23/11/2024
Македонија

Премиерот Ковачевски на Минхенската конференција за безбедност

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски ја предводи владината делегација на годинешната Минхенска конференција која се одржува од 17 до 19 февруари. Премиерот Ковачевски е придружуван од заменик-претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ.

На 59. издание на Минхенската конференција за безбедност, учествуваат повеќе од 450 носители на одлуки на високо ниво и истакнати светски лидери – вклучувајќи шефови на држави, министри, лидери на меѓународни организации и невладини организации, како и лидери од бизнисот и граѓанското општество.

Премиерот Ковачевски ќе оствари средби со лидери и високи претставници на одделни држави и меѓународни организации, а ќе учествува и на тркалезната маса посветена за земјите од Западен Балкан и важноста од евроинтегративниот процес во услови на геополитички превирања.

Три дена, Минхенската конференција за безбедност повторно ќе функционира како единствена платформа за дебати на високо ниво за најголемите предизвици на надворешната и безбедносната политика на нашето време.

Во фокус на Минхенската конференција за безбедност годинава ќе биде светското преструктурирање, предизвикано пред сé од воената агресија на Русија врз Украина.

Војната во Украина, која започна само неколку дена по Минхенската безбедносна конференција во 2022 година, означува „пресвртница“. Војната не само што предизвика огромно страдање во Украина, туку се одрази негативно и во другите делови на светот.

Како изгледа светот една година по почетокот на инвазијата, дали војната е предвесник на понасилен свет каде што преовладува неказнивоста или војната може да биде катализатор за светско враќање на меѓународниот поредок заснован на правила, се дел од прашањата кои ќе бидат во центарот на дискусиите во Минхен.