23/11/2024
Македонија

Премиерот Заев, еврокомесарот Вархеји и австриската министерка Едштадлер на заедничка прес-конференција

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, придружуван од министерот за здравство Венко Филипче, денеска, заедно со комесарот за соседство и проширување на Европската Унија Оливер Вархеји и сојузната австриска министерка за Европа и Устав, Каролине Едштадлер, во рамки на посетата на нашата земја по повод пристигнувањето на првите вакцини против КОВИД-19, споделени и финансирани од Европската Унија, го посетија вакциналниот пункт во спортската сала „Борис Трајковски“.

По обиколката на вакциналниот пункт, премиерот Заев, еврокомесарот Вархеји и министерката Едштадлер одржаа заедничка прес-конференција.

„Денеска пристигнаа првите количини вакцини од одобрените вкупно 119.213 дози „Фајзер“, кои ЕУ ги обезбедува како помош за Северна Македонија преку трилатерални договори  во рамките на програмата „Тим Јуроп“ (Team Europe). Преку оваа програма за поддршка во снабдувањето вакцини за Западен Балкан , што ја координира Австрија, пристигна првата испорака од 4.850 дози од вкупно 19.890 што се предвидени да бидат испорачани во месец мај“, рече премиерот Заев истакнувајќи дека истовремено денеска дополнително пристигнале и 4.850 дози од истиот производител набавени во директен договор.
 
Премиерот Заев изрази очекување дека со заинтересираност на населението, со обезбедени вакцини и со добро организиран систем на вакцинацијата, ќе се промени целокупната слика на епидемијата во позитивна смисла со цел постигнување на колективен имунитет.
 
Заев информираше дека Владата и Министерството за здравство го иницираа формирањето на дополнителни, регионални вакцинални пунктови за масовна вакцинација против КОВИД-19 во Битола, Охрид, Штип, Кавадарци, Тетово и Куманово, а наскоро такви пунктови ќе бидат отворени и во Велес и Прилеп.
 
„Девет милиони евра од ЕУ беа издвоени за асистенција на здравствениот сектор со коишто се обезбедија 25 респиратори, преку 35.000 единици специјализирана медицинска опрема и над 1,6 милиони парчиња опрема за лична заштита“, рече Заев и додаде дека од фондовите на ЕУ беа издвоени 40 милиони евра за поддршка на повеќе од 2.500 микро и мали компании со што беа сочувани повеќе од 2.100 работни места, како и 24 милиони евра пристигнати за поддршка на програмите за економски раст и за намалување на младинската невработеност за над 7.000 млади луѓе со понудените програми за преквалификација со цел да бидат поконкурентни на пазарот на трудот во ова време на пандемија.
 
На денешната прес-конференција, претседателот на Владата, Заев упати благодарност до денешните гости, еврокомесарот Вархеји и министерката за Европа и Устав на Австрија, Едштадлер, за нивното несебично вложување да дојде до полн израз солидарноста на земјите-членки и на Унијата.
 
„Пандемијата нѐ соочи со големи предизвици, но донесе и нешто позитивно. Начинот на справување со заразата покажа дека споделуваме иста политичка култура и пракси“, рече премиерот Заев и го истакна и високото ниво на социоекономска взаемна врска помеѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан кои како што оцени, имаат силна и непоколеблива намера еден ден да бидат рамноправни членки на Унијата.
 
Еврокомесарот Вархеји на прес-конференцијата изрази задоволство за присуството во нашата земја и успехот за испорачување на првите вакцини обезбедени од Европската Унија, за што како што подвлече не било лесен процес, но е резултат на напорната работа на Европската Унија, притоа изразувајќи посебна благодарност за ангажирањето на австриската Влада.
 
„Со ова покажуваме дека се грижиме за вас, за Северна Македонија и тоа ми е поентата, да подвлечам, дека ние, како Европска Унија се грижиме и сме покрај Западен Балкан, односно Северна Македонија од почетокот на самата пандемија и ќе продолжиме да бидеме покрај вас, ќе продолжиме и со другиот дел на вакцините“, рече Вархеји, оценувајќи дека ова е почеток и изрази надеж дека процесот на вакцинација ќе биде  целосно заокружен.
 
Еврокомесарот Вархеји изразувајќи посебно задоволство рече дека речиси 120.000 вакцини целосно финансирани од ЕУ, како подарок се одобрени за Република Северна Македонија и ќе бидат испорачани до крајот на август, со цел што поскоро да се надмине пандемијата.
 
Вархеји подвлече дека вакцинацијата ќе обезбеди растоварување на здравствениот систем и олеснување на товарот кој го сносат медицинските лица за цело време на здравствената криза.
 
И министерката за Европа и Устав во федералната Влада на Австрија, Каролине Едштадлер во своето обраќање пред медиумите истакна дека ,,никој не е безбеден и сигурен, додека сите не бидат безбедни“ и подвлече дека центрите на вакцинација се места на надеж и дека само со овој процес може да се надмине пандемијата која предизвика страдања во Европа и целиот свет.
 
„Денешниот ден е ден на надеж и јас се радувам што Република Австрија беше во можност да го олеснува  овој процес и да ги испорача првите вакцини до западен Балкан, односно до Република Северна Македонија“, оцени министерката Едштадлер додавајќи дека 650.000 вакцини се обезбедени за Западен Балкан со што ќе се растоварат здравствените системи и ќе се обезбеди враќање на нормалноста.
 
Австриската министерка Едштадлер нагласи дека денешните вакцини, донесени во нашата земја, се знак на посветеност на Република Австрија на целиот регион, за да се покаже дека Западниот Балкан е во центарот на надворешната политика на Европската Унија и на Австрија и оцени дека државата продолжува во тој контекст, при што беше констатирано дека само со заеднички сили може да се придонесе за крај на пандемијата од КОВИД-19 вирусот.
 
Претходно, претседателот на Владата Зоран Заев, со министерот за здравство Венко Филипче остварија одделни средби со еврокомесарот Вархеји и австриската министерка Едштадлер.


Во продолжение на ова соопштение, ви го пренесуваме во целост, обраќањето на премиерот Заев на прес-конференцијата:
 
„Почитуван еврокомесар за соседска политика и за проширување на ЕУ, господине Вархеји,

Почитувана министерке за Европа и Устав во федералната Влада на Австрија, мадам Каролине Едштадлер,

Почитувани претставници на медиумите,

Почитувани граѓани,

Денеска, на вакциналниот пункт во Спортската сала „Борис Трајковски“ сме заедно со еврокомесарот, господин Вархеји и со австриската министерка, мадам Каролине Едштадлер и имаме да соопштиме уште една добра вест поврзана со имунизацијата.
Денеска пристигнаа првите количини вакцини од одобрените вкупно 119.213 дози „Фајзер“, кои ЕУ ги обезбедува како помош за Северна Македонија преку трилатералните договори  во рамките на програмата „Тим Јуроп“ (Team Europe).

Преку оваа програма за поддршка во снабдувањето вакцини за Западен Балкан , што ја координира Австрија, пристигна првата испорака од 4.850 дози од вкупно 19.890 што се предвидени да бидат испорачани во месец мај.

Дополнително денеска добивме и 4.850 дози набавени врз основа на директниот договор склучен со овој производител.

Со редовни месечни количини вкупните 119.213 „Фајзер“ вакцини од оваа програма ќе бидат целосно испорачани до крајот на август.

Со овие вакцини, заедно со целата останата количина што веќе ја имаме во нашата земја, како и со сите останати договорени да пристигаат во нашата земја во наредниот период до крајот на годината, влегуваме, почнувајќи од денеска, сериозно во широката и обемна имунизација на севкупното население во земјата.

Очекувам вакцинирањето да тече без престан. Обезбедени ефикасни и безбедни вакцини и затоа апелирам до сите граѓани – пријавете се на вакцинација.мк (vakcinacija.mk) за да добиете термин за вакцинирање.

На овој начин, со заинтересираност на населението, со обезбедени вакцини и со добро организиран систем на вакцинацијата, очекуваме да се промени целокупната слика на епидемијата во позитивна смисла и полека да влеземе во постигнување на колективен имунитет.

Се разбира, овие охрабрувачки процеси не треба да влијаат да попушти вниманието и претпазливоста. Паралелно со масовната вакцинација да продолжиме со примена на мерките за лична заштита сѐ додека епидемиолозите и Институтот за јавно здравје не донесат други препораки.

Владата и Министерството за здравство веќе го иницираа формирањето на дополнителни, регионални вакцинални пунктови за масовна вакцинација против КОВИД-19 во Битола, Охрид, Штип, Кавадарци, Тетово и Куманово, а многу бргу такви пунктови ќе бидат отворени и во Велес и Прилеп.

Почитувани граѓани,

Зад нас останува периодот кога тешко се стигнуваше до вакцините и сите показатели и динамиката на пристигање на вакцините во претстојниот период најавуваат дека во тој поглед имаме сериозни промени на подобро.

Сепак, и во такви услови, солидарноста на ЕУ за нејзините земји-членки, како и за земјите кандидати за членство во Унијата, не изостана.

Во тоа име, дозволете ми да ја изразам мојата, благодарноста на Владата и на граѓаните на нашата земја до нашите денешни гости – еврокомесарот Вархеји и министерката за Европа и Устав на Австрија, Едштадлер, кои несебично се вложија солидарноста на земјите -членки и на ЕУ да дојде до полн израз.

Да потсетиме, девет милиони евра од ЕУ беа издвоени за асистенција на здравствениот сектор со коишто се обезбедија 25 респиратори, преку 35.000 единици специјализирана медицинска опрема и над 1,6 милиони парчиња опрема за лична заштита.
Од програмата ЕУ за отпор – од фондовите на ЕУ беа издвоени 40 милиони евра за поддршка на повеќе од 2.500 микро и мали компании со што беа сочувани повеќе од 2.100 работни места.

Дваесет и четири милиони евра пристигнаа за поддршка на програмите за економски раст и за намалување на младинската невработеност за над 7.000 млади луѓе на кои им беа понудени програми за преквалификација за да бидат конкурентни на пазарот на трудот во ова време на пандемија.

Европската Унија обезбеди финансиска поддршка во висина од 160 милиони евра за макро-финансиска асистенција за Буџетот кои беа алоцирани во различните мерки од економските пакети за поддршка на стопанството за справување со социо-економските последици од пандемијата со КОВИД-19.

Пандемијата нѐ соочи со големи предизвици, но донесе и нешто позитивно. Начинот на справување со заразата покажа дека споделуваме иста политичка култура и пракси и го истакна и високото ниво на социоекономската взаемна врска помеѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан кои имаат силна и непоколеблива намера еден ден да бидат рамноправни членки на Унијата.

Почитувани пријатели од Европската Унија, ви благодарам уште еднаш за поддршката и да се вложиме уште посилно во идните заеднички иницијативи против глобалната пандемија.“