22/11/2024
Македонија

Османи, Дураку и Макрадули на донаторска конференција за поддршка на владината програма за намалување на аеро-загадувањето

Денеска во Владата на Република Македонија се одржа донаторски состанок на кој беше презентирана владината програма за намалување на аеро-загадувањето на кој се обратија Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, Министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураки, како и раководителот на интер-ресорската група за справување со загадувањето, Јани Макрадули.

Вицепремиерот Османи најнапред изрази огромна благодарност за интересот на донаторите во земјава, при што потенцирање дека денешниот донаторски состанок посветен за презентација на владината програма за намалување на аеро-загадувањето претставува одлична можност за нив, бидејќи директно се посочуваат местата каде тие ќе можат најпрецизно и најефективно да интервенираат со своите донаци.

„Аеро-загадувањето претставува еден од најкомплексните, најсложени предизвици со кој се соочува Владата, за кој нема магични ад-хок решенија, туку напротив, само преку стабилна одржлива и долгорочна стратегија може да се справиме со овој предизвик“ – истакна Османи, посочувајќи дека се работи и за многу скап процес, за кој очекува суштинска поддршка и од бројните донатори во насока на забрзана имплементација на Владината програма.

Министерот за Животна средина и просторно планирање, Садула Дураку, ја потенцираше ургентноста на предизвикот, посочувајќи дека изминатава декада, неколку градови од земјава, особено Скопје, Тетово и Битола се меѓу 10те најзагадени градови во земјава. Дураку потенцираше пред донаторите дека Министерството веќе работи со неколку донатори на повеќе иницијативи, и дека очекува програмата на Владата да ги покаже првичните резултати во следните две години, како основа за изградба и на долгорочната стратегија за целосно справување со овој проблем. „Мерките за кои сега бараме средства треба да обезбедат намалување на загадувањето во големите градови и до 50%, што е вистински репер за проверка на успешност на оваа програма, како и основа за нејзина надградба во долгорочна стратегија“ истакна Дураку.

На конференцијата Владиниот план го претстави раководителот на интерсекторската работна група за справување со загадувањето, Јани Макрадули, посочувајќи на преземените мерки во анализата на причинителите, како и понудените активности за нивна имплементација. „Успехот во справувањето со овој предизвик зависи и од ширината на спроведувањето на мерките, интензитетот, што, пак, во голема мера ќе зависи и од можноста да обезбедиме што е можно повеќе средства за оваа намена”- додаде Јани, посочувајќи прецизно на деловите и активностите предвидени во Владината програма, каде донаторските средства би имале најголем ефект.

На донаторската конференција беа усвоени заклучоци за координација на странската помош наменета за справувањето со аерозагадувањето, како и интензивирање на комуникацијата со цел ефикасна распределба на средствата.