Премиерот Заев испрати телеграма со сочувство до граѓаните на Хрватска: Загубата на Оливер Драгојевиќ е заедничка, неговите музички дела се вечни
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, за загубата на легендарниот музички уметник, Оливер Драгојевиќ, упати телеграма со сочувство од име на Владата и од негово лично име до граѓаните на Република Хрватска, до Владата во Хрватска, до амбасадата на Република Хрватска во Република Македонија, до неговите обожаватели ширум регионот и светот.
„Загубата е голема и заедничка. Низа генерации растеа и живеа со песните на великанот на хрватската музика, кој со својата големина ги освои срцата на милиони луѓе од поранешните југословенски простори, но и на Балканот и во светот.
Оливер Драгојевиќ физички веќе не е меѓу нас, но безвременската музика и емоциите коишто му ги подаде на светот, е тоа што го направи обожуваниот музичар вечен, исто како и неговото дело.
Нека почива во мир познатиот хрватски, регионален и светски музичар, Оливер Драгојевиќ“, напиша премиерот Зоран Заев во телеграмата со сочувство упатена до амбасадорката на Република Хрватска во Република Македонија, Данијела Баришиќ.