26/11/2024
Македонија

Петровска со честитки по повод Денот на независноста на Украина до нејзиниот украински колега, Олексеј Резников

Министерката за одбрана Славјанка Петровска упати писмо со честитки по повод Денот на независноста на Украина до нејзиниот украински колега, Олексеј Резников во кое уште еднаш ја потврди поддршката од Северна Македонија за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, кои, како што се вели во писмото, се два клучни елементи на независноста.

„За Северна Македонија од најголема важност е давањето на поддршка за која било земја во светот во зацврстувањето на правото на самоодбрана, слобода и демократија. Ние бевме една од првите земји кои донесоа одлука за воено-техничка помош за Украина“, се вели во писмото.

Министерката Петровска му порача на својот колега Резников дека државата се приклучи на политиките на ЕУ и на целиот демократски свет, што нè става на правата страна на историјата и додаде дека Северна Македонија како претседавач со ОБСЕ продолжува да биде посветена на напорите за прекин на воените дејствија и враќање на мирот и безбедноста.