Премиерот Заев: Пред нас имаме историска шанса, треба да ја зграбиме, да бидеме творци на Европска Македонија
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска по завршување на тематскиот панел „Патот до Брисел преку Охрид“, даде и изјава за медиумите. Тој истакна:
„13 август е значен датум во поновата историја на Македонија.
Денес одбележуваме 17 годишнина од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор кој стави крај на конфликтот, ги постави темелите на соживот во Република Македонија и го осигура интегритетот на нашата заедничка држава.
Иако имаше обиди тие темели да бидат поткопани, успеавме заеднички да ги возобновиме.
Денес градиме едно општество за сите. Општество каде сите се еднакви и имаат еднакви шанси. Општество каде законот важи подеднакво за сите.
Во исто време се помиривме со нашите соседи и го зацврстивме пријателството.
Со Република Бугарија потпишавме договор за пријателство добрососедство и соработка, и ги заштитивме националните интереси на двете страни. Истовремено ја поттикнуваме и ја олеснуваме заедничката европска иднина на младите од двете држави, како и меѓусебната економска соработка.
Договорот со Бугарија, како и договорот со Грција, се документи кои градат мостови меѓу граѓаните и кои создаваат сојузништво.
Договорот со Република Грција, го потпишавме во интерес на иднината на Република Македонија и на сите граѓани на оваа земја, без разлика на етничка, верска или политичка припадност.
Договорот го заштитува македонскиот идентитет. Македонскиот идентитет, според членот 7 од договорот, ги отсликува нашата територија, нашиот јазик и нашиот народ со своја историја, своја култура и со свое наследство.
Со договорот, нашето државјанство е потврдено како македонско. Официјалниот јазик на нашата држава е заштитен како „македонски јазик“, без фусноти или додавки.
Македонската иднина е загарантирана.
Со потпишување на договорот во Преспа ја отстранивме и последната пречка на патот на нашата земја за влез во НАТО и за почеток на преговори за влез во Европската Унија.
Стануваме член на семејствата на НАТО и на ЕУ каде што вредносно и цивилизациски припаѓаме. Обезбедуваме стабилност, безбедност, економски развој, раст и подобар животен стандард.
Она што ни преостанува е да бидеме храбри. Храброста значи обединети, гордо и достоинствено да кажеме ДА за заедничка светла иднина.
На 30 септември секој од нас има можност да биде еден од творците на Европска Македонија.
Историската шанса за нашата иднина е пред нас, имаме одговорност да ја искористиме.
Да кажеме ДА за македонската иднина.
Ви Благодарам“.
Претседателот на Владата на Република Македонија, по своето излагање на панелот на тема „Патот до Брисел преку Охрид“, по повод одбележувањето на 17 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, одговараше и на новинарски прашања. Во продолжение Ви испраќаме интегрален текст од нив.
Новинарско прашање: Премиере, само три проценти од граѓаните го прочитале Договорот со Грција. Како мислите да ги убедите до 30 септември, уште месец и пол има, со оглед дека кампањата е почната само на Фејсбук засега. Второто прашање, ова што се случи со Бугарија дали тоа го оценувате како уцена од страна на Бугарија, пораката на Борисов за Европскиот совет и дали прашањето со Бугарија не е затворено и дали е тоа предизвик за Договорот со Грција?
Премиерот Заев: Договорот е техниката, алатката со која што ги затворивме отворените прашања. Ние мораме да продолжиме во духот на Договорот, да внимаваме на градењето на нашето пријателство заради тоа што заедничка ни е иднината. Рековме, на темелите на минатото и на историјата ја градиме нашата заедничка иднина која што треба да обезбеди иднина на нашите потомци, на генерациите што доаѓаат, но и на сегашните генерации. И од тој аспект, секако треба и ние политичарите и историчарите и експертите и сите граѓани на двете земји да внимаваме и да придонесуваме кон тоа заедничко пријателство. Затоа што, само заедно, сплотени, Балканот со сите свои соработки ќе биде уште повеќе почитуван од Западот, од Европа, каде што се стремиме да бидеме и Македонија и целиот Западен Балкан.
Во делот на првото прашање кое што го поставивте, дополнително, кампањата ќе се отвори. Знаете дека согласно Законот за референдум, кампањата почнува со одлуката во Собранието. Во секој случај, секако, државата ќе донесе свои одлуки, политичките партии веројатно ќе си донесат свои одлуки и преку кампања ние ќе се обидеме да Договорот со Грција го доближиме максимално до сите граѓани. Јас апелирам и во оваа можност, да ги повикам граѓаните да го погледнат Договорот, да видат дека сето она што е потврдено, што беше проблематично со нашиот идентитет е целосно потврдено. Загарантиран е македонскиот идентитет, а којшто беше спорен, загарантиран е македонскиот јазик. Ова е, преведливо на сите јазици. Никогаш повеќе, никој, не го спори нашиот идентитет, нашиот македонски јазик и нашата македонска посебност. Секако, напоменувам, не беше никогаш спорен идентитетот на помалку бројните етнички заедници во државата. Ова е историско прашање, ова е вековната борба на нашите предци, ние сега имавме чест да ја заокружиме. Од тоа, верувам дека државата и Владата има целосно право, да ја информираат јавноста и граѓаните, пред да ја донесат оваа историска одлука. И во тој дел, Владата утре, на седница, ќе дебатира и ќе донесе одлука како да помогне во информативниот дел на кампањата, за да може овие три проценти од граѓаните, кои што само го прочитале Договорот, да станат 100 проценти. Секако, тоа е должност на Владата и обврска согласно Законот, да го направи поблиску до граѓаните овој Договор, да ја знаат комплетната вистина, суштината и она што го обезбедува овој Договор. А тоа се, вековните аспирации на нашите граѓани, прво за слобода и демократија, а понатаму низ институциите и интеграциите и во НАТО и во Европската унија. Да ги достигнеме овие европски вредности за кои што се залагаме сите ние.
Новинарско прашање: Има споменици на нацисти, во Симница (Гостиварско) на Џемаил Хасани. Дали тој споменик ќе биде симнат? Не личи во државата да има споменици од нацисти.
Премиерот Заев: Секако. Сето она, коешто е потврдено за нацистичко минато, потврдено преку спомените или слично, треба да го утврдат институциите и согласно правно-формалните аспекти, согласно на законите во Република Македонија ќе постапат и институциите. Владата, ќе постапува согласно Уставот и законите и секако она што е поставено како споменик, правно-формално треба да се види како е регулирано. Второ, треба да се докаже низ институциите за одредени тврдења.
Новинарско прашање: Кој ќе биде наследник на Лазе Велковски, на директорската позиција во Бирото за јавна безбедност и што се крие зад неговата оставка, односно неговото барање за разрешување? Има обвинувања дека станува збор за внатре партиска пресметка.
Премиерот Заев: Апсолутно, не. Се работи за поднесување на одговорност, она што граѓаните го очекуваат од политичарите, од носителите на јавните функции и слично. Затоа што, уште еднаш ќе потврдам господинот Велковски е еден од моите први соработници, соработници на министерот Оливер Спасовски, но грешката е направена и одговорноста мора да се понесе. Секако, јас верувам дека тој ќе остане и понатаму значаен фактор во Министерството за внатрешни работи, заради тоа што е важен со неговото искуство и од помош на државата и таа треба да продолжи да го користи неговото искуство во работата. Исправен пред заканата и одредени закани, коишто од минатото се насочени кон него и семејството, секако ја направил грешката и за таа грешка треба да понесе одговорност. Министерот за внатрешни работи преку Министерството за внатрешни работи веќе објави јавно, даде предлог за разрешување, Владата на утрешната седница ќе го разгледа Предлогот, а секако после тоа ќе разгледуваме и можни решенија доколку Владата одлучи да постапи по предлогот на овластениот предлагач, министерот за внатрешни работи. Значи, апсолутно господинот Велковски е професионалец, да, точно, тој е припадник на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) и верува во политиките на СДСМ, но секогаш важел за еден сплотувачки фактор. Социјалдемократскиот сојуз е единствен и е сплотен, посебно пред вакви важни моменти и апсолутно, овде се работи само за чин на понесување на одговорност за една грешка.
Новинарско прашање: Во Рамковниот договорот се предвидуваше и анализа за начинот на имплементација, но сега немаме резултати и информации до каде е спроведувањето на овој Договор? Вие како Влада дали ќе ја земете в предвид таа анализа?
Премиерот Заев: Анализата за спроведувањето на Рамковниот договор, е онлајн и буквално се прави постојано, континуирано, знаете дека и правно-формалниот аспект на Рамковниот договор преку Законот за употреба на јазиците јавно го коментиравме како последен правно-формален аспект. Анализата на рамноправната застапеност на јавните институции и насекаде по институциите во Македонија е анализа којашто редовно Владата и преку Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, но и како Влада ја соопштуваме. Досега, од она што го знаеме, е дека вкупно 19 проценти е застапеноста на граѓаните Албанци во јавните институции, што значи е помалку од вкупниот број. Треба да продолжиме понатаму да работиме, но и на помалку бројните заедници не е соодветна застапеноста во јавните институции. На последната седница на Владата, реферираше Управата за приходи како една од поголемите институции, за бројките. На секоја седница на Влада, ќе имаме по една институција, се со цел да мобилизираме од аспект на рамноправната застапеност на сите граѓани, да учествуваат во работата на државата, а преку тоа да го градиме едното општество за сите, меѓу другото покрај сите други аспекти, да придонесеме сите да ја чувствуваат земјата вистински за своја, со сите свои права и со сите свои одговорности.
Новинарско прашање: Имате ли нови имиња кои би можеле да го заменат Лазе Велковски?
Премиерот Заев: Не, апсолутно немаме ни размислувано. Ние не се надевавме дека ќе дојде до таква грешка која што е направена и секако Лазе Велковски е еден од првите директори којшто е поставен од страна на оваа Влада пред една година и месец отприлика е поставен за директор затоа и немаме воопшто размислувано. Но јас верувам дека ќе ни треба време, да најдеме вистинско решение со добра анализа за ова место, доколку секако Владата одлучи да постапи по предлогот на министерот Спасовски.
Новинарско прашање: А како го коментирате тоа што за Лазе Велковски има веќе предлог за разрешување, а Вие не ја прифативте оставката на Вице премиерот Кочо Анѓушев за доделувањето на грантови?
Премиерот Заев: Заради тоа што овде имаме констатирано грешка.
Новинарско прашање: Дали има двојни аршини?
Премиерот Заев: Не, апсолутно нема. Заради тоа што овде има констатирана и потврдена грешка. Во делот на Фондот за иновации и апликациите, секој по закон во Република Македонија има право да, напоменувам секој. Дали ние тоа ги извитоперуваме вредностите или не, тоа е прашање за дебата. Но, при ваквите аплицирања за самите грантови или поддршка од страна на Владата на домашните компании, етичкиот аспект беше доволно како причина да отвори дебата. При ваквата дебата имаме и повлекувања. Значи немаме грешка согласно законот. Немаме грешка којашто е од ваков карактер како што е овде и потврдено. Се повлече компанијата во којашто Кочо Анѓушев има 16% или, не знам, Хари Локвенец има 30% и коишто се носители на функции во власта, еден е во парламентарната власт, другиот е во извршната власт и апсолутно се работи за два различни случаеви. Законот важи еднакво за сите и одговорноста мора да ја поднесува секој. Ние имаме еклатантни примери каде што тоа веќе сме го докажале. Ако направите анализа, Владата, иако е година и два месеци во функција, повеќе од 20 луѓе се разрешени, коишто истата Влада ги именувала, по различни основи. И јас верувам дека пораката која што ја испраќаме до сите е константна и нема дилеми околу неа. Ако било кој се огреши пред законот, треба да одговара, ако некој направи грешка, тогаш треба да ја поднесе одговорноста и од етички аспект во делот на отстапување од функцијата.
Новинарско прашање: Што ќе биде со предлог законот за финансии во кои се предложува УЈП да имаат слободен пристап до информациите на граѓаните од банкарските аспекти, бидејќи пред се банкарската заедница, но и останатите аспекти сметаат дека тоа е премногу. И уште едно прашање поврзано со рамковниот договор, каде беа двајцата потписници, зошто не дојдоа двајцата потписници на рамковниот договор Бранко Црвенковски, Љупчо Георгиевски, што беше причината за нивно недоаѓање?
Премиерот Заев: Значи, јас сум канет гостин денеска, јас се одзвав на поканата и дојдов, сум присутен. Ќе треба да ги прашате двајцата потписници, тоа се поранешните претседатели на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, тие ќе ви дадат одговори. Треба да присуствуваат, ако моето мислење го прашувате за оваа работа затоа што придобивките од договорите треба да ги крепиме и понатаму, еднаш за секогаш ни се дадени. Тие имаат свој дух и треба да го негуваме таквиот дух. Јас денеска изразив почит кон сите потписници на рамковниот договор, вклучително и кон некои коишто не се живи, господинот Арбен Џафери, на пример и многу други. Луѓе коишто биле таму и денеска се живи, а дале свој потпис во делот на рамковниот договор и го отстранија конфликтот и градеа, почнаа да градат едно општество за сите во оваа наша мултиетничка заедница.
Новинарско прашање: А законот? За УЈП.
Премиерот Заев: Законот прво е процес којшто е финансиран од Европската Унија и од фондовите. Се работи за правото на државата да ги наплати приходите односно даноците од приходи од граѓаните. При тоа, нема аспирации државата да навлегува во детали на трошењето на парите на граѓаните во делот на нивните расходи, но во делот на приходите, многу земји во светот, многу демократски земји, Европската унија и те како има увид во приходот којшто го остваруваат даночните обврзници. Затоа што даночната евазија во Република Македонија е голема. И тоа најчесто таму е присутна каде што има и најмногу приход, кај побогатиот слој на населението во Република Македонија. Конечно, создадовме систем, ја подготвивме државата и управата за јавни приходи преку поврзувањето со банкарскиот сектор, да има увид во приходите коишто се цел на оданочување од страна на државата. Апсолутно тука нема ништо недемократски, апсолутно тоа е овозможено и постои и до сега, знаете дека државата преку нови институции, ако сака да направи увид во одредени сметки, може тоа и да го направи и тоа е дозволиво, постои и во скоро сите европски земји и апсолутно апелирам до граѓаните да нема никакви стравови. Се работи за подготовка на државата во извршувањето на својата, со устав дадена задача или со закон пренесена преку управа за јавни приходи да ги наплаќа даноците од страна на даночните обврзници.
Новинарско прашање: Кога законот за јазици ќе се најде во Службен весник?
Премиерот Заев: Јас верувам дека во соодветно време ќе се најде во Службен весник. Треба да бидеме трпеливи. Законот за јазици е два пати гласан во Парламентот и верувам дека во соодветно време тој и ќе биде објавен во службен весник. Секако, до тој период, уште еднаш апелирам да Претседателот на државата навистина ги стави двата потписи на двата важни закони, а тоа е законот за употребата на јазиците и законот за ратификација на договорот со Грција заради тоа што ако така се однесуваме сите, навистина ја доведуваме во прашање најважната функција во државата, а тоа е Парламентот. Дали има смисла неговото постоење во една парламентарна демократија? Оти теоретски може Претседателот да одлучи и на наредните 170 закони, кои и да се, во државата, да не го стави својот потпис. Така да, апелирам да се стави потписот од страна на Претседателот.
Новинарско прашање: Дали ќе се оданочуваат приливите од дијаспората? Дали ќе се оданочуваат приливите кои што ги пуштаат иселениците во Македонија?
Премиерот Заев: Значи, уште еднаш за граѓаните да биде чисто, јасно, кристално: се оданочува тоа што е приход како заработка. Тоа што е помош кон семејствата од своите, од семејствата од надвор е помош и тоа не е цел на оданочување согласно законите во Република Македонија. Ако некој има приход од странство заради тоа што работел во странство, заработил во странство или направил интелектуална услуга некоја во странство и заради тоа добил приход, тоа е приход којшто се оданочува. Дотациите, донациите кои што нашинците ги испраќаат на нашите сограѓани овде, апсолутно ниту по закон ниту некој може да ги оданочува и овде таа дилема треба да ја отстраниме.
Новинарско прашање: Претседател на Бугарија, Румен Радев, вчера рече дека не го видел Вашето извинување на Фејсбук во однос на изјавата за Илинденското востание, ќе му се извините ли повторно?
Премиерот Заев: Јас сум внимателен човек и правам се да градам пријателство. Гледате дека моите совети ги ставам на страна и сакам искрено да градам пријателство. Република Бугарија е партнер на Република Македонија и тоа го покажа неколкукратно. Го организираше Самитот за Западен Балкан на Европската Унија и НАТО и даде афирмации на сите земји и на Република Македонија. Се бореа министрите за надворешни работи на Бугарија и на Грција како за своја земја, за Македонија да добие датум и тоа го потврдувам заради тоа што не е во ред ние да го заборавиме. Тој што ни помага, треба тоа да го почитуваме. Република Македонија е исто така од помош на Република Бугарија и ќе биде за се што треба. Јас на крајот апелирам сите заедно да ги тргнеме политичките интереси и голиот популизам или она што навистина не предизвикува да бидеме недоволно внимателни затоа што договорот за пријателство, соработка и добро-соседство го потврди тоа преку нашите потписи таму, но треба тоа да го негуваме, да го доградуваме и постојано да тежнееме кон градење на тоа пријателство кое што е од обостран интерес на двете земји и на двата народи, а пред се им треба многу на генерациите кои што доаѓаат, односно на младите.
Новинарско прашање: Ќе се договорите ли чиво е Илинденското востание?
Премиерот Заев: Значи ние веќе одбележуваме дел од заедничката наша историја и тоа е дел од нашата заедничка историја.