23/11/2024
Македонија

Прв работен состанок за изработка на карти на шумска вегетација за три пилот региони кои поддржуваат растителни заедници со ретки и заштитени видови

Денеска, во Скопје, се одржа првиот работен состанок за проектот „Изработка на карти на шумска вегетација за три пилот региони кои поддржуваат растителни заедници со ретки и заштитени видови”, чија основна цел е заштита на биолошката разновидност преку изработка на дигитални карти на шумска вегетација.

Според претставникот од Министерството за животна средина и просторно планирање, Весна Индова, со денешната работилница ќе се подобри координацијата и ќе се овозможи вклучување на сите инволвирани страни, што е од исклучително значење за постигнување на добри крајни резултати.

– Мапирањето и класификација се неопходни стручни алатки за дистрибуција, структура и композиција на шумските растителни заедници – истакна претставникот на Програмата на ООН за животна средина, Канцеларија во Скопје, Искра Стојанова, потенцирајќи дека резултатите од оваа проектна активност ќе придонесат за ажурирање на следниот Национален просторен план, како и за ажурирање на постојните планови за управување, со шуми од аспект на интегрирање на биолошката активност.

На состанокот експерти од областа ги претставија проектните активности и методологијата за спроведување на истражувањата, собирањето и обработката на податоците за конечна подготовка на картите на шумска вегетација за три пилот региони.

Со реализацијата на овој проект на релевантните институции во нашата држава ќе им се помогне да ги подобрат националните политики и управувањето со шумите и шумските екосистеми со воведување на принципи и практики за еколошки одржливо стопанисување со шумите и со вклучување на посебни елементи за загрозената биолошка разновидност.

Проектот се спроведува во рамки на поголемиот STAR 5 проект за Заштита за биолошката разновидност преку создавање и ефикасно управување со заштитени подрачја и интегрирање на биолошката разновидност во планирање на користењето на земјиштето финансиран од Глобален Еколошки Фонд (ГЕФ) а се имплементира преку Програмата на Обединети Нации за животна средина УНЕП, Министерството за животна средина и просторно планирање и локалниот партнер Балканска фондација за одржлив развој.