25/11/2024
Македонија

Полуматурантите со став: Аплицирањето за запишување во средно училиште е едноставно и лесно

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири во пресрет на уписните рокови за запишување на учениците во јавните средни училишта, оствари средба со ученици од деветто одделение со кои заеднички ја разгледуваа електронската апликација преку која учениците ги поднесуваат документите во училиштата согласно нивните афинитети. 

Учениците кои своето образование ќе го продолжат во средните стручни училишта и гимназиите, заедно со министерот ја пополнија апликацијата за запишување во средните јавни училишта, при што беа изненадени од леснотија при прикачување на потребните документи. 

„Учениците во непосреден разговор ме информираа дека дел од нивните соученици се соочувале со проблеми при електронското аплицирање. Заедно ги пополнивме апликациите и самите се уверија дека постапката за запишување во средно училиште воопшто не е проблематична, туку е едноставна и лесна“, изјави министерот по средбата. 

Министерството за образование и наука на интернет адресата www.mon.gov.mk, објави листа на вработени во Секторот за средно образование, образование на возрасните и доживотно учење и нивни контакти до кои сите ученици и нивни родители/старатели ќе можете да се обратат доколку имаат прашања поврзани со уписот на ученици во прва година во јавните средни училишта за учебната 2023-2024 година.