22/11/2024
Македонија

Премиерот Заев на заеднички прес со Заменикот Државен Секретар на САД Саливан

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска прими во посета делегација на американскиот Стејт Департмент, предводена од Заменикот Државен Секретар Џон Саливан.

На средбата, на која од страна на Владата на РМ присуствуваа и министерот за надворешни работи Никола Димитров, националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски, како и членови на кабинетот на Претседателот на Владата на РМ, премиерот Заев истакна дека оваа посета на висок претставник на администрацијата на САД, е уште еден доказ за постојаната и конструктивна поддршка на оваа земја за Република Македонија.

На заедничката прес конференција со Заменикот Државен Секретар Саливан, после билатералната средба меѓу двете делегации, премиерот Заев потсети дека стратешкото партнерство меѓу двете земји постојано се афирмира со сите меѓусебни средби и посети на високо ниво. Добрите односи се зајакнуваат и на ниво на директна, непосредна соработка во повеќе области и низ заедничките учества во мисии на НАТО, каде што нашите војници, рамо до рамо со американските, учествуваат во борба против тероризмот и екстремизмот  за одржување на мирот во светот.

„За време разговорот потенцирав дека во Република Македонија создаваме услови за политички амбиент кој ќе ја овозможи реализацијата на договорот од Преспа во целост, дека ги сведуваме ризиците на минимум и дека нема да ги препуштиме процесите на било каква случајност. Успешната завршница во Собранието на овој процес е нашиот билет за да членство во НАТО“, информираше за средбата на прес конференцијата премиерот Заев.

Претседателот на Владата на РМ Заев, на конференцијата за медиумите дополни дека на средбата со заменикот државен секретар Саливан станало збор и за актуелниот процес за уставните измени во Собранието на РМ, со чија успешна завршница ќе се забрза имплементацијата на Договорот од Преспа, со што ќе се овозможи членството на Република Македонија во Европската Унија и НАТО.

Владата на РМ, рече премиерот Заев на прес конференцијата, паралелно со овој процес, со иста енергија продолжува со реформите во правосудството, безбедносните служби и јавната администрација за да испорача кредибилни резултати со кои ќе се потврди одлуката на Советот на ЕУ за отворање на преговори за членство во ЕУ.

Осврнувајќи се на ситуацијата во регионот, премиерот Заев нагласи дека Република Македонија останува цврсто на својата улога да биде фактор на поврзување меѓу земјите во регионот и да ги охрабрува лидерите на земјите од Западен Балкан да бидат посветени на одржување на мирот, стабилноста и регионалната соработка, и во завршницата на своето обраќање пред новинарите истакна:

„Република Македонија е охрабрена и инспирирана од секоја средба со нашите пријатели од САД. Остануваме во тесна соработка за исполнувањето на нашата стратешка цел да станеме членка на НАТО и ЕУ, за да продолжиме уште поактивно да придонесуваме во евроатлантските структури за мир, стабилност и просперитет на сите нации кои се дел од истото семејство“.

Заменикот Државен Секретар на американскиот Стејт Департмент, Џон Саливан на прес конференцијата нагласи дека неговата посета тука и средбите што ги остварува се во името на силната поддршка на САД за храбрите одлуки што ги презедоа и реализираа премиерот Заев и другите лидери во Република Македонија, како земја која претставува клучна алка за мирот и стабилноста во регионот.


Изјавата на премиерот Заев од прес конференцијата, ви ја пренесуваме во целост:

„Посетата на Заменикот Државен Секретар Џон Саливан,  е уште еден доказ за постојаната и конструктивна поддршка на Соединетите Американски Држави на  Република Македонија.

Стратешкото партнерство меѓу нашите две земји е постојано афирмирано на сите меѓусебни средби и посети на високо ниво, со претседателот Трамп на маргините на НАТО самитот, со потпретседателот Пенс при нашата посета на Вашингтон, како и при официјална посета на американскиот Секретар за одбрана, господинот Џејмс Матис.

Дека тоа не се само декларативни заложби, потврдува нашата економска соработка и заедничките учества во мисии на НАТО, каде што нашите војници, рамо до рамо со американските, учествуваат во борба против тероризмот и екстремизмот  за одржување на мирот во светот.

Во денешниот разговор потенцирав дека во Република Македонија создаваме услови за политички амбиент кој ќе ја овозможи реализацијата на договорот од Преспа во целост, дека ги сведуваме ризиците на минимум и дека нема да ги препуштиме процесите на било каква случајност.

Успешната завршница во Собранието на овој процес е нашиот билет за да влеземе во НАТО.

Паралелно со овој процес, нам ни останува со иста енергија и повеќе, да продолжиме со реформите во правосудството, безбедносните служби и јавната администрација. 
Овие, како и останатиот дел од пакетот реформи од Планот 18 не става во целосна мобилна состојба.

Ние мораме да бидеме сигурни дека до средина на наредната година, на Европската Комисија во Брисел ќе ѝ испорачаме кредибилни резултати за да се потврди одлуката на Советот на ЕУ  за отворање на преговори за членство во ЕУ.

Процесите во Република Македонија имаат свое влијание и во регионот.

Нашата земја останува цврсто на својата улога да биде фактор на поврзување меѓу земјите во регионот и да ги охрабрува лидерите на земјите од Западен Балкан да бидат посветени на одржување на мирот, стабилноста и регионалната соработка.

Градиме партнерства за еден нов Балкан, со силна поддршка на ЕУ и САД.

На крајот, дозволете ми уште еднаш да нагласам:

Република Македонија е охрабрена и инспирирана од секоја средба со нашите пријатели од САД. Остануваме во тесна соработка за исполнувањето на нашата стратешка цел да станеме членка на НАТО и ЕУ, за да продолжиме уште поактивно да придонесуваме во евроатлантските структури за мир, стабилност и просперитет на сите нации кои се дел од истото семејство“.