26/11/2024
Македонија

Премиерот Ковачевски и владина делегација положија цвеќе на споменикот на Светите браќа Кирил и Методиј во кампусот на УКИМ

Премиерот Димитар Ковачевски ја предводеше делегацијата на Владата на Република Северна Македонија во чиј состав беа заменик-претседателот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, министерот за правда Никола Тупанчевски и заменик-министерот за одбрана Башким Хасани кои положија венец со цвеќе пред споменикот на Светите браќа Кирил и Методиј во кампусот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Венци со цвеќе пред споменикот денеска положија и делегација на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, делегација на Собранието на Република Северна Македонија, делегација на Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, делегација на Сојузот на борците, делегација на Армијата на Република Северна Македонија, делегација на Град Скопје и делегација на дипломатскиот кор акредитиран во Република Северна Македонија.

Со оваа активност започнаа чествувањата од програмата за одбележување на државниот празник 24 Мај – ден на сесловенските просветители Светите браќа Кирил и Методиј, патрони на УКИМ и светители на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија кои со своето дело за ширење на христијанството и јазиците на словенските народи, денеска се празнуваат и чествуваат во повеќе европски земји.

Централните настани по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Светите браќа Кирил и Методиј, како и секоја година традиционално, ќе се одржат на 23 и 24 мај во Ватикан и Рим со аудиенцијата на делегацијата на Република Северна Македонија кај Папата Франциск на Светата Столица, која оваа година ја предводи премиерот Димитар Ковачевски, со молебенот на гробот на Св. Кирил во црквата „Сан Клементе“ во Рим и со пригодни културно-уметнички содржини во главниот град на Италија.