Премиерот Заев и канцеларот Курц: Македонија и Австрија имаат традиционално добри односи, а наскоро и реална шанса за заедничка иднина како рамноправни членки на ЕУ
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска го пречека сојузниот канцелар на Австрија Себастијан Курц, кој со владина делегација е во официјална посета на нашата земја.
По церемонијата со високи државнички и воени почести, премиерот Заев го запозна австрискиот канцелар Курц со членовите на делегацијата на Владата на Република Македонија, во чиј состав беа Заменик претседателката на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, Заменик министерот во Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи, министерот за надворешни работи Никола Димитров и државниот секретар на МНР, Виктор Димовски.
Двајцата премиери потоа се задржаа на тет-а-тет средба, по што следуваше пленарна сесија на двете делегации.
На крајот од официјалната работна посета во Владата на Република Македонија, премиерот Зоран Заев и австрискиот федерален канцелар Себастијан Курц одржаа заедничка прес конференција на која информираа за средбата и за детали од разговорите.
Премиерот Заев на почетокот изрази благодарност во свое, во име на Владата на РМ и во име на граѓаните за сесрдната и силна поддршка Австрија и на личната поддршка на канцеларот Курц за нашата земја.
„Вашата поддршка дојде во еден клучен, би рекол, историски период, кога Република Македонија за само една година направи квантен скок кон функционална демократија и независни институции во служба на граѓаните. Во еден таков период, Вие и вашата земја, Австрија, подадовте рака и помош каква што беше и несебичната помош на двата најголеми и најсилни сојузи во светот, НАТО и Европската Унија“, рече премиерот Заев.
Претседателот на Владата на РМ потсети дека Виена беше домаќин на повеќе средби под покровителството на Обединетите нации, кога во главниот град на Австрија се испишуваше историја и се скицираше договорот со Грција и решението за нашата иднина.
„Со постигнатиот договор во Преспа, се отворија вратите за нашето полноправно членство во НАТО и за почеток на преговори за членство во ЕУ. Австрија, како и сите земји членки на двата најголеми сојузи, сакаат да ја видат Македонија рамноправна, со право на глас во семејството на европските демократски држави“, рече премиерот Заев.
Тој додаде дека посетата на австрискиот канцелар Курц ни упатува порака дека Република Македонија се врати на вистинскиот пат, европски пат, и дека тоа го препознаваат и граѓаните на нашата земја, кои, како што рече премиерот Заев, е убеден дека масовно ќе излезат на референдумот и ќе го потврдат изборот за нашето членство во ЕУ и НАТО.
Претседателот на Владата на Република Македонија во своето обраќање пред медиумите потсети дека Австрија е една од најзначајните економски партнери, чии компании се најголемите инвеститори во земјата.
„Уверен сум дека политичката стабилност и безбедност, но и поради економскиот развој што се отвора за нашата држава со процесот за членство во ЕУ и НАТО, ќе создадат услови за продлабочување на економската соработка, во интерес на граѓаните на двете држави“, порача премиерот Заев на заедничката прес конференција со австрискиот канцелар Курц.
Во своето обраќање пред медиумските претставници австрискиот канцелар Курц истакна дека неговата земја е искрен пријател на Република Македонија, и на целиот регион.
Тој додаде дека постојат традиционално добри врски меѓу Република Македонија и Австрија и заедничко минато, и нагласи дека особено е значајно што двете земји наскоро добиваат реална шанса за заедничка иднина како рамноправни земји членки на ЕУ.
Австрискиот канцелар Курц упати порака до граѓаните на нашата земја да излезат на референдумот и да го дадат својот глас според својот личен избор, но секогаш да имаат предвид дека Европската Унија нема да биде комплетна без сите земји членки на Западен Балкан.
Во прилог на ова соопштение изјавата на Претседателот на Владата на Република Македонија ви ја пренесуваме во целост:
Дозволете ми на почетокот да му се обратам директно на нашиот ценет гостин: Почитуван федерален канцелар на Австрија, господине Курц, сакам да ви ја изразам мојата, и благодарноста на Владата и на граѓаните на Република Македонија, за вашата сесрдна и силна поддршка за нашата земја.
Воедно, ви честитам на претседавањето со Европската Унија. Целосно ги споделуваме Вашите заложби да градиме мостови на пријателство и соработка, но и да придонесеме за побезбедна Европа.
Вашата поддршка дојде во еден клучен, би рекол, историски период, кога Република Македонија, се ослободи од теретот на „заробена држава“ и на киднапирани демократски институции, и за само една година направи квантен скок кон функционална демократија и независни институции во служба на граѓаните.
Во еден таков период, Вие и вашата земја, Австрија, подадовте рака и помош каква што беше и несебичната помош на двата најголеми и најсилни сојузи во светот, НАТО и Европската Унија.
Австрија и светот ја препознаа промената. На Република Македонија ѝ се даде шанса како никогаш до сега.
Поддршката како прво дојде во процесот на изнаоѓање на решение за нашиот спор за името со Грција. Виена беше домаќин на повеќе средби под покровителството на Обединетите нации. Во главниот град на Австрија се испишуваше историја и се скицираше одговорот и решението за нашата иднина.
Со постигнатиот договор во Преспа, се отворија вратите за нашето полноправно членство во НАТО и за почеток на преговори за членство во ЕУ.
Австрија, како и сите земји членки на двата најголеми сојузи, сакаат да ја видат Македонија рамноправна, со право на глас во семејството на европските демократски држави.
Вашата поддршка да станеме дел од семејствата кои ни ја гарантираат нашата стабилна и сигурна иднина, се од непроценлива важност.
На таа поддршка гледаме и како признание за нашата посветена работа.
Остануваме посветени и подготвени да останеме позитивен пример во регионот и светот тоа го цени.
Од огромен поттик за нас е што светот ја препозна Република Македонија како нова голема надеж за регионот и Европа. Освен како признание, ова го прифаќаме и како обврска и понатаму со иста енергија да го нудиме нашиот придонес за еден нов Балкан.
Вашата посета е силна порака и поттик за нас во пресрет на референдумот на кој граѓаните на нашата земја ќе ја изберат иднината. Ќе го дадат својот глас за одобрување на Договорот со Грција со кој ни се гарантира нашето место во Европската Унија и во НАТО.
Вашата посета ни ја упатува пораката дека Република Македонија се врати на вистинскиот пат, на европскиот пат. Презедовме лидерство, покажавме храброст, остваривме напредок во реформите и светот ја виде позитивната промена. Го препознаа обновеното чувство на оптимизам, отвореност, енергија, и надеж кои ги споделуваат нашите граѓани.
И ни порачаа: Ве чекаме во ЕУ и НАТО. И пристигнаа датумот за преговори во ЕУ и поканата за НАТО.
Сигурен сум дека зад одлуката на ЕУ да добиеме датум за преговори стои фокусот на австриското претседателство со ЕУ, кое јасно се определи да ги реализира евро-атлантските перспективи на Западен Балкан.
На крајот, дозволете ми да ја изразам и нашата голема благодарност и за фактот што Австрија ја вбројуаме во една од најзначајните економски партнери, чии компании се најголемите инвеститори во земјата.
Уверен сум дека политичката стабилност и безбедност, но и поради економскиот развој што се отвора за нашата држава со процесот за членство во ЕУ и НАТО, ќе создадат услови за продлабочување на економската соработка, во интерес на граѓаните на двете држави.