26/11/2024
Македонија

Премиерот Заев на средба со новоименуваниот амбасадор на Косово Дедај

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска имаше средба со новоименуваниот амбасадор на Република Косово во Република Македонија, Ѓерѓ Дедај.

Премиерот Заев на почетокот на средбата на амбасадорот Дедај му посака успешен мандат во насока на понатамошно продлабочување на пријателството на двете земји.

На средбата беа изнесени и предлози и идеи за понатамошна експанзија на билатералната рамка на соработка помеѓу двете земји во повеќе области од взаемниот економски развој и трговската размена, како и заедничката посветеност во реализицијата на инфраструктурни проекти за подобро поврзување на Република Македонија и Република Косово, како што е автопатот Скопје – Приштина и отворањето на граничниот премин Белановце – Станчиќ.

Премиерот Заев во оваа прилика истакна дека Македонија има голем интерес во издигање на пријателските односи со Косово на повисоко ниво преку динамизирање на комуникацијата помеѓу државниот и приватниот сектор, за добробит на граѓаните на двете земји.

„Имаме многу можности пред нас кои можеме да ги искористиме за подобрување на нашите односи. Имаме и взаемен интерес за завршување на повеќе инфраструктурни проекти кои дополнително ќе ги зближат нашите земји и народи. Најбитно е што имаме и взаемно разбирање и споделена европска визија преку несебичната соработка на сите земји од регионот“, рече премерот Заев на средбата.

Амбасадорот на Република Косово во Република Македонија, Дедај, пак,  истакна дека ќе го вложи целиот свој капацитет за подобрување на билатералните односи и поддршка на прогресивните процеси во интерес на Евро-атлантските перспективи на Република Македонија и целиот регион.