Олабавување на рестриктивните мерки за спречување на ширење на коронавирусот
Владата на Република Северна Mакедонија ги усвои препораките на Главниот координативен кризен штаб за справување со КОВИД-19 (ГККШ) на денешната седница и ги донесе следните заклучоци:
да се започне настава со физичко присуство на факултетите во земјата со почитување на препорачаните превентивни мерки за превенција од коронавирус КОВИД-19, задолжително носење заштитни маски во затворен простор, одржување на физичко растојание 1-2 метри, зачестена хигиена на рацете со задолжителна дезинфекција пред влезовите во предавалните, амфитеатрите, вежбалните, односно негрупирање и често проветрување на затворените простории, со препорака за вакцинација на студентите и наставниот кадар на факултетите во државата.
Посетување на наставата во основните училишта да се одвива без маски за учениците, освен ако учениците по сопствена волја не бараат да носат заштитна маска. За наставниците и останатите вработени во училиштата останува обврската за носење маски.
Да се зголеми максималната исполнетост на капацитетот на отворен и затворен простор од досегашниот најмногу до 50%, на најмногу до 75%, со задолжително носење на заштитни маски за културни настани. Театри, кина, филхармонија, како и семинари, обуки, состаноци, конференции и слично.
Да се укине обврската за обезбедување редарски служби во економските оператори.
Да се укине мерката за задолжително поседување сертификат/потврда (за извршена имунизација (вакцинација), односно примени две дози на вакцина против КОВИД-19 или сертификат/потврда за прележан КОВИД-19 во последните 180 дена, сметајќи од денот на оздравувањето) за посета на угостителски објекти на отворено. За затворените делови останува обврската за задолжително поседување на сертификатите за вакцинација или за прележаност.
Согласно актуелната епидемиолошка состојба, прифатено е барањето на Министерството за внатрешни работи, полицијата и армијата да продолжи со обезбедувањето на КОВИД центрите и вакциналните пунктови, а да престане надворешното физичко обезбедување на одделни КОВИД капацитети во Скопје и другите градови на државата.
Владата на Република Северна Македонија го разгледа и прифати и Националниот акциски план за заштита, промоција и исполнување на човековите права на жените и девојчињата Ромки 2022-2024., на предлог на Министерството за труд и социјална политика.
Согласно Уставот на Република Северна Македонија сите граѓани се еднакви, независно од нивната етничка, верска, полова или каква било друга определба. Република Северна Македонија посебно внимание посветува на вклучувањето на родовата перспектива во политиките од сите сфери на општествено дејствување и заедно со невладиниот сектор се насочени кон промоција и поддршка на родово чувствителниот приод во процесот на донесување одлуки на сите нивоа, како и во зајакнувањето на општествената и политичката претставеност на жените во сите сфери на општеството.
Напорите кои се вложуваат во унапредувањето на статусот на жената Ромка, произлегуваат од Стратегијата и Националните акциони планови за Ромите во Северна Македонија, како и од посебниот Акциски План за жената Ромка.
Владата ја разгледа и Информацијата во врска со Планот за производство на АД „Електрани на Северна Македонија“ во државна сопственост за период од 1-15 април 2022 година.
Донесена е одлука за продолжување на мерката со која дополнителните количини на електрична енергија во износ од 160 МW ќе се обезбедат од домашно производство, односно од Друштвото за производство на електрична и топлинска енергија „ТЕ-ТО“ АД Скопје, кое ќе работи седум дена во неделата во периодот од 00:00 часот наутро до 24:00 часот со полна моќност, во периодот од 1 април 2022 година до 15 април 2022 година.
Согласно оваа мерка, АД „Електрани на Северна Македонија” – Скопје ќе ја откупува целокупната произведена електричната енергија на Друштвото за производство на електрична и топлинска енергија „ТЕ-ТО“ АД Скопје, согласно правата и обврските меѓусебно утврдени со склучен Договор за купопродажба на електричната енергија.
На денешната седница Владата ја донесе Уредбата за изменување на Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежно земјиште.
Со Уредбата за изменување на Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежно земјиште, чиј преглед за висина на надоместот за приватизација на градежното земјиште, се заменува со нов Преглед.
Предвиден е повисок износ на надомест (30 пати поголем од до сега предвиденото) за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост со намена: предвидено колективно домување со актите за планирање на просторот кое не е реализирано, комерцијални, деловни, стопански, производни и објекти наменети за спорт и рекреација.
Предложената измена се врши поради зголемената пазарна вредност на градежното земјиште во однос на вредноста на градежното земјиште во 2005 година, кога стапи во сила Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост.
На денешната седница, министрите го разгледаа и усвоија Предлогот за воспоставување на нови кредитни производи согласно економските мерки на Владата за заштита на потрошувачите и компаниите погодени од енергетската и економската криза, преку Развојната банка на Република Северна Македонија.
Владата го разгледа и усвои текстот на Предлог-законот за ратификација на Спогодбата помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Советот на министри на Република Албанија за взаемно признавање на одобренија за овластен економски оператор – безбедност и сигурност (ОЕОС).
Спогодбата е со цел да се овозможи олеснување на трговијата за економски развој и воспоставување поблиски трговски односи. Спогодбата се применува на овластени економски оператори (ОЕО), кои добиле одобрение според Програмите за ОЕО на двете држави.
На предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство беше усвоена Предлог-Програмата за изменување на програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2022 година со цел прилагодување на делот со кој се уредуваат активностите за учество на саеми и саемски манифестации вон Република Северна Македонија, во соработка со економските и социјалните партнери на ресорното министерство.
Исто така, Владата ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од склучување на договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Советот на Министри на Република Албанија, Советот на Министри на Босна и Херцеговина, Владата на Црна Гора, Владата на Република Србија и Владата на Република Словенија во врска со аранжманите на земјата домаќин за статусот на Постојаната организација на Балканските медицински наменски сили (БМНС) и нејзиниот персонал.
Во оваа насока беше прифатен текстот на договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Советот на Министри на Република Албанија, Советот на Министри на Босна и Херцеговина, Владата на Црна Гора, Владата на Република Србија и Владата на Република Словенија во врска со аранжманите на земјата домаќин за статусот на Постојаната организација на Балканските медицински наменски сили (БМНС) и нејзиниот персонал, со овластување министерката за одбрана Славјанка Петровска, во име на Владата на Северна Македонија да го потпише Договорот.
На денешната седница беше разгледана и усвоена првата Стратегија за развој на верскиот туризам и поддршка на активните манастири 2022-2026, предложена од Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ).
Со Стратегијата се определуваат правците на развојот на верскиот туризам, кој директно ќе влијае на: зголемувањето на туристичкиот прилив од домашните и од странските туристи, засилување на верските туристички потенцијали и туристичките агенции кои работат во оваа област, засилување на соработката на верските заедници во државата и подобрување на економската состојба на државата.