23/11/2024
Македонија

Спасовски: Сите пратеници во Парламентот да бидат на висината на сопствената должност и да преземат одговорност да биде усвоен Законот за јавно обвинителство

„Сега е моментот сите политички партии, сите претставници на народот во Парламентот, да бидат на висината на сопствената должност и да преземеме одговорност за иднината на државата и за нејзината иднина како членка на ЕУ и за правдата, и затоа го охрабрувам дијалогот со Владата за носење на Законот за јавно обвинителство“, истакна претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски на прес-конференцијата во Владата.

„Заврши времето само на декларации и изјави. Посебно ги повикувам пратениците од најголемата опозициска партија да се престане со партиски калкулации и политиканство, со ставање на партиските и личните интереси пред интересите на државата и конечно да се вградат во законот кој што ќе значи гарантирано зголемување на правдата, гарантирано зголемување на судството и на јавното обвинителство, и да помогнат, бараме еднаш сега, да ги оствариме нашите интереси во делот на усвојување на законот и на добивање на датумот за почеток на преговорите со ЕУ“, нагласи премиерот Спасовски.

Претседателот на Владата Спасовски нагласи дека иако ЕУ не го постави донесувањето на Законот за јавно обвинителство како услов, неговото усвојување ќе биде дополнителен позитивен момент кој што ќе биде потребен за да ги отпочнеме преговорите што е можно поскоро.

„Очекувам дека овој дијалог ќе придонесе да се донесе ова законско решение, политиката еднаш засекогаш да ги тргне рацете од судството и обвинителството и преку законот да се гарантира правдата за секого во нашата држава. Тоа се моите очекувања. На тоа работиме сите ние во Владата и во Парламентот и целиот напор во наредниот период ќе биде да имаме успех и да го донесеме Законот за јавно обвинителство“, рече премиерот Спасовски на прес-конференцијата во Владата која беше посветена на Оперативниот план за активни мерки и програми за вработување за 2020 година.