23/11/2024
Македонија

Презентиран Буџетот на Министерството за економија за 2023 година

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски и министерот за економија, Крешник Бектеши го презентираа Буџетот на Министерството за економија за 2023 година.

Вкупниот Буџет на Министерството за економија за следната година изнесува околу 19 милиони евра, а предвидени се мерки за справување со енергетската криза и поддршка на домаќинствата и компаниите за спроведување на мерки за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, поддршка на малите и средни компании, претприемништвото, туризмот, како и изградба на гасоводната мрежа во државата.

Премиерот Ковачевски се осврна на мерките кои ги презема државата изминативе 12 месеци за непречено снабдување со електрична енергија и напречно снабдување со храна, како и за справување со ценовниот шок за граѓаните.

„Никој нема да биде оставен сам да се справува со кризата. Во 2023 година продолжува финансиската поддршка за домаќинствата, за фотонапонски панели, сончеви термални колекторски системи како и за замена на ПВЦ алуминиумски прозорци. Со ваквите инвестиции со обновливите извори се овозможува граѓаните да ги задоволат потребите за струја, но и да имаат заштеда во време на криза. Најважно е да се заштити стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите. Во изминативе 12 месеци се вложивме максимално. Донесовме навремени, таргетирани, антикризни мерки за поддршка на граѓаните и стопанството и успеавме да ја заштитиме македонската економија и животниот стандард“, кажа премиерот Ковачевски.

Министерот Бектеши кажа дека фокус на Министерството за економија и во 2023 година ќе биде справување со енергетската криза.

Обезбедени се 3,2 милиони евра за реализација на мерки за справување со енергетската криза и поддршка на домаќинствата и компаниите за спроведување на мерки за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, што е речиси три пати повеќе од средствата предвидени во 2022 година за оваа намена од 1,1 милион евра. Во делот на енергетиката ќе се реализира Програма за заштита на ранливите потрошувачи на енергија, односно ќе доделува финансиска поддршка за лица со ниски примања, а воедно оваа програма ќе се прошири со други социјално ранливи категории на лица како што се корисници на правото на надоместок заради попреченост, самохрани родители кои не се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош и корисници на право на надомест за телесно оштетување. Исто така, програмата за промоција на обновливите извори на енергија и поттикнување на енергетската ефикасност во домаќинствата опфаќа неколку мерки – надоместување на дел од трошоците за купување и инсталирање на фотонапонски панели за производство на електрична енергија до 6 kW за сопствена потрошувачка за домаќинствата, надоместување на дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи во домаќинствата и надоместување на дел од трошоците за замена на ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата“, кажа министерот Бектеши.

Како нова мерка министерот jа промовираше Програмата за надоместување на дел од трошоците за изведба на приклучок на дистрибутивната гасоводна мрежа кај домаќинствата за 2023 година.

„Со оваа програма, како што посочи министерот, ќе се субвенционира дел од вкупните трошоци за изведба на приклучокот на дистрибутивната гасоводна мрежа кај домаќинствата во општините каде има развиена дистрибутивна мрежа на природен гас“, кажа Бектеши.

Тој додаде дека главна цел на оваа програма е повеќе домаќинства да се приклучат на дистрибутивната мрежа за природен гас, со што ќе се намали пред сé потрошувачката на електрична енергија за затоплување.

Во делот на поддршката на преработувачката индустрија, за 2023 година се предвидени околу половина милион евра за програмата за конкурентност на преработувачката индустрија и општествена одговорност.

Средствата се наменети за имплементација на индустриска стратегија, имплементација на општествена одговорност, имплементација на паметна специјализација и имплементација на извозна стратегија.

За поддршка на малите и средни претпријатија следната година во Буџетот на Министерството за економија се предвидени еден милион евра, односно 62 милиони денари за Програма за развој на претприемништвото и конкурентноста на малите и средни претпријатија.

Во делот на поддршка на туризмот со Предлог буџетот на Министерството за економија за 2023 година се предвидени 385 илјади евра за Програмата за развој на туризмот.

За следната година, за реализација на инвестиции во гасоводната мрежа преку АД НЕР предвидени се 3,3 милиони евра. Овие средства се наменети за реализација на проектите Интерконекција Северна Македонија – Грција, Северна Македонија – Косово, Северна Македонија – Србија како и ЛНГ Терминалот Александрополис, Грција.

„Реализацијата на гасоводната интерконекција ќе придонесе за безбедност, одржливост и конкурентност на енергетската политика на Унијата, диверзификација на снабдувањето со природен гас во Република Северна Македонија, конкурентност на пазарот на природен гас, интеграција на пазарот со цел да им се овозможи на потрошувачите во нашата држава да имаат слични цени на гас како оние во соседните земји, поврзување на Република Северна Македонија со регионот, развој на регионот во однос на искористување на природниот гас како извор на енергија, стабилност во снабдувањето со енергија, пред сé во индустријата што ќе доведе до економски развој на сите региони во Република Северна Македонија“, кажа министерот Бектеши.