23/11/2024
Македонија

Османи со воведно обраќање на панелот: „Градење доверба преку дијалог“ на Преспа форумот во Охрид

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, имаше воведно обраќање на Сесијата на министрите за надворешни работи „Градење доверба преку дијалог“ во рамките на Преспа Форум дијалог, кој денеска и утре се одржува во Охрид и во Отешево.

Османи во своето обраќање отвори неколку теми, кои истовремено се предизвик на Форумот, како што е дијалогот, довербата и секако прашањето на интеграција на земјите од Западен Балкан.

Зборувајќи за Западниот Балкан во било каков временски концепт, Османи посочи дека дијалогот може да се идентификува како клучен недостаток во соодветното политичко опкружување. Како земја со автентичен модел и на внатрешна и на надворешна интеграција, посочи на неколку автентични успешни политички проекти кои преставуваат суштина и на оваа конференција.

„Веќе 20 години Северна Македонија созрева во мир и стабилност; затоа што Охридскиот рамковен договор обезбеди автентичен модел на внатрешна интеграција и соживот кои можам да кажам дека се уникатни не само на Балканот, туку можат да преставуваат пример и за земјите од поширокото соседство кои се дел од ЕУ. Тој модел се нарекува функционална мултиетничка демократија – при што секој од овие зборови има длабока порака од особена важност. Ако се соживотот, еднаквоста, слободата, солидарноста европски вредности, тогаш Северна Македонија, и Охрид како симбол на рамковниот договор, се најголемиот хаб за промоција и дисеминација на овие вредности на Балканот“, истакна Османи.

Говорејќи за довербата, Османи беше прецизен и нагласи дека водењето дијалог без доверба, не создава, не испорачува посакувани резултати ни кога дијалогот е прогласен за успешен.

Во однос на делот што недостасува – Западниот Балкан како нераскинлив дел од Европа, и во иднина, целосно интегриран во Европската Унија, Османи потенцираше:

„Велам целосно, затоа што Балканот одамна е внатрешно прашање на Унијата и дел од процесите и политиките на Унијата. Земете ја која земја сакате од регионот, кои на свој начин се влезени во процесот на Стабилизација и Асоцијација, секоја од нив има податоци со кои ќе ви каже во кој степен е нејзиниот општествен систем конвергиран и поврзан со Унијата. На крајот, погледнете ја картата на Европа и зарем може некој сѐ уште да зборува за проширување, кога овој жолт дел на никаков начин не ги менува димензиите ниту на Европа, ниту на ЕУ“.

Министерот Османи на овие теми на панелот дебатираше со министрите за надворешни работи на Албанија – Џачка, Црна Гора – Радуловиќ, Косово – Гервала и Хрватска – Радман, со замениците министри за надворешни на Грција – Фрагојанис, Чешката Република – Хмеларж и Турција – Кајмакчи, со специјалниот пратеник на ЕУ за Западен Балкан, Лајчак, генералниот секретар на Советот на Европа – Буриќ, заменикот помошник државен секретар на САД – Палмер, помошникот на генералниот секретар на ООН – Јенча и монсењорот, Вачовски. Сесијата беше модерирана од страна на истакнатиот новинар и аналитичар од „Економист“, Тим Џуда, а репортер на сесијата беше аналитичарот, Кристоф Бендер.