Оперативниот план за 2020 година презентиран пред стопанските комори, синдикатите и работодавачите
Заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања Мила Царовска, дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ, директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска и постојаната преставничка на УНДП во Северна Македонија Нарине Сахакјан денеска пред преставници на синдикатите, стопанските комори, работодавачите и меѓународните партнери го презентираа Оперативниот план за 2020 година.
Вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска потенцираше дека со активните програми и мерки се обезбедува поголема вработливост за сите невработени лица во Република Северна Македонија, стимулиријаќи ги невработените да се преквалификуваат или доквалификуваат, како и компаниите да ги апсоорбираат овие невработени лица и да ги вклучат во пазарот на трудот.
„За Оперативниот план оваа година обезбедивме 1,4 милијарди денари, од кои 1,3 милијарди денари се од државниот буџет, додека останатите финансиски средства се обезбедени од партнерските организации (UNDP, EU, UNOPS, ILO, SDC), кои постојано ја поддржуваат државата да инвестира во активни мерки за вработување. Благодарение на оваа рекордна сума, очекуваме оваа година да бидат вклучени речиси 12 илјади невработени лица, односно 11.761 лице. Во 2020 година продолжува трендот на инвестирање во невработените лица од кои очекуваме да развијат претриемачки дух. Се покажа дека стартувањето на овие микро бизниси од невработените лица се навистина одржливи, во 2020 година очекуваме да поддржиме 1.364 микро бизниси, за кои одвојуваме 447 милиони денари, за да невработените лица се самовработат, а ако понатаму се развиваат да бидат вработувачи на други невработени лица. Очекувањата за воспоствување на што повеќе микро бизниси се базираат на реалност, ако се земат во предвид формираните претријатија преку мерката Самовработување во изминатите две години, 93% од основаните компании во 2017 година се сеуште живи, додека од компаниите формирани во 2018 година, 99% се сеуште активни“, рече вицепремиерката Царовска.
Нарине Сахакјан, Постојана претставничка на УНДП коишто се едни од партнерите во имплементацијата на Оперативниот план истакна дека овие мерки и програми се многу значајни за зголемување на вработливоста на сите граѓани посебно на најранливите.
“Во партнерство со Владата, Програмата за развој на Обединетите нации ќе реализира неколку програми и мерки со цел јакнење на претприемништвото и поттикнување на одржливи вработувања и креирање на нови работни места, фокусирајќи се на младите, иновациите, но и на ранливите категории на граѓани“, истакна Сахакјан, Постојана претставничка на УНДП.
Дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политка Санела Шкријељ, посочи дека особен фокус во Оперативниот план и во програмите што ги носи Владата се младите и подеднаквата застапеност на жените и мажите.
„ Со поддршка на ЕУ во оперативниот план за годинава е предвидена опфатеност на 1.200 корисници на гарантиран минимален приход. Ќе се активираат најработоспособните во семејствата со што корисниците на социјална помош нема трајно да останат во системот на социјална заштита, туку ќе се извлекуваат преку вработувањата. Мерките од досегашните оперативни панови даваат резултат, а показател за тоа е намалувањето на стапката на невработеност кај младите лица, којашто изнесува 35,3% споредено со 2016 кога беше 48,6%. Ова ни дава поттик и понатаму да креираме мерки кои ќе придонесат за зголемување на вработувањето на младите лица. Со малдинскиот додаток на секое младо лице до 23 години кое е вработено и самовработено во компанија со претежно производствена дејност или како индивидуален земјоделец, преку центрите за вработување ќе му се исплаќа месечен надоместок од 3.000 денари. Со ова, од една страна сакаме да обезбедиме подобро платени работни места за младите лица со завршено средно образование, од друга страна да одговориме на потребите на компаниите и барањата на пазарот на труд“, рече Шкријељ.
Директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска рече дека Агенцијата е потполно подготвена за успешна имплементација на Оперативниот план за 2020 година.
„Оваа година ќе имплементираме обуки кај работодавачи, обуки за стручни квалификации, за занимања, за возачи, за претриемништво и за ИТ вештини. Обуките се однесуваат за оние дефицитарни занимања, за да им се излезе во пресрет на работовачите и невработените лица. Практиканството е мерка која ја побаруваа и компаниите и невработените, а во 2020 година планиран е опфат од 1.575 лица со буџет од 46 милиони денари. И покрај тоа што немаа обврска, треба да споменеме дека околу 50% од практикантите беа задржани кај работодавачите и по завршување на процесот на практиканство“, нагласи директорката Јовановска.