Предадена опрема во вредност од над 7 милиони денари за потребите на сообраќајната полиција од страна на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата
“Задоволство ми е во име на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и во мое лично име да изразам благодарност до Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата за опремата обезбедена за зајакнување на капацитетите на надлежните сообраќајни единици во МВР, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски при преземањето на опремата наменета за потребите на сообраќајната полиција од страна на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Со цел зголемување на безбедноста на сообраќајот на патиштата, Републичкиот совет секоја година 30% од средствата ги наменува за модернизација на уредите и опремата на надлежната организациска единица во Министерството за внатрешни работи која врши контрола и регулирање на сообраќајот на патиштата. Согласно таа законска обврска, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата годинава обезбеди 15 моторцикли PIAGGIO Beverly 300 со комплет опрема и тоа по 15 парчиња заштитен шлем –кацига , виндјакни, панталони за моторциклистите, чизми во вкупна вредност од 7. 150 761 денари.
Министерот Спасовски ја потенцира добрата соработка меѓу Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Министерството за внатрешни работи.
„Безбедноста во сообраќајот е наш важен приоритет и заеднички со превентивните кампањи, но и со спроведување зајакнати репресивни мерки изминативе неколку месеци докажавме дека е можно намалување на бројот на сообраќајни незгоди и подигнување на нивото на сообраќајна култура кај сите учесници во сообраќајот. Во таа насока ќе бидат и нашите заложби и активности периодот што следи“, рече Спасовски.
Претседателката на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата г-ѓа Гордана Кожуваровска изразувајќи задоволство од досегашната успешна соработка рече дека искуството од минатите две години, покажува дека РСБСП и МВР се пример за позитивна и успешна меѓуинституционална соработка и поддршка, што ќе продолжи и во наредниот период.
,,Континуираното унапредување на работата на сообраќајната полиција и подобрувањето на нејзините капацитети е од исклучителна важност за подобрување на безбедноста на патниот сообраќај, рече Кожуваровска.