22/11/2024
Македонија

План 18 за заокружување на функционален институционален и правен систем, за држава по европски правила, за членство во НАТО и ЕУ, и за економски просперитет

Планот 18, за реформи во клучните стратешки области како владеење на правото, безбедносни служби и јавна администрација, е усвоен на редовната седница на Владата од 30.10.2018 година. 

Остануваме на нашата определба за инклузивност, каква што имавме и во однос на Планот 3-6-9. Отворени сме за соработка со стручната и академската јавност, со граѓанските организации. Инклузивноста е составен дел од процесот.

АКТУЕЛНИОТ ПОЛИТИЧКИ МОМЕНТ:
Двотретинското мнозинство во Собранието за отворање на Уставот е израз на зрелоста на политичките претставници на граѓаните, со искрена надеж и уверување дека процесот ќе се заврши успешно, навремено и со најширока можна политичка и граѓанска поддршка. 

Во оваа насока и со таа единствена цел, отворен е простор за учество во реформите и за опозицијата. 

Пред Владата на РМ се два процеси со исто значење и суштински поврзани: 
Заокружувањето на уставните амандмани, ратификација на Договорот во Атина, вклучително и Протоколот за членство во НАТО со што обезбедуваме место на масата во НАТО со нашите стратешки партнери, и Спроведување на клучните домашни реформи како предуслов за продолжување на процесот на пристапни преговори и за официјален почеток на преговорите со ЕУ во јуни следната година.

Двата процеси обезбедуваат функционален институционален и правен систем, држава по европски правила, обезбедуваат членство во НАТО, го забрзуваат членство кон ЕУ, како услови за економски просперитет, инвестиции, работни места и поквалитетен животен простор за нас и за нашите следни генерации.

РЕФОРМИ СПОРЕД ПЛАНОТ 18: КЛУЧНИ ОБЛАСТИ И ВАЖНОСТ

Во усвоените заклучоци од Советот на ЕУ од  jуни оваа година, потврдени и од Европскиот совет, нагласена e важноста да продолжи напредокот во имплементацијата на Итните реформски приоритети и испорачувањето дополнителни одржливи резултати во областа на: 
1. Правосудството, 
2. Безбедносните и разузнавачките служби, 
3. Реформата на јавната администрација, и 
4. Борбата против организираниот криминал и корупцијата. 

Напредокот во овие области ќе биде одблиску следен од страна на Европската комисија и ќе претставува столб на редовниот Годишен извештај за напредокот на земјата кој треба да биде објавен на пролет 2019 година.

Планот 18 е нераскинливо поврзан со процесот на скринингот, едноставно заради фактот дека клучните области кои се предмет на Планот, се предмет и на скринингот, почнувајќи од Поглавјето 23 (Правосудство и фундаментални права) и 24 (Правда, слобода и безбедност).

ИЗБОР ОД КЛУЧНИ РЕФОРМИ ВО СЕКОЈА ОД ОБЛАСТИТЕ

1. Владеење на правото, во делот на правосудство:

Измени и дополнувања на Законот за судови во делот на Избор на судии и јавни обвинители согласно начелото на заслуги, и според препораките на Венецијанската Комисија;
Усвојување измени на Закон за управување со движењето на предметите во судовите.
Се редефинираат оснoвите за разрешување и дисциплинско казнување на судиите согласно препораките на Венецијанската комисија и се зајакнува улогата на Министерството за правда во делот на надзорот над примената на автоматизираниот систем за управување со судските предмети.

2. Реформа на безбедносните служби:

Доследно спроведување на целиот пакет мерки кој се однесува на целосна операционализација на ОТА, донесување на преостанатите подзаконски акти и 
Да профункционира  Советот за граѓански надзор над прислушувањето, со што ќе се зајакне контролата над целиот систем за следење на комуникациите. 
Реформа на разузнавачките служби согласно активностите кои ќе бидат предвидени во Планот за реформа на безбедносно-разузнавачкиот сектор. 
Имплементација на Националната стратегија за борба против тероризам и стратегијата за спречување на насилен екстремизам.
Зајакнување на капацитетите на Одделот за сузбивање на организиран криминал и корупција.

3. Реформата на јавната администрација:

Деполитизација на јавната администрација – почитување на принципот на заслуги (мерит систем) и прекинување на праксата на времени вработувања.
Изработка на концептот за воведување на категоријата високи државни службеници со што ќе се унифицира постапката и ќе се дефинираат компетенциите за избор и именување на ВРС со што ќе се заменат одредбите од поединечните (над 120) закони.
Започнување со процес на реорганизација/оптимизација на органите на државна управа, агенции и инспекциски служби на централно ниво.

4. Aнтикорупциската политика:

Донесување на нов закон за спречување на корупцијата вклучително, и нов  модел за избор  на ДКСК со зајакнати надлежности и соодветното функционирање.
На една од последните седници на Владата го разгледавме новиот Предлог закон за спречување на корупција и судир на интереси, и активирана е постапката за јавна расправа по законот, по што тој ќе влезе во собраниска постапка на усвојување.