23/11/2024
Македонија

Премиерот Заев од изборот на спортисти за 2018 година: Силно го поддржуваме спортот, затоа што спортистите се пример на сите нас

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, синоќа присуствуваше и се обрати по повод свечениот настан „Спортисти на годината 2018“ кој го организираше Агенцијата за млади и спорт и Сојузот на спортски федерации. Тој беше придружуван од директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски и министерот за внатрешни работи и потпретседател на Владата, Оливер Спасовски.

На овој настан беа присутни спортисти, спортски работници, претставници на спортските федерации, како и поддржувачи на спортот.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, во своето обраќање истакна:

„Навистина е величенствен чинот, преку ваквите спортски награди, да ја завршиме оваа 2018 година, со надеж за уште поголеми успеси во годината која што доаѓа. Мене ми е драго да бидам предводник на извршна власт, којашто има силна мотивација, да вложи сериозни пари и веќе вложува сериозни пари во поддршка на спортот, затоа што веруваме дека идоли за сите нас, сте токму вие спортистите од нашата земја. Затоа, она што до сега го правиме, со вложување сериозни и квалитетни средства во федерациите и спортските клубови и продолжуваме да растеме со буџетот.

Следната година имаме дополнителни 6 милиони евра, ваучерскиот систем стартува од јануари 2019 година, што дополнително значи нови 6 милиони евра за сите спортски клубови.

Во Буџетот кој што помина пред некој ден, 75 милиони денари се веќе предвидени за изградба на Домот на спортовите.

Уште во јануари и февруари, сите ве поканувам да ја направиме Националната стратегија за спорт, а при крај се фазите на одлуки, кои што треба да донесат, сите спортски објекти коишто беа под Јавното претпријатие за стопанисување со спортски терени и објекти, да бидат наменети да бидат доделени на федерациите и општините за да може да ги користат сите спортисти.

Ова го зборувам од срце, заради тоа што сакам навистина, да мотивирам сериозни цели и успеси. Ние се радуваме на секое наше учество, на секој наш спортист, на секој спортски клуб, национален тим.

Македонија ве бодри секаде и тоа е најмалку што можеме да направиме, затоа што дефинитивно вие сте нашите најголеми амбасадори.

Ви благодарам од името на граѓаните на Македонија, што ни ја претставувате нашата убава земја“.

За најдобар спортист за 2018 година е избран каратистот Емил Павлов, европски првак во карате-борби категоријата до 60 килограми и прв шампион од Македонија во еден олимписки спорт, додека за најдобра спортистка е прогласена ракометарката Сара Ристовска која со РК Вардар имаше настап на фајнлфор турнирот во Лигата на шампиони.


Директорот на Агенцијата за млади и спорт Каевски: Го зголемуваме бројот на млади кои спортуваат и поддршката за нив ќе расте во иднина

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски имаше свое обраќање на настанот „Спортисти на годината за 2018“, и истакна дека настанот е убава прилика да се потенцира дека со „спортскиот вирус“ во годината што изминува се „заразени“ нови 20 проценти или во бројки 35 илјади ученици од основното и средното образование да учествуваат во спортот и спортските активности.

Во продолжение Каевски се осврна на најважните мерки што АМС и Владата на РМ ги презедоа за дополнителни средства во Буџетот за поддршка на зчајани спортски проекти.

Во продолжение на ова соопштение ви го пренесуваме говорот на Каевски од свеченоста по повод изборот на „Спортисти на годината за 2018“.

„Еден од проектите којшто беше наше ветување е и спортскиот ваучер којшто треба дополнително да им донесе средства на спортските клубови, спортистите и федерациите за следната 2019 година. Таа мерка не само што треба да им го олесни патот на спортистите туку треба и да помогне во развивање на нови „спортски зависници“, но и секако да ја разбиеме бариерата помеѓу компаниите и спортските клубови.

Компаниите мораат да ни веруваат и да не поддржат дека секоја помош во спортот е помош и во нивниот иден кадар, затоа што само преку спортот можеме да изградиме здрава нација којашто спортскиот дух и здравото тело ќе им помогне во натамошниот животен век.

Еден од проектите којшто го најавивме е жената во спортот. Со дополнително помагање и субвенционирање на клубовите и едукативните програми, направивме сериозен исчекор на интеграција на жената во спортот. Се надевам дека од година во година овој систем ќе го јакнеме и ќе се радуваме на успесите кои ги имаат жените во спортот.

Во оваа година, го возобновивме системот на ветераните, и нивното искусто и знаење е многу важно за развојот на спортот. Ги поддржавме сите активности на лицата со инвалидитет и на лицата со посебни потреби, се со цел нивна дополнителна интеграција во спортот и секојдневието. 

Завршивме со целосната документација и во месец март стартуваме со изградбата на базените, во месец ноември го комплетиравме проектот изградба на фитнес зони на отворено, коишто се во насока да го подигнат рекреативниот спорт. Тука се и домот на спортовите и две сали за боречки вештини во 2019 година. 

Секако, нашиот најголем фокус ќе продолжи да ни бидат младинските категории, коишто преку поддршката што ја даваме, ќе успееме да да го подигнеме спортот и условите во спортот.

За крај, сакам да се заблагодарам на  претседателот на Владата на РМ, на министерот за финансии,  советниците за спорт на Премиерот, на раководителот и секторот спорт при АМС, на спортските федерациите, на спортистите и спортските работници, на професорите и новинари и на сите оние кои не поддржуваат да ги оствариме нашите заеднички идеи и визии на спортот во РМ“.