26/11/2024
Македонија

Премиерот Заев на промоција на Бела книга 2018: Индикаторите покажуваат надеж и перспектива за економскиот раст кој ќе се темели на развојот на бизнис секторот и приватните иницијативи

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска присуствуваше на настан посветен на промоција на Бела Книга 2018 во организација на Советот на странски инвеститори при Стопанската Комора на Македонија.

Публикацијата Бела книга 2018 претставува концепт на приоритети на економските политики од перспектива на странските инвеститори кој нуди и предлози за олеснување на работењето во специфични области со цел да се стимулира подинамично инвестирање на странски капитал во земјата.

На заедничката панел дискусија, претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, претседателот на Советот на странски инвеститори и претседател на УО на ЕВН Македонија, Штефан Петер и претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески дискутираа за актуелни економски теми и за предизвиците со кои се соочува македонската економија.

Премиерот Заев одговараше на прашања кои се однесуваа на остварените економски резултати во 2018 и очекувањата во 2019, на проблемот со недостаток на квалификувана работна сила, за структурните реформи во образовниот систем и пазарот на труд како и на прашања поврзани со важната улога на регионалната соработка во процесот на интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ.

„Сите индикатори покажуваат дека има огромна перспектива и надеж за економскиот раст и развој. Секако тоа е возможно со развој на бизнис секторот, на приватните иницијативи и тука ги темелиме сите наши надежи. Третиот квартал завршува со пораст на извозот од 16.4%, индустриското производство расте за 5.2%, а финалната потрошувачка за 5% како резултат на порастот на платите. Сите овие параметри се одличен индикатор дека сме на добар пат“, рече премиерот Заев.

Премиерот Заев посочи дека при креирањето на политиките и носењето на легислативата и законите треба да се земаат во обзир барањата на бизнис на заедницата и во тој правец го посочи носењето на новиот закон за прекршоци.

„Правиме едно правично поставување на казните и ја воведуваме опомената пред казната. Стопанството не учеше дека треба инспекторите да работат со компаниите. Многу често грешките не се намерни и мора да укажуваме на нив со одреден рок на коригирање за санкциите да не бидат за полнење на буџетот. Тоа не го сакаме. Нашата алатка е да поттикнуваме да расте профитабилноста на компаниите, а со тоа ќе растат и приходите во буџетот“, истакна премиерот Заев и додаде дека важен елемент е борбата со сивата економија за што бележиме добри резултати со пораст на приходите од даноци и социјални придонеси од 15 до 24% пораст во октомври 2018 во споредба со октомври 2017.

На дискусијата по повод промоција на публикацијата Бела Книга 2018 посебно внимание се посвети на структурните реформи во образованието и пазарот на трудот кои треба да го решат проблемот со недостатокот на квалификувана работна сила на кој посочува бизнис заедницата и странските инвеститори во Република Македонија.

„Фокусот мора да биде и во средното и во високото образование. Вчера го донесовме Законот за практиканство во Владата на Република Македонија и го пуштивме. Алатка повеќе со која ќе овозможиме директно студентите да имаат своја практична едукација додека студираат да можат да работат и заработуваат и да бидат подготвени за пазарот на трудот. Кромберг и Шуберт, Дрекселмаер и ЕВН веќе прават метчинг програми. Тоа е малку и треба уште повеќе да работиме во тој правец за да може да ги подготвиме младите со практично искуство“, нагласи премиерот Заев.

Осврнувајќи се на отворените перспективи за развој на економијата премиерот Заев рече дека нашите тридецениски аспирации за членство во ЕУ и НАТО полека се заокружуваат и изрази очекување дека Парламентот ќе ја заврши својата задача со што ќе се испрати сериозна охрабрувачка порака за странските и домашните инвеститори за членството на Република Македонија во ЕУ и НАТО што ќе обезбеди траен мир, стабилност, сигурност и безбедност како важен предуслов за нови инвестиции и развој на економијата.