Премиерот Заев на средби со хрватската претседателка Грабар-Китаровиќ и собранискиот претседател Јадроковиќ
Претседателот на Владата на Република Македонија, се сретна и со хрватската претседателка на државата, Колинда Грабар-Китаровиќ и со претседателот на Собранието на Република Хрватска, Гордан Јадроковиќ, по средбата со премиерот Андреј Пленковкиќ.
Претседателката на Република Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ најави дека Хрватска силно ќе ги поддржи процесите за членство на Македонија во НАТО и ЕУ. Таа честиташе за Договорот со Грција и изрази надеж дека тој ќе биде брзо ратификуван во Парламентот. Исто така, хрватската претседателка Грабар-Китаровиќ рече дека Хрватска продолжува да ја дава и техничката поддршка на Македонија во европските интеграции.
Премиерот Заев рече дека очекува успешно завршување на процесот во Парламентот, со што ќе се овозможи и брзо членството во НАТО, а тоа ќе отвори и почеток на пристапните преговори со ЕУ.
Премиерот Заев изрази очекување дека Македонија и Хрватска ќе ја зголемат трговската размена и инвестициите, бидејќи тоа го овозможува искреното пријателство меѓу двете земји, како што и заеднички констатираа со претседателката на Хрватска, Грабар-Китаровиќ.
На средбата се посочени можности за соработка во инфраструктурата, поштенските услуги, фармацијата.
Претседателот на Собранието на Република Хрватска, Гордан Јадроковиќ исто така му честиташе на премиерот Заев за храброста во сложениот процес во којшто влегоа тој и Владата за да ги осигураат евро-атлантските перспективи на Македонија. Тој констатираше дека со тие политики се отвора патот во НАТО и ЕУ на нашата држава, како и дека хрватскиот Парламент ќе продолжи со потребната силна поддршка за тоа и да се реализира, посебно што Хрватска е заинтересирана просторот на сигурност во регионот да се шири.
– Посветено работиме на домашните реформи. Низ инклузивни политики се обидуваме да работиме и во Парламентот, посебно за прашања од стратешки интерес. Очекувам да се зголеми парламентарното мнозинство во поддршката на уставните амандмани, реализација на Договорот од Преспа и конечно Македонија да влезе во НАТО и да почне преговори со ЕУ, рече премиерот Заев на средбата со претседателот на хрватскиот Парламент, Јадроковиќ.
Делегациите на Македонија и на Хрватска на владино ниво продолжуваат со заедничка вечера што ја организира домаќинот на утрешниот Самит на шефовите на влади на земјите членки на ЦЕИ, премиерот Пленковиќ, како и со заедничка прошетка во центарот на Загреб.