е разгледана и усвоена „Информацијата за Национален план за управување со квалитет во јавниот сектор во Република Македонија за периодот 2018-2020 година“. 

Имплементацијата на Националниот план за управување со квалитет во јавниот сектор во Република Македонија за периодот 2018-2020 година ќе изврши големо позитивно влијание врз целокупниот систем на јавна управа и ќе придонесе кон постигнувањето на модерна, ефикасна и професионална администрација и подобри услуги за граѓаните. 

Ваквите иницијативи и модерни практики во примената на меѓународните стандарди за квалитет во управувањето се очекува во иднина да бидат интегрирани во сите владини политики и да станат императив во сите јавни институции.  

Владата ja разгледа и усвои Информацијата за склучување Анекс за изменување и дополнување на  Поединечниот колективен договор за плата, други права по основ на плата и надоместоци на плата, заради зголемување на коефициентите за додаток на плата за работа ноќе и дежурства на  вработените во Јавната установа од областа на здравството за потребите на јавните здравствени установи, универзитетски клиники, Завод и ургентен центар – Скопје.

Предложениот Анекс е во смисла дека примената на Колективниот договор ќе започне од наредниот месец од денот на потпишувањето на Анексот), а Јавната установа средствата ќе ги обезбеди во рамки на сопствениот буџет.

На денешната седница е разгледана и усвоена Предлог-одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите. Целта на оваа Предлог-одлука е прераспределба на средства помеѓу буџетски корисници за да се обезбедат средства за спроведување на референдум на државно ниво во 2018 година, откако одлуката за референдум ќе биде донесена.

Владата на Република Македонија денеска на својата редовна 81 седница ja усвои Информацијата на Работната група задолжена за испитување на можноста за воведување на алтернативни горива во индустриските капацитети (постројки) во Република Македонија со посебен акцент на РДФ горива, односно горива што се добиваат од отпадот. На седницата е усвоен заклучок Работната група да подготви текст на Меморандум за соработка помеѓу Владата на Република Македонија, компаниите кои се дел од индустрискиот сектор и институции кои позитивно одговориле на барањето за соработка во областа на воведување на РДФ/СРФ гориво во термоенергетските објекти во Република Македонија, и да го достави предлог-текстот на Меморандумот до 15.09.2018 година.