26/11/2024
Македонија

Предлог измени и дополнувања на законите за данокот на личен доход, за данокот на додадена вредност и за данокот на добивка

Владата на Република Северна Македонија денеска ја одржа 108-та седница.

Усвоени се предлози за измени и дополнувања на неколку закони, предложени од Министерството за финансии, а коишто се дел од даночната реформа што треба да стартува од 01 јануари 2023 година.

Владата, на денешната седница го усвои Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на личен доход.

Измените, како што е објаснето од страна на Министерството за финансии, се однесуваат на потребата од обезбедување поголема праведност на даночниот систем, поправична распределба на даночниот товар по основ на данокот на личен доход помеѓу доходот од труд и доходот од капитал, како и проширување на даночната основа, преку намалување на даночните расходи.

Министерството за финансии спроведе широк, консултативен, инклузивен и транспарентен процес со сите засегнати чинители, од којшто, како што е посочено, се произлезени предложените решенија за подобрување на даночната политика.

Предложените измени, како што е нагласено од страна на Министерството за финансии, беа предмет на консултација со меѓународните финансиски институции, а се направени и сеопфатни и длабински анализи на постојниот даночен систем во земјата, во споредба со даночните пракси во земјите од ЕУ и Западен Балкан.

Усвоените измени на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на личен доход се во согласност и со целите и приоритетите на усвоената Стратегија за реформа на даночниот систем (2021-2025) од страна на Владата, во месец декември 2020 година за обезбедување праведен, ефикасен, транспарентен и современ даночен систем, што ќе се темели на современи дигитални технологии и иновации во оданочувањето, во функција на постигнување на забрзан, инклузивен и одржлив економски раст.

Владата го усвои и Предлогот на закон за измена и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност.

Со Предлог-законот за измена и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност е предвидено оданочување на одредени производи за човечка исхрана коишто не се дел од основните производи потребни за човечка исхрана со повластена даночна стапка од 10 проценти, се врши намалување на стапката за прометот со менструални производи со цел поттик за поголема заштита и хигиена кај одредена група граѓани и се намалува даночната стапка за дигиталните учебници.

Се врши, според посоченото, доуредување на одредбите коишто го дефинираат местото на прометот на услуги, се воведува терминот даночен застапник со цел странските лица кои вршат промет на добра и услуги во нашата земја да можат да го пресметаат и платат данокот на додадена вредност на даночниот орган, се врши  уредување на даночниот третман на прометот преку вредносни ваучери.

Исто така, со предложените измени на овој закон се доуредува третманот од аспект на ДДВ за прометот по системот на ваучери и се доуредува делот којшто се однесува на посебен вид на даночна основа.
  
На денешната седница е усвоен и Предлог на Закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка.

Целта на предложените измени и дополнувања на Законот за данокот на добивка, како што е објаснето од Министерството за финансии, е пропишување законски решенија коишто придонесуваат за намалување на административниот товар на даночните обврзници и на Управата за јавни приходи, проширување на даночната база, преку таргетирање на даночните ослободувања и олеснувања во постојниот систем на данокот на добивка, како и воспоставување неутрален даночен систем, којшто нема да влијае врз одлуките на стопанските субјекти во поглед на формата на инкорпорирање.

Предлогот на закон се однесува на: утврдување третман на непризнат расход на целиот износ на трошоците по основ на уплатени премии за осигурување на живот на вработените; укинување на правото на намалување на пресметаниот данок  за износот на донираните средства на спортски субјекти; укинување на обврската за задолжително поднесување на извештаите за трансферни цени, односно пропишување обврска за нивно доставување само по барање на Управата за јавни приходи; укинување на постојното ослободување од обврската за плаќање на годишен данок на вкупен приход на субјектите со остварен вкупен приход во годината до 3.000.000 денари.

Владата на Република Северна Македонија, на денешната седница, на предлог на Министерството за политички систем и односи помеѓу заедниците, го разгледа и прифати Извештајот за извршени преговори за склучување Спогодбата за соработка меѓу Владата на Република Северна Македонија и Советот на Министри на Република Албанија за развој на инфраструктурни проекти, логистичка безбедност и ефикасност на транспортна стоки меѓу двете земји. Разгледан е и прифатен и усогласениот текст на Спогодбата.

Се работи, според посоченото од страна на Министерството за политички систем и односи помеѓу заедниците, за реализација на усвоен заклучок на последната заедничка седница помеѓу владите на двете држави, според којшто, на Република Северна Македонија и се доделува бесплатен пристап до дел од пристаниште, Порто Романо во Драч, а следствено на тоа, нашата држава ќе изгради суво пристаниште во Струга.

Целта е, според констатираното, подобрување на инфраструктурното поврзување, ефикасноста на транспортот за транзитни товари помеѓу трговски пристаништа во Република Албанија и Република Северна Македонија и безбедност на мрежата за снабдување во регионот.

Владата ја разгледа и донесе Програмата за поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми за 2022 година и го задолжи Генералниот секретаријат на Владата да ја спроведе Програмата.

Средствата, според предвиденото, ќе се користат за поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми во насока на заштита на плурализмот во областа на медиумите, а корисници се печатените медиуми од општ информативен карактер, коишто објавуваат содржина насочена кон непрекинато информирање на јавноста за тековните политички, економски, социјални и културни прашања.

Владата донесе Одлука за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите.

Имајќи ја предвид обврската за исплата на регрес за годишен одмор за 2022 година до крајот на тековната година (К-15), како и правосилните судски пресуди и најавените понатамошни судски постапки за остварување на правото за неисплатен регрес за годишен одмор за 2020 година, а со цел намалување на товарот врз Буџетот по основ на судски и адвокатски трошоци, на предлог на Министерството за финансии, Владата донесе заклучок со којшто буџетските корисници и единките корисници опфатени со Гранскиот колективен договор ќе бидат задолжени потребните средства за исплата на регрес за годишен одмор за 2020 и 2022 година во нето износ од по 9.000 денари, да ги обезбедат во рамките на одобрениот Буџет за 2022 година, со внатрешна прераспределба помеѓу расходни ставки.

За буџетските корисници и единките корисници опфатени со Гранскиот колективен договор, коишто немаат реални можности да ги обезбедат потребните средства за исплата на регрес за 2020 и 2022 година со внатрешна прераспределба во рамките на сопствениот Буџет за 2022 година, предвидено е да се обезбедат средствата со Одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници и фондовите.

На денешната владина седница се направени неколку измени на програми и уредби, коишто се донесени на предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Со измените на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2022 година е предвидено дополнување на програмата, односно проширување на опфатот на корисници на мерка 1.20 и се предлага право на поддршка за дополнителни директни плаќања за произведено и предадено грозје во регистрирани капацитети за производство на вино во Република Северна Македонија да имаат и производители на винско грозје, кои произведеното винско грозје го предале кај регистрирани откупувачи за извоз.

Со измените на Програма за изменување на Програмата за спроведување на интервентен фонд за земјоделството се прави пренамена на средства со износ од 97.500.000 денари и тоа од мерката за Финансиска поддршка во растително производство во мерката за Финансиска поддршка во сточарското производство. Целта на оваа пренамена е да се обезбедат финансиски средства за исплата на мерката 2.4. Финансиска поддршка за произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко.

Исто така, предвидено е проширување на опфатот на корисници за мерка 1.2. и право на поддршка за „Финансиска поддршка за произведено и извезено вино за период од 01.09.2021 година, до 01.09.2022 година“ да имаат и производители на вино кои биле избришани од Регистарот на производители на вино,  а ги исполниле условите за ставање во промет на  вино согласно член 35-а од Законот за виното и немаат финансиски обврски за купено винско грозје.

Со измените на Уредбата за изменување на Уредба за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директните плаќања за 2022 година се проширува опфатот на корисници на мерка 1.20 и се предлага право на поддршка за дополнителни директни плаќања за произведено и предадено грозје во регистрирани капацитети за производство на вино во Република Северна Македонија да имаат и производители на винско грозје кои произведеното винско грозје го предале кај регистрирани откупувачи за извоз.

Владата донесе и одлука за одобрување на средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2022 година во износ од 15.000.000,00 денари на Црвен крст на Република Северна Македонија, како финансиска помош за делување при итни состојби.

Средствата, Црвениот крст на Република Северна Македонија може да ги искористи исклучиво за намената за која што се дадени.

На денешната владина седница е донесена и Одлука за изведување вежбовна активност„СЕЕСИМ-22“ во Република Северна Македонија.

Целта, како што е посочено од страна на предлагачот на одлуката, Министерството за одбрана е  промовирање на соработката, координацијата и интероперативноста од областа на управувањето со кризи меѓу земјите од Југоисточна Европа и проектите на Иницијативата од состанокот на министрите за одбрана на земјите од Југоисточна Европа, преку ефективна употреба на компјутерско моделирање и симулирање.