22/11/2024
Македонија

Почнувајќи од септемвриската, платата на вкупно 53.656 вработени во основните и во средни училишта, во здравствените установи и во детските градинки, ќе биде повисока за 5%

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, министерот за финансии, Драган Тевдовски, министерот за здравство, Венко Филипче и министерот за образование и наука, Арбер Адеми денеска на заедничка прес-конференција информираа за предвиденото покачување на платите на вработените во 3-те клучни сектори, односно образование, здравство и детски градинки. 

Почнувајќи со исплатата на септемвриската плата, вкупно 53.656 вработени во основните и во средни училишта, во здравствените установи и во детските градинки, ќе добиваат плата повисока за 5%. За оваа намена, само за 2018-та година се обезбедени 277.483.846 денари. 

„Промената е согласно можностите, но насоката е јасна. За Владата зајакнувањето на јавното здравство и образование се приоритет. Образованието и здравството се темели на општеството. Не смееме да дозволиме земјата да биде на дното на ПИСА тестовите. Не смееме да дозволиме докторите да се иселуваат или да си одат од јавното здравство. 

Ние сме решени да вложуваме во човечкиот капитал. На земјава ѝ требаат среќни и квалитетни наставници кои ќе ги учат нашите деца. Ни требаат задоволни и квалитетни доктори кои ќе не лекуваат во јавното здравство. Со години во минатото се запоставувале овие најважни ресори. Владата уште во првиот предлог – буџет покажа дека тоа нема да биде така“, рече меѓу другото министерот за финансии, Драган Тевдовски. 

Истакнувајќи дека децата се нашето најголемо богатство министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска посочи дека на Република Македонија и требаат задоволни воспитувачки и негувателки. На ова зголемување на платите за 5%, како што потенцираше Царовска, минатата година претходеше уште едно зголемување од 2%.

„Од идната недела, сите 4.295 воспитувачи и негувателки во градинките ќе добијат септемвриска плата 5% повисока од претходната. Министерството за труд и социјална политика за исплата на платите на вработените во секторот детска заштита, кој за нас е многу важен, за годинава издвои буџет од вкупно 15 милиони денари. 

Бидејќи како држава се стремиме за ЕУ и НАТО интеграции и подигање на стандардот на платите, нема да запреме овде со покачувањето на платите на оние кои секојдневно се грижат и ги чуваат нашите деца во градинките. Засилено работиме на создавање на целосно нов систем на плати со кој вработените од идната година ќе добијат ново достоинствено зголемување, но истовремено и професионален и кариерен развој“, додаде министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Со оваа мерка, како што рече министерот за здравство, Венко Филипче, Владата уште еднаш ја покажува својата силна заложба да ги задржи здравствените работници во Република Македонија. 

За зголемување на износот на најниската плата на сите 19.123 вработени во јавните здравствени установи во земјата, според министерот Филипче, се издвоени 469.935.384 денари годишно или 39.161.282 денари на месечно ниво.

„На наставниот кадар во хируршките гранки на универзитетските клиники платата во просек ќе се зголеми за 5.336 денари, на докторите специјалисти на универзитетските клиники за 4.548 денари, на медицинските сестри на универзитетските клиники со високо образование во просек за 2.000 денари, на средно-медицинскиот кадар за околу 1.500 денари на универзитетските клиники.

Во општите болници со зголемувањето на платата наставниот кадар ќе зема поголема плата за околу 4.700 денари, лекарите специјалисти во општите болници за 4.060 денари, медицинските сестри со високо образование 2.050 денари, а средно – медицинскиот кадар во општите болници ќе зема плата поголема за 1.050 денари“ истакна министерот за здравство, д-р Венко Филипче.  

Постепено, како што рече министерот за образование и наука, Арбер Адеми, се враќа дигнитетот на најблагородната професија, односно просветителската дејност и се потенцира нејзината важност во општеството. 

„Нашата интенција е овој тренд на раст на платите да продолжи и во годините што следат, а со тоа да расте и задоволството и мотивацијата за работа, особено кај наставниците – на оние на коишто им го доверивме воспитувањето и образованието на генерациите кои се создаваат и коишто еден ден треба да седнат на овие места, да ја предводат бизнис заедницата, да ги креираат економските политики, да менаџираат со здравството, пензискиот систем и слично. И не говориме за нереални очекувања и интенции. Говориме за нешто што е возможно и остварливо“, рече меѓу другото министерот за образование и наука, Арбер Адеми.  

Министрите на денешната прес-конференција истакнаа дека со членството на Република Македонија во ЕУ и во НАТО платите на вработените во јавниот сектор ќе растат со забрзано темпо. 

Како пример посочија неколку примери од земјите во наша близина. По влезот во ЕУ и во НАТО, во Бугарија просечната плата двојно се зголемила, а невработеноста се намалила од 17% на 5%. Во Романија, пак, просечната плата пораснала за 400%, а невработеноста од 15% се намалила на 4%. Вработеноста кај младите, во Хрватска, по влезот на земјата во ЕУ од 26% се зголемила на 43%.