Премиерот Заев: Остро и категорично ги отфрлам сите шпекулации за каков било политички договор со Никола Груевски, тој ќе биде исправен пред домашните судови
(интергален транскрипт од новинарските прашања и одговори на Премиерот Зоран Заев на заедничката прес конференција со малтешкиот премиер Мускат)
Н.П: Господине Заев, долго се боревте за да го симнете Груевски од власт и знаете дека очекувањата беа многу големи кога станавте премиер. Вечерта откако се изгласа новата влада, пред вашиот штаб дадовте порака до вашите функционери, буквално ќе ве цитирам „да ми го чувате народот затоа што ќе има оставки и разрешувања“. Во изминатиов период многупати затворивте очи, дури и кажавте, ако го разрешам, конкретно беше за господинот Анѓушев, со кого ќе работам. Затворивте очи и кога се откажа тендерот на вашиот министер што стои пред вас, а затворивте очи и кога господинот Лика не доаѓаше на работа. За последниот случај со господинот Груевски, повторно вината ја префрлате во правдата, меѓутоа, дали овој пат ќе затворите очи и пред тоа кој ги контролира границите? Вашиот министер изјави дека Груевски е слободен човек и не можевме да го следиме цело време. Што ако нешто му се случеше на господинот Груевски, 13 години беше премиер, кој ќе беше тогаш одговорен, и кој ги контролира нашите граници? И уште едно многу побитно. На вчерашното интервју, вашиот министер рече дека добивал илјадници пораки дека Груевски е во ВМРО, Груевски се крие кај Иванов, и се обиделе да постапуваат. Како се работи така преку пораки? Објавувавте бомби скоро една година, не ви дојде полиција на врата. Знаете ли колку е сериозно во еден демократски систем да пратите полиција пред штабот на една опозициска партија, во еден нормален демократски свет. Сфаќате ли колку е сериозно да пратите полиција ако немате конкретна информација дека Груевски се крие во тој штаб?
Одговор: Може ли да одлучите прво за кој аспект на пристап на власта сте? Значи или да пристапиме кога добиваме наредба и тоа да го истражиме до крај, или пак да не постапуваме воопшто и да не водиме грижа? Министерството за внатрешни работи постапи исклучиво согласно законот. Како и за секој човек, без наредба на судот, министерството не може да пристапи во делот на следење, негово набљудување или слично.
Затоа што логично беше, по сите аспекти, од она што беше видливо за јавноста, дека се чека упатниот акт, да биде прифатен и да ди на отслужување на казната затвор.
Без наредба, Министерството за внатрешни работи не може ни вас, ниту на мене, ниту на било кој граѓанин да му пристапи. Секако, од тој аспект, неколку дена претходно Груевски беше на иста комисија на која бев и јас, уставната комисија во Парламентот, редовно на седниците во Собранието. Ова го кажувам не за тоа дека ние би требало да бидеме поподготвени, повнимателни… туку затоа што испраќа и сериозна официјална порака дека не треба да правиме ништо повеќе од тоа што законот го пропишува. И од таков аспект, морам да кажам дека строго е постапено по закон, на еден внимателен и демократски начин. Секако, проверката на возилата кои што излегуваат од штабот на ВМРО-ДПМНЕ, од страна на полицијата, е согласно наредбата која што е добиена од полицијата, за внатрешна потерница, да се бара лице, во конкретниот случај, Никола Груевски, за да биде испорачан на отслужување на казната затвор.
Немаше налог за влез во политичка партија, ниту пак некој имаше намера, да направи таков влез во политичка партија, исклучително се постапувало согласно наредбите. Ние сме земја која што има намера да биде членка на Европската Унија, и без разлика какви се чувствата или слично, тоа не ни дава за право да ги кршиме законите, посебно не од страна на институциите, затоа што постапувањето исклучиво согласно закон, е нешто кое што се очекува и од институциите и од сите граѓани во Република Македонија. И од тој аспект, веќе знаете, постапивме согласно она што е обврска по закон, распишавме меѓународна потерница, бараме да се екстрадира господинот Груевски назад во државата. Секако се очекува за една земја како што е Унгарија, да биде пример која што нема да штити криминалци кои што направиле штета врз граѓаните на Република Македонија, ќе побараме екстрадиција и тоа јавно го кажуваме, во сите постапки, затоа што, каква е мотивацијата за нас земјите кандидати за членство во Европска Унија, кога една земја членка на Европската Унија, би била засолниште на криминалци и евентуално не ја почитува меѓународната пракса и меѓународното владеење на правото.
Секако, остро и категорично, сакам да ја искористам приликата, остро и категорично, да ги отфрлам сите шпекулации за каков било политички договор со Никола Груевски. Вчера, десет минути пред да биде објавена веста, дека Груевски е во Будимпешта, јас дадов изјава, потполно не знаејќи, и кажав. Имаше многу скептици, дека нема да видат политичари исправени пред суд, тоа се случи. Имаше многу скептици дека нема да има судски пресуди, тоа се случи. Дека нема да има второстепени пресуди, дека жалби, служење на затвор ќе бидат политички договарани, не!
Досега се потврди владеење на правото до максимум и независност на правосудните институции до максимум, низ еден комплетно транспарентен процес. И јас сум убеден, дека времето ќе покаже, Груевски ќе се врати назад и ќе ја служи својата казна, и секако ќе биде исправен пред суд, да се брани, а системот да докаже дека е виновен и за други дела.
Н.П: Никола Груевски ви избега. Дали ќе признаете дека има пропусти во целата постапка, кој ќе ја сноси одговорноста за тоа што одговорноста секогаш била во вашите говори број еден. И дали е ова план од таканареченото помирување?
Одговор: Да гласаше барем во Парламентот па да дискутиравме за некој план – таен или слично. Апсолутно секој процес го водиме максимално транспарентно. Ова нема ништо тајно, заткулисно или слично. Пропусти нема направено ниту една институција. Единствено, ако граничните премини го пропуштиле на официјалните гранични премини и граничната полиција направиле одредени пропусти, веднаш дадовме налог да се истражи целата постапка. И сите резултати од истрагата јавно ќе ги објавиме. Секој пат сме работеле транспарентно и одговорно. Исто досега во делот на транспарентноста на постапките се откриени и одредени слабости за кои што зборуваше вашиот колега претходно, но секако делот на етичкиот однос, кои што беа повлечени, како на пример – заради тоа што тендерот во здравството не нудеше доволна транспарентност. Под крикот на јавноста рековме ја прекинувам постапката, ќе го подготвиме и транспарентно ќе го објавиме за да има и компетитивност во него заради тоа што се јавила една фирма. Или во делот на етичкиот дел, не на законскиот, примерот кога конкурирала фирма во која сопственички удели има потпретседателот на Владата, кога јавно се реагира тој ги повлече своите апликации од своите фирми. Така да, секако имавме случаеви каде што не можеше да се повлече грешката, па беа и разрешени луѓе во државата. Одговорни сме и транспарентноста во сите овие постапки ја прави оваа Влада чесна, одговорна, посветена и секако пример за начинот на владеењето кој што многу Европски земји го имаат денеска.
Н.П: Премиере не мислите дека Владата треба да е и одговорна, а не само чесна. Кој ќе сноси одговорност за срамот што ни го приредивте?
Одговор: Не знам како мислите дека тоа е приреден срам од страна на Владата. Дали во општеството треба да биде за се виновна Владата. Владата постапува согласно закон и своите постапки јавно и транспарентно ги образлага. Јас сум убеден дека процесите кои што ги водиме сепак ќе доведат до нашите очекувања на граѓаните, а тоа е да се изврши затворската казна на секое осудено лице, вклучително и на Никола Груевски. Досега тоа лично сум го докажал од секој можен аспект на сите тврдења или било какви шпекулации кои се јавуваа во јавноста дека постоело договор за било што. Во минатото, бевме исправени пред многу случаеви каде што се имаше резерва од страна на граѓаните и се потврди дека не постојат никакви тајни договори. Апсолутно, Министерството за внатрешни работи постапило кога ја добило наредбата, Министерството за внатрешни работи не смеело да постапи и да направи ништо повеќе пред да ја добие наредбата и едноставно ги следиме сите постапки и процедури.
Н.П: Господине Заев, рековте дека ќе барате враќање назад на Груевски од Унгарија, сепак што очекувате од унгарската Влада и дали конкретно сте зборувале со унгарскиот премиер? И уште нешто дополнително, значи цело време слушаме дека Владата е фокусирана на реформите во судството инаку ова и ни се бара од страна на Европската Унија конкретно во фазата на процесот на скринингот, секој ден зборувате дека сте фокусирани во реформите во правосудството во правната држава, но во реалност ни избегнува Груевски од државата и никој нема сознание, никој нема информации, дури комично се бара во неговиот стан. Кои се доказите дека нашата Влада стварно работи на правосудството или пак реформите?
Одговор: Доказите дека Владата работи на правосудството е прво немешањето во правосудството. Ако Владата имала под контрола дел од правосудните органи, тоа е судот или обвинителството, можеби работите ќе се случувале поинаку. Но трајните последици од мешање на извршна власт врз правосудна власт остануваат трајни последици. Во вакви околности правосудството е тоа кое што ги носи одлуките. Апсолутно кога испорачува упатен акт, кога носи пресуда, кога поднесува обвинителен акт, кога дава притвор, кога не дава притвор и слично. Ние на времето сме реагирале кога во ваквата постапка беше одбиено притвор, јавно тоа го кажувавме, ги кажувавме аргументите зошто тоа се случува. Треба сите во Македонија да се навикнеме дека правосудството не е во делот на надлежноста на Зоран Заев како премиер. Правосудството е независно. Правосудството е сосема различна власт од извршната власт, од парламентарната власт, од локалната власт. Правосудството секако ги носи своите одлуки, растеретени од било какво влијание. Јас сум кажал секогаш , тој што не е виновен и не постојат докази не треба да одговара, тој што постојат докази треба да си носи одговорност. Судството имало случаеви на ослободување, судството имало случаеви и на потврдување на пресуди, преку и второстепени инстанции и редот е секој буквално да си ја отслужи казната. Јас само уште еднаш ќе кажам каков кукавица е тој, кој што цело време велеше дека тој за Македонија е спремен да оди во затвор, без разлика што ќе се случи, тој само да не бидат сите други мета или таргет е спремен да ја прифати одговорноста или слично, дојде моментот на прифаќање на одговорност и избега како кукавица надвор од државата. Обидувајќи се претходно да добие нови аболиции или не знам што во државата. Тоа само по себе потврдува дека е виновен за тоа што е осуден а веројатно ќе се потврди на суд, тоа е на судот работа, потенцирам, секоја негова вина за која што се сомничи. Затоа што сите знаеме дека имавме режим кој што комплетно контролираше. Контролиран од страна на Груевски и неколку луѓе околу него. Единствено Македонија има иднина ако има казна. Казните мора да бидат испорачани. Казните мора да бидат одлежани. Така да ние ќе направиме се во рамките на тоа што е наша надлежност да го испорачаме назад Груевски. Веќе се почнати сите постапки. Јавноста ќе биде максимално транспарентно информирана за се. Јас го разбирам гневот и кај вас новинарите, постои и кај мене тој гнев. Секој пат сум зборувал отворено и апсолутно ве уверувам само уште еднаш дека ако имало нешто што требало да го направиме претходно би го направиле. Не дека немало гласини дека некој може да бега или не. Но не можете да преземете дејствие за некој кој што се уште е слободен човек, кој што нема упатен акт за затвор, кој што било што не е потврдено во правна процедура. Тогаш ги нарушувате не само законите, туку основните човекови права и слободи и апсолутно јас сум Зоран Заев кој што ги отвори бомбите, без разлика на се. Јас сум истиот тој Зоран Заев кој што овозможи независни судски постапки без разлика на се. Јас сум истиот тој Зоран Заев кој што вози сериозен политички процес, кој што ова бегство знаеме дека може сериозно да го наруши и Македонија да изгуби трајно. Но судството е судство, политиката е политика, парламентот е парламент, владата е влада. Секој мора да си ги носи своите одлуки и да има одговорност за своите постапки.
Министерот за внатрешни работи на Унгарија го бараше нашиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски и потврди дека Никола Груевски е таму, дека има побарано азил и секако побара дел од информациите за што е осуден Никола Груевски, за што се води истрага. Тие информации ќе бидат испратени веројатно уште денеска. Ние уште вчера потенциравме дека не се работи овде за политиканство во Република Македонија, се работи за конечна правосилна пресуда на осуден криминалец. Ако Унгарија е дел од Европската Унија недозволиво е, земја-членка на ЕУ да не го почитува владеењето на правото. За нас таа Европска вредност е светост. Јас уверувам дека низ пријателството помеѓу нашите две земји, без разлика на било какви лични пријателства, се работи за две пријателски земји, дека ќе постапи исклучиво според меѓународното право и регулативи, на кој што се потписнички и двете земји, и Унгарија ќе го испорача Никола Груевски ден поскоро за да може да ја отслужи својата казна за која што е осуден со правосилна пресуда.