23/11/2024
Македонија

Премиерот Спасовски на свечената академија за 75-годишнината од наставата на македонски јазик во битолската гимназија „Јосип Броз-Тито“

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, вечерва се обрати на свечената академија по повод 75-годишнината од наставата на македонски јазик во битолската гимназија „Јосип Броз -Тито“.

Пред присутните во Народниот театар во Битола, премиерот Спасовски истакна дека овој настан и оваа свеченост по тој повод, е силна порака за негување, заштита и унапредување, афирмација и поддршка на употребата на нашиот македонски јазик.

„Седумдесет и пет годишнината од наставата на македонски јазик во гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Битола е само еден од бисерите од низата од која е составена богатата историја, традиција и вредности на нашиот македонски јазик. Секој од тие бисери има свое длабоко и суштинско значење, па така и гимназијата „Јосип Броз Тито“ со овој свој јубилеј“, подвлече премиерот Спасовски

Премиерот Спасовски истакна дека Владата ја поддржува и ќе продолжи со поттикнување на секоја искрена иницијатива која оди во прилог на унапредувањето на современиот македонски јазик.

„Македонскиот јазик, го поставивме на еднакво рамништето со другите јазици во Европа и во светот, треба да овозможиме доволен број негови познавачи кои ќе го употребуваат и афирмираат во европските и светските институции. Ова посебно го нагласувам, ако се имаат предвид очекувањата за исчекор во нашите европски перспективи и за потребата од службена употреба на македонскиот јазик во институциите на Европската Унија“, подвлече премиерот Спасовски.

Исто така претседателот на Владата, Спасовски, информираше за иницијативата за обновување на некогашните лекторати, и отворање нови лекторати по македонски јазик на странските универзитети, на високошколските и научни установи што се занимаваат со славистика. Притоа ова особено се однесува на соседните држави, Србија, Бугарија, Грција, Албанија, Косово, но и во земји од поширокото соседство како Хрватска, Словенија, БИХ, Црна Гора, Италија, Унгарија, Романија, Турција.

„Новиот Предлог – закон за употребата на македонскиот јазик предвидува, меѓу другото, вработување лектори со завршен македонски јазик, во сите државни и јавни институции во државата, во сите субјекти во државниот и приватниот сектор во земјава, но и поактивна афирмација на македонскиот јазик во странство. Со Предлог-законот утврдуваме и задолжително изучување македонски јазик на сите високошколски образовни установи во два семестри, што не беше практика досега“, наведе премиерот Спасовски.

Воедно премиерот Спасовски ја потврди посветеноста кон формираниот Совет за македонски јазик при Владата, што пак покажува за сериозноста во заложбите да се унапредува употребата на македонскиот јазик.

Премиерот Спасовски соопшти дека првпат се предвидуваат стипендии за студентите по македонски јазик и литература за сите три циклуси на високото образование и на сите универзитети во државата, а со измените исто така се  предвидува македонскиот јазик да се изучува и во рамките на културните центри при нашите амбасади во странство, според изразениот интерес на Македонците во дијаспората.

На свечената академија пригодна реч одржаа и градоначалничката на Битола Наташа Петровска, директорката на гимназијата Фанија Наумовска и универзитетскиот професор Људмил Спасов.

Свеченоста беше проследена и со проекција на краток документарен филм за Петре М. Андреевски, изработен од ученици на гимназијата, а членовите од Драмската секција ја одиграа театарската претстава „Како се чуваше зборот“.