22/11/2024
Македонија

Презентиран Годишниот извештај за вработените во јавниот сектор за 2020 година, бројот на вработени е намален

Министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири денеска го презентираше Годишниот извештај за вработените во јавниот сектор за 2020 година. Министерот потенцираше дека извештајот е веќе објавен на веб-страницата на Министерството, согласно законската обврска.

Бројот на вработените во јавниот сектор заклучно со 31 декември 2020 година изнесува 131.183 лица. Тие својот работен ангажман го реализираат во вкупно 1.332 институции.

Од вкупниот број, 19.594 лица се вработени во Армијата, Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање и во Управата за финансиска полиција. За овие вработени лица во извештајот не се прикажуваат други детални анализи, поради законски и безбедносни причини. Детална обработка и презентација на податоците се врши за преостанатите 111.589 вработени лица.

Она што е за истакнување, рече министерот Шаќири, е дека бројот на вработените во органите на државната власт, претставува само 12,2% од вкупната бројка на вработени во јавниот сектор, односно 15.945 лица од вкупно 131.183.

Од анализата на податоците во извештајот за 2020 година, произлегува дека најголем број на вработени се во дејностите образование 32%, здравство 19 %, управа 14%, комунални дејности на јавните претпријатија 9,6%.

Во споредба со истиот период лани, бројот на вработените во јавниот сектор е намален и тоа за 1.717.

„Намалување на бројот на вработени има во органите на државната власт. Во 2019 година во органите на државната власт биле вработени 16.522 лица, а во 2020 година овој број е, веќе споменавме 15.945, што е намалување за 577 вработувања или 3%. Но, ако како држава во 2020 година бележиме намалување на бројот на вработени во државниот апарат, тоа не е случај со вработеноста во институциите во некои од клучните сектори како здравството и во детската и социјалната заштита. Во овие сектори извештајот покажува зголемување на бројот на вработени. Тоа илустрира дека новите вработувања се прават онаму каде што за тоа има вистинска потреба“, истакна министерот Шаќири.

Во однос на образовната структура, во 2020 година е зголемен бројот на вработени лица со високи образовни квалификации. Повеќе од половината, односно 53,62% од вработените лица во јавниот сектор имаат најмалку високо образование, а 2.660 вработени се доктори на науки.

Во однос на родовата структура, процентот на жени вработени во јавниот сектор е поголем од процентот на мажи и тоа 54,83%, наспроти 45,17%.

Просечната возраст на вработените изнесува 46 години. Во однос на етничката припадност, на ниво на цел јавен сектор Македонците се застапени со 74,49%, Албанците со 20,85%, Турците со 2,18%, Ромите 1,40%, Србите се 1,16%, Бошњаците со 0,51% и Власите 0,49%.

Инаку и оваа година, иако тоа не претставува законска обврска, објавени се податоци и за бројот на вработени во акционерските друштва во државна сопственост и за лицата вработени преку агенциите за привремени вработувања.