Пописот на дијаспората ќе даде информации со цел преземање политики и мерки кои ќе ја намалат и спречат миграцијата
Попишувањето на лицата државјани на Република Северна Македонија кои во периодот на спроведување на Пописот 2021 живеат/престојуваат во странство ќе се врши по пат на самопопишување/саморегистрација преку онлајн апликација достапна на веб-страницата на Државниот завод за статистика, во периодот од 1 март до 21 април 2021 година.
Овие граѓани влегуваат во категоријата на население за кои ќе се обезбедат податоци со пописот под името „вкупно нерезидентно население“ и тоа се лицата, државјани на Република Северна Македонија, кои во времето на Пописот престојуваат во странство повеќе од 12 месеци (една година) поради работа или друга причина, како и членовите на нивните домаќинства кои престојуваат со нив.
Услов за да се самопопишат е точниот Единствен матичен број на граѓанинот (ЕМБГ). Начинот на попишувањето на овие лица е во согласност со Методологијата за подготовка, организирање и спроведување на Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година и Упатството за самопопишување на лицата отсутни во странство, што ги донесува директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС).
За лицата со место на вообичаено живеење во Република Северна Македонија, кои за време на Пописот се отсутни во странство, а не се самопопишале преку веб-апликацијата, попишувањето се врши во нивното последно вообичаено место на живеење во Република Северна Македонија, ако на таа адреса има полнолетен член на домаќинството или друго лице што може да ги даде сите потребни податоци за овие лица.
За овие лица податоци дава исклучиво полнолетен член на домаќинството или друго полнолетно лице кое најдобро ги познава податоците за тие лица. Давателот на податоците е должен да приложи соодветен документ од кој ќе може да се преземе ЕМБГ на лицето кое се попишува, како и соодветен документ од кој ќе може да се преземе неговиот ЕМБГ (со што ќе ја гарантира точноста на дадените податоци). При попишувањето на овие лица, некомплетните податоци не ги прифаќа апликацијата и со тоа се отфрла можноста да бидат попишани лица со неточни податоци.
Пописот на оваа група граѓани ќе даде информации за човечкиот капитал, бројот и структурата на луѓето кои заминале, нивното образование, возраст, со цел преземање политики и социо-економски мерки кои ќе ја намалат и спречат миграцијата.
Овие информации ќе помогнат во планирањето на нови работни места во однос на побарувачката на пазарот на трудот, креирање напредни младински политики и спречување на т.н „одлив на мозоци“, односно заминување на високо обучени и квалификувани луѓе.
Пописот, како најзначајна статистичка операција, е дефиниран според правната рамка и согласно стандардите на Обединетите нации и Евростат, како и друга меѓународна и домашна регулатива.
Попишувањето на населението, домаќинствата и становите како сериозна операција ќе даде базична основа за подготвување на квалитетни политики за општествен и економски развој на државата, кои се од интерес за сите граѓани и затоа е потребно сите да се вклучат во Пописот 2021 година.