26/11/2024
Македонија

Премиерот Заев и децата автори ја промовираа збирката песни и раскази „Моето патување во Фантазија“

Во Националната Филхармонија денеска се одржа промоцијата на збирката песни и раскази „Моето патување во Фантазија“, книга која во себе ги содржи творбите на 80 ученици од второ до четврто одделение од голем број училишта од целата земја, како резултат на конкурсот за избор на најдобри раскази и песни на темата од која е изведен и насловот на збирката „Моето патување во Фантазија“.
 
Темата произлезе од предновогодишниот настан „Писмо од Фантазија“ во декември минатата година, кога премиерот Заев на децата во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ им го прочита писмото од претседателот на Фантазија и се договорија да биде објавен конкурс за раскази и песни што ќе ги напишат децата на темата „Моето патување во Фантазија“, што ќе бидат објавени во книга со која децата од нашата земја ќе помогнат да се победи големиот змеј Ништо кој се закануваше да ги уништи детските јунаци од земјата Фантазија.

„И еве ја книгата пред вас! Збирката раскази и песни „Моето патување во Фантазија“.

Успеавме другарчиња. Ова е една од оние книги, од деца за деца, без реклами што ти ја прекинуваат забавата на најинтересното, немаат батерија што се троши, може да се стопира, да пауизраш, да ги враќаш најубавите моменти во неа колку што сакаш и повторно да ги читаш“, им се обрати премиерот Заев на децата, во најголем број автори на творбите објавени во книгата, придружувани од нивните родители и наставници кои им беа ментори за време на пишувањето.

Збирката раскази и песни „Моето патување во Фантазија“, како заеднички успех на сите деца што ги испратија своите творби да бидат објавени во неа, создаде нови јунаци и жители на Фантазија за кои ќе читаат врсници на детските автори, бидејќи книгата ќе биде дистрибуирана во училишните библиотеки.

„Морам нешто најискрено да ви кажам: Вашите раскази и песни во оваа книга се неверојатно добри. Тие се сериозни творби на деца од второ до четврто одделение. Сите песни и раскази се многу значаен придонес и собрани во оваа книга стануваат дел од нашето богатство од книгите за деца. На секој од вас му честитам. Секоја ваша песна или расказ е дијамант во овој ковчег со литературно богатство“, истакна премиерот Заев на промоцијата.

Неколкумина од децата автори, чии песни и раскази се објавени во Збирката раскази и песни „Моето патување во Фантазија“, на промоцијата ги читаа своите творби, а во завршницата премиерот Заев упати апел до сите ученици во земјата, од второ до честврто одделение, и догодина да учествуваат на конкурсот за да биде објавена уште една книга со раскази и песни, а зошто не и драми, и сите заедно да учествуваат во создавањето на уште една книга за да се направи цела библиотека од дела напишани од деца.