26/11/2024
Македонија

Предвремени избори нема да има, Албанците му дадоа црвен картон на ДУИ пред 4 месеци!

Портпаролката на Владата Венера Љатифи-Азизи во интервју за весникот Лајм ги отфрли гласините за можноста за одржување предвремени парламентарни избори, заедно со локалните, следната година.

Според неа, одржувањето на предвремени избори граѓаните би ги чинело над 10 милиони евра.

„Нема индиции за предвремени избори затоа што проценуваме дека за да се одржат предвремени избори треба да се потрошат дополнителни 10 милиони евра, пари од буџетот, пари од народот, значи да им ги земеме парите на граѓаните за да ги спроведеме избори кои ги имавме пред само 4 месеци.

Нелогично е повторно да оддржиме избори. Наместо тие пари да се користат за инвестиции, изградба на училишта, спортски сали, за изградба на патна инфраструктура која е заборавена, ние зборуваме за предвремени парламентарни избори“, изјави г-ѓа Љатифи-Азизи за весникот Лајм.

Според неа, Владата никогаш не била постабилна.

„За ова говорат бројките што ги имаме во Собранието на Македонија, имаме 78 пратеници. Ова мнозинство има индикации за зголемување во иднина. Тие што зборуваат за предвремени избори во Северна Македонија е ДУИ, партијата која пред само четири месеци беше делегитимирана со гласот на Албанците и отиде во опозиција“, рече Љатифи-Азизи.

Портпаролката на Владата рече дека партијата која сега е најгласна во барањето за предвремени избори, ДУИ, пред само четири месеци доби црвен картон од Албанците, на изборите.

„Сега слушам изјави и велат да одиме на предвремени избори, ако изгубиме ќе си одиме дома. Но, пред само 4 месеци се изгубија и си заминаа дома.

Добро е сега да останат таму каде што ги испрати народот, како што им дадоа илјадници пасоши на млади момчиња, жени, мајки, татковци да тргнат по патот на печалбата, на истиот начин албанското население им даде црвен картон и ги седна на трибина да видат како се води држава.

Ако ДУИ толку сака да има предвремени парламентарни избори, има политички механизми, тоа е Собранието, нека побараат распуштање на Собранието и ќе видиме како ќе поминат таму со бројките“, рече Љатифи-Азизи.