23/11/2024
Македонија

Премиерот Спасовски на годишнината на Стопанска комора на Македонија

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски денеска присуствуваше на свеченоста за одбележување на 98-годишнината од работењето на Стопанската комора на Македонија.

На свеченоста на која беше презентирана и студијата на ОЕЦД на тема „Западен Балкан на глобалните пазари: Нови можности за трговска размена и инвестиции“, присуствуваа и заменичката претседателка во Владата задолжена за економски прашања и координација со економските ресори, Мила Царовска, претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески и шефицата на ОЕЦД за Југоисточна Европа, госпоѓа Марзена Кисиелевска.

Премиерот Спасовски во своето обраќање истакна дека оваа годишнина е показател на долгата традиција на здружување и на заштита на интересите на стопанствениците, но и на фактот дека Стопанската комора е сопатник низ историјата на македонската државност. Во текот на овие речиси 100 години, Комората даде огромен придонес за развојот на македонското стопанство, а од огромно значење е и нејзината посредничка улога во обезбедување на деловни врски на своите членки со компании од Европа и Светот.

„Економската програма на Владата во голем дел е создадена од економските аспекти што дојдоа како препорака токму од Стопанската и другите комори. Економските политики на Владата во изминатите две и пол години направија огромен пресврт на повеќе полиња. Во мај 2017 година наследивме БДП од минус 1,8 проценти и го зголемивме на 3.6 проценти во просек за последните четири квартали. Отворивме 60.000 нови работни места, што е рекорд за толку кратко време и ја намаливме невработеноста на 17.1 отсто, што е незапаметена бројка во историјата. Со вакво темпо, и со очекуваните инвестиции полноправното членство на државата во НАТО, до 2024 година стапката на невработеност проектираме да достигне под 10%. Членството во НАТО и стартот на преговорите со ЕУ ја зголемува безбедноста и стабилноста на земјата со што се создава подобра основа за економски раст и развој“, подвлече Спасовски.

Премиерот истакна дека ова ќе влијае и врз подобрување на кредитниот рејтинг на земјата и на зголемувањето на домашните и странските инвестиции и дека со членството во ЕУ влегуваме во голем и развиен пазар и ги зголемуваме перспективите за економски раст.

„Сакаме да создадеме креативна, модерна, дигитална економија којашто ќе значи современа економија на третата деценија на 21-виот век“, истакна Спасовски.

Заменичката на премиерот за економски прашања и координација со економските ресори, Мила Царовска се заблагодари на довербата и соработката со Стопанската комора на Македонија и истакна дека без нејзините идеи и сугестии, креирањето на законите, плановите и мерките, немаше да ги даде посакуваните резултати со кои се подобри бизнис климата и се одговара на потребите на пазарот на трудот.

„Повеќе од очигледно е дека компаниите се ослободени и се развиваат. Тоа можеме да го воочиме преку растот на индустриското производство, кое во двете години расте со стапки од над 5%. Расте и трговската размена, којашто во 2019 година бележи раст од 10%. Во пари тоа значи дека вредноста на извозот лани изнесувал рекордни 6,4 милијарди евра, а во 2016 година 4,3 милијарди евра, или споредено со 2016 година пораснал за неверојатни 48%. Сите овие позитивни бројки, се резултат на наша заедничка и посветена работа. Но, не треба да ги заборавиме и нашите партнери од Запaден Балкан со кои го јакнеме регионалното поврзување и заеднички создаваме услови за подобар економски раст и развој“, подвлече Царовска.

Шефицата на ОЕЦД за Југоисточна Европа Марзена Кисиелевска, изрази задоволство од соработката со Владата во креирањето на политики за инклузивен стопански раст. Таа подвлече дека економиите на Западен Балкан се соочуваат со големи предизвици, но и дека има забележителен напредок. Кисиелевска ја посочи и важноста на регионалната соработка, бидејќи, како што истакна, без силни локални партнери не може да се искористат странските инвестиции.

Во рамки на денешната церемонија, премиерот Спасовски и претседателот на Стопанската комора Бранко Азески ги доделија признанијата за најуспешни компании за 2019 година за компании со висок степен на финализирани производи за извоз, награди за долгогодишни активни членки на Стопанската комора, признанието за компанија со најголем број на учесници на едукативни настани во Стопанската комора во 2019 година и специјалното признание за компанија со континуирана долгогодишна активност и опстојување на македонскиот пазар.