23/11/2024
Македонија

Премиерот Заев: Пред нас имаме историска шанса, треба да ја зграбиме, да бидеме творци на Европска Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска, во клубот на пратениците во Скопје, заедно со Заменик претседателот на Владата на Република Македонија, Бујар Османи, претседателот на ДУИ, Али Ахмети, пратеничката на ВМРО-ДПМЕ, Дафина Јовановска-Стојановска, Евелин Фаркаш, член на атлантскиот совет и генерал Сер Барни Вајт-Спунер, поранешен командант британските сили и на НАТО силите во Република Македонија, имаше обраќање по повод одбележувањето на 17 годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.

Премиерот Зоран Заев во своето обраќање пред присутните, се осврна на историското значење на Рамковниот договор и изрази почит кон граѓаните и политичарите кои пред 17 години собрале сили и по долгите исцрпувачки преговори успеале да постигнат договор и да стават крај на конфликтот во 2001 година.

 „Со Охридскиот договор се заштитија суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија. Договорот гарантира целосно почитување на принципот на недискриминација и рамноправен, правичен третман на сите лица пред законот. 

Но сметам дека најголемата придобивка од Охридскиот договор се темелите на соживот кои ги постави истиот. Договорот воспостави доверба помеѓу различните етнички заедници во Македонија“, рече премиерот Заев во своето обраќање.

Премиерот Заев се осврна и на Договорот за пријателство и  добрососедство кој пред една година беше потпишан со Бугарија, но и историскиот договор за решавање на спорот со Грција со кој повтори дека е загарантиран македонскиот идентитет, што е прифатен и признат од сите.

„Договорот е одраз на новиот дух на водење политики, политики коишто градат мостови, а не ги рушат, политики коишто ги сплотуваат граѓаните и не ги делат. Зарем не ни е на сите доста од поделби? Со години нѐ убедуваа дека Република Грција е најголемиот непријател на Република Македонија. Им покажавме дека грешат. 

Пред речиси 2 месеци го решивме и најгорливото прашање коешто Македонија и сите нејзини граѓани ги мачеше повеќе од 25 години.

И како што Охридскиот рамковен договор е историски, сега 17 години подоцна создадовме уште еден историски документ, пред нас е уште една историска можност. 

Едно поглавје затвораме, отвораме ново, Македонија интегрирана во НАТО и ЕУ!“, рече премиерот Заев

„Силно верувам дека договорот со Грција е договор за нашата заедничка иднина. Со него ја отстранивме последната пречка на патот на нашата мултиетничка земја за влез во НАТО и за почеток на преговори за ЕУ“ додаде премиерот Заев.

Вицепремиерот Османи, кој ја имаше улогата на модератор на јубилејот, во своето обраќање рече дека овие настани имаат пресудно влијание во создавањето на контекстот во кој се одвиваат процесите во Република Македонија, со изразен позитивен европски имиџ во целиот регион.

„Оттаму, оваа година решивме одбележувањето на овој јубилеј да го организираме тематски, преку овој панел, преку кој ќе се обидеме да создадеме врска меѓу Охрид, како симбол на внатрешната интеграција, и Брисел, кој ја симболизира нашата надворешна интеграција, т.е. нашата аспирација за полноправно членство во НАТО И Европската Унија“, рече Османи. 

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во својот говор ја нагласи потребата од голема свесност кај граѓаните дека успешниот референдум е всушност нивни успех. 

Тој уште додаде и оти решавањето на спорот со Грција и претстојниот референдум е точка која треба да не обединува во настојувањето на земјата да стане членка во ЕУ и НАТО.

Лидерот на ДУИ апелираше до сите да се вложат максимално за успешноста на овој процес.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Јовановска Стојановска истакна дека Охридскиот рамковен договор одиграл важна улога за спречување на крвопролевањата во минатото, и дека со него за секогаш се отстранети национализмот и шовинистичките тенденции кај политичките елити.

Евелин Фаркаш како член на Атлантскиот совет на панел-дискусијата по повод Рамковниот договор истакна дека доколку пропадне референдумот во Македонија, тоа ќе биде на штета на демократијата и владеењето на правото.

Поранешниот командант на НАТО, Сер Барни Вајт-Спунер, заблагодарувајќи се за поканата, се осврна на тешкиот период за Република Македонија и Балканот од периодот на Рамковниот договор, кој како што рече тој, бил позитивно изненадување за многу поединци и влади, кои стравувале од раширување на конфликтот. 

„Тоа беше сведоштво за одлучноста на луѓето тука“, рече тој, потенцирајќи дека посебно внимание треба да му се посвети на претседателот Трајковски кој, како што рече тој, стоеше зад потпишувањето на договорот.

Генералот Вајт-Спунер, рече во своето обраќање, дека стабилна и интегрирана Македонија е од витално значење за регионот и за Европа и даде силна поддршка на процесите коишто водат до целосна интеграција во НАТО и ЕУ.


Обраќање на премиерот Зоран Заев на тематскиот панел „Патот до Брисел преку Охрид“. 

„На почетокот сакам да оддадам почит на политичарите кои пред 17 години смогнаа сили и по исцрпувачките преговори успеаја да постигнат договор. Некои од нив за жал повеќе не се меѓу нас.  

Охридскиот рамковен договор претставува значаен документ за Македонија по многу нешта. Тој стави крај на конфликтот во 2001-вата година и до ден денес тој гарантира дека насилството нема да биде механизам за остварување на какви било политички цели и интереси. 

Со Охридскиот договор се заштитија суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија. Договорот гарантира целосно почитување на принципот на недискриминација и рамноправен, правичен третман на сите лица пред законот. 

Но, сметам дека најголемата придобивка од Охридскиот договор се темелите на соживот кои ги постави истиот. Договорот воспостави доверба помеѓу различните етнички заедници во Македонија. 

Имавме моменти кога соживотот и меѓуетничката толеранција беа ставени на тест. Во тие моменти на искушение, покажавме дека заедно сме посилни, дека сакаме да живееме сложно и обединетo да напредуваме сите заедно. 

Денес ја градиме Македонија како едно општество, како едно семејство за сите. Тоа е промена за трајна придобивка којашто од Македонија ќе направи земја со која сите ќе се гордееме. Тоа е нашата стратешка цел. 

Почитувани,  

Само за една година од изолирана земја, искарана внатре, но и надвор, со своите соседи, создадовме пријателска Македонија. 
Создадовме наша земја, Република Македонија, која подеднакво ја сакаме сите, од сите етнички заедници, но и заедно работиме сите за заедничката благосостојба на нашата Македонија.  

Ги возобновивме и ги унапредивме и меѓусоседските односи. 

Веќе помина една година откако го потпишавме договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија. 

Со договорот го зацврстивме нашето пријателството и добрососедството со Бугарија, но и ги заштитивме националните интереси на двете страни. Заедно ја поттикнуваме и ја олеснуваме заедничката, европска иднина на младите од двете држави, како и меѓусебната економска соработка. Резултат на тоа е економски развој на државите и секако поголема благосостојба на граѓаните. 

Договорот е одраз на новиот дух на водење политики, политики коишто градат мостови, а не ги рушат, политики коишто ги сплотуваат граѓаните и не ги делат. 

Зарем не ни е на сите доста од поделби? 

Со години нѐ убедуваа дека Република Грција е најголемиот непријател на Република Македонија. Им покажавме на сите дека грешат. 

Пред речиси 2 месеци го решивме и најгорливото прашање коешто Македонија и сите нејзини граѓани ги мачеше повеќе од 25 години.  

И како што Охридскиот рамковен договор е историски, сега 17 години подоцна создадовме уште еден историски документ, пред нас е уште една историска можност. 
Едно поглавје затвораме, отвораме ново, Македонија интегрирана во НАТО и во ЕУ!

Договорот со Република Грција е ВО ИНТЕРЕС на таква, светла иднина на Република Македонија и на сите граѓани на оваа земја. Впрочем за што се залагаше и Рамковниот договор.   

Договорот ни го гарантира правото да се определуваме како МАКЕДОНЦИ. Македонскиот идентитет, според членот 7 од договорот, ги отсликува нашата територија, нашиот јазик и нашиот народ со своја историја, своја култура и со свое наследство. 

Нашето државјанство е и ќе остане македонско. Официјалниот јазик на нашата држава е и ќе остане „македонски јазик“ и ќе се преведува „Macedonian language“
Стиховите на нашата химна, грбот и знамето остануваат исти засекогаш. 

Овде да напоменам дека идентитетот на помалку бројните етничките заедници никогаш другите соседи не го спореле. Туку само македонскиот идентитет беше спорен, односно беше негиран од страна на одредени наши соседи. Сега веќе и македонскиот идентитет е признаен и прифатен од сите. 

Почитувани, 

Силно веруваме дека договорот со Грција е договор за нашата заедничка иднина. Со него ја отстранивме последната пречка на патот на нашата мултиетничка земја за влез во НАТО и за почеток на преговори со ЕУ. 

Тоа е децениски стремеж на многу генерации кој не обединува. Македонци, Албанци, Срби, Бошњаци, Турци, Роми, Власи… сите граѓани на нашата заедничка земја.

Земјите членки на ЕУ и сојузниците во НАТО ја препознаа нашата одважност и нашата посветеност на заедничките демократски вредности, на напредокот. Добивме датум за почеток на преговори со ЕУ и покана за членство во НАТО.

Стануваме член на семејствата на НАТО и на ЕУ, а таму ни се гарантираат сигурност, стабилност, безбедност и економски развој.
И како што пред 17 години храброста на граѓаните, но и на нашите политичари ја извлекоа Македонија од криза, сега нам ни се дава можност да бидеме храбри и конечно да донесеме вистинска одлука за да ја обезбедиме нашата иднина, иднината на нашите деца еднаш – засекогаш.

Знам дека на 30 септември, обединети ќе зачекориме со дигната глава и ќе бидеме творци на светлата иднина на Македонија. Ќе создадеме подобро утре за нас и за нашите поколенија. 

Сигурен сум и цврсто верувам дека ќе избереме Европска Македонија. 

Поговорката „Договор куќа гради“, се потврди со Рамковниот договор. Ја обезбедивме, ја осигуравме, нашата, домашна заедничка куќа – Македонија. 

Договорот со Грција и со Бугарија ја обезбедува, ја овозможува Европската и Евроатлантската наша, заедничка куќа“.

https://www.youtube.com/watch?v=EuS_14-wEtA