23/11/2024
Македонија

Претседателот на Европскиот суд за човекови права, Роберт Спано доаѓа во земјава

Претседателот на Европскиот суд за човекови права Робер Спано, доаѓа во посета на земјава за да земе учество на регионалната конференција од висок профил на тема „Ефикасен поврат на имот во согласност со европските стандарди“, којашто ќе се одржи во Скопје на 5 ноември. Предвидено е на истата да учествуваат претставници од Владата на Република Северна Македонија, Европскиот суд за човекови права, судските и јавнообвинителските институции од земјите на Западен Балкан, како и академската заедница.

Конференцијата е организирана од Програмата за Западен Балкан на Центарот AIRE во соработка со Регионалната Антикорупциска иницијатива (РАИ) и Министерството за правда. Таа е дел од проектот „Борба против
корупцијата и организираниот криминал во Западен Балкан преку зајакнување на регионалната соработка за поврат на имот“ поддржана од Владата на Велика Британија.

Повратот на имот е една од клучните антикорупциски мерки кои
бараат зајакнување на законодавната рамка, институционалниот капацитет и регионалната соработка во Западен Балкан.

За време на неколкудневниот престој на судијата Спано на Северна Македонија ќе остари средба со министерот за правда Бојан Маричиќ кој е негов домаќин, дел од државниот врв и првите луѓе на правосудството.

Министерството за правда посвети посебно внимание на судската
пракса на ЕСЧП, преку анализа и вградување на највисоките стандарди при изработката на измените и дополнувањата на Кривичниот законик, кој моментално е во собраниска процедура, а се однесуваат на конфискацијата и тортурата, како и
при изработката на измените и дополнувањата на Законот за кривичната постапка, кои се во тек. Воедно, посебно внимание заслужува и новиот предлог Закон за Канцеларијата за поврат на имот, кој е подготвен и е доставен на мислење до сите надлежни институции.

Инаку, Конференцијата ќе ја отвори Г-а Билјана Брајтвејт Програмски Директор за Западен Балкан во AIRE Центарот, Г-н Љупчо Николовски Заменик Претседател на Владата на Република Северна Македонија
задолжен за борба против корупцијата и криминал, за одржлив развој и човечки ресурси, Г-н Бојан Маричиќ Министер за правда на Република Северна Македонија, Н.В Г-а Рејчел Галовеј Амбасадорка на Обединетото Кралство во Скопје, Г-а Беса Адеми Претседателка на Врховниот суд на Република Северна Македонија, и Г-а Десислава Готскова Раководителка на Секретаријатот на РАИ.

Отворањето ќе биде проследено со главниот говор на судијата Роберт Спано, Претседател на Европскиот суд за човекови права.