16/09/2024
Охрид

Претседателката Сиљановска Давкова  во обиколка на активностите на Баталјонот на специјални сили во Кампот за обука на вода во Охрид

Претседателката и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска Давкова, во придружба на началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски ги посети припадниците на Армијата од Баталјонот на специјални сили кои изведуваат обука во Кампот за обука на вода во Охрид.

По пречекот со воени почести, претседателката Сиљановска Давкова беше брифирана за капацитетите на Баталјонот на специјални сили, како и за обученоста и способностите на припадниците на единицата презентирани преку показни вежби за изведување на операции на вода и приказ на боречки вештини.

Припадниците од Баталјонот на специјални сили, преку методско-показни вежби прикажаа постапки кои се дел од специјалните операции во ситуација на заложничка криза на пловен објект, во која вежба беше вклучен и хеликоптер МИ-8/17 од воздухопловниот ВИНГ на Армијата.

Исто така, популарните „Волци“ пред претседателката изведоа кратка показна вежба, на која презентираа дел од боречките вештини по кои е препознатлива оваа наша елитна единица.

На прикажаните активности, кои се дел од обуката на Баталјонот на специјални сили согласно НАТО стандардите, се демонстрираше висок степен на обученост и извежбаност за извршување на сложени задачи на вода кои се применуваат во вакви ситуации, како и нивната оспособеност во боречките вештини.

Притоа претседателката честитајќи за успешно реализираните вежби, посочи дека високиот степен на обученост за извршување на сложени задачи, што денеска го демонстрираа припадниците на Баталјонот на специјални сили, како и оспособеноста во боречките вештини, ја потврдува професионалноста, посветеноста и исполнителноста на нашата Армија, којашто достојно и дисциплинирано ги исполнува задачите согласно НАТО стандардите. Таа истакна дека ова е уште еден доказ зошто Армијата има заслужено високи оценки и ужива најголема доверба кај граѓаните.

Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, изрази задоволство што претседателката на државата и врховен командант на Вооружените сили, високо ја оцени подготвеноста на припадниците на Армијата, посочувајќи дека за сите тоа ќе биде мотивација и обврска да се продолжи така и во иднина.