25/11/2024
Македонија

Премиерот Ковачевски со честитка за Денот на независноста

По повод Денот на независноста, претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, упати честитка до сите граѓанки и граѓани во државата, со порака дека обединети во слободата треба да ги продолжиме перспективите, затоа што историјата не учи дека за секој важен чекор напред, е потребно обединување.

Во продолжение е интегралната честитка на премиерот Ковачевски по повод Денот на независноста:

„Почитувани граѓанки и граѓани на слободна и независна Република Северна Македонија,

Го дочекуваме овој голем државен празник, обединети во едно, заедничко општество дома, како достоинствена членка на НАТО и идна членка на Европската Унија на меѓународен план.

Интеграциите се битката на нашата генерација.

И затоа повикувам Обединети во слободата да ги продолжиме перспективите.      

Историјата учи дека за секој важен чекор напред е потребно обединување.

Граѓаните Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Бошњаци, Роми, и сите други, на историскиот референдум на 8-ми септември, 1991-та година, во огромно мнозинство, сплотени, независно од етничките и политичките различности, одлучија да живеат во независна држава.

Генерациите од тие 90-ти години мудро ја извлекле поуката од илинденците и асномците, кои се обединиле во борбата – за слободата и државноста.

Се поставиле на висина на својата задача и се обединиле во остварување на независноста, без да ја доведат во прашање веќе извојуваната слобода.

Ова е пример што покажува колку е важно заедништвото и што значи да се има мудро, храбро и прогресивно политичко лидерство, посветено на напредокот на граѓаните и на државата.

Денес, исправени пред последиците од пандемијата и војната во Украина со коишто се соочува целиот свет, а тоа се безбедноста и достапноста до храна и енергија, можеме да констатираме дека ние, три значајни чекори направивме навреме.

Станавме дел од НАТО и ја осигуравме државата, во најголемиот безбедносен сојуз, каде земјите членки солидарно се штитат меѓу себе. Ги започнавме преговорите со Европската унија гордо и со крената глава, за на истата маса, одвнатре да ги браниме јасно и гласно и понатаму нашите позиции. Ја основавме, заедно со Србија и Албанија, иницијативата Отворен Балкан, преку којашто осигуравме сериозно подобрување на регионалната соработка, но и развој на нашите економии со шанси за нови придобивки за граѓаните и компаниите.

Обединувањето на граѓаните е гаранција за домашниот мир. Добрососедските односи се гаранција за регионалниот мир. А нашето обединување меѓу 27-те членки на Европската Унија е реална и неопходна перспектива за унапредување на квалитетот на животот на граѓаните, според европските принципи и вредности.

Започнатите преговори со Европска Унија во план е да ги завршиме многу брзо. Работиме напорно и со брза динамика граѓаните на Република Северна Македонија да бидат што поскоро дел од европското семејство.

На овој 8-ми Септември, повикувам сите заедно, обединети во слободата, да се обединиме и околу идејата за Република Северна Македонија којашто брзо чекори по европскиот пат. Да се издигнеме на висина на должноста, за да ја добиеме нашата генерациска битка.

Нека ни е честит и вековит 8-ми Септември, Денот на независноста.“