22/11/2024
Македонија

Промената на договорните услови за кредитите на засегнатите граѓани и фирми ќе може да се врши побрзо и поедноставно

Донесена е Уредбата со која се утврдува како банките и штедилниците можат во текот на вонредната состојба, на граѓаните и фирмите да им понудат одложување на исплатата на ратите и други поволности со коишто ќе им го олеснат сервисирањето на кредитите за време на корона-кризата. Уредбата е подготвена од Народната банка, Министерството за финансии и Македонската банкарска асоцијација, со цел во текот на вонредната состојба, поедноставно и побрзо да се остварат можностите дадени со регулаторните измени донесени од Народната банка, насочени кон олеснување на финансискиот товар на граѓаните и на фирмите коишто заради корона-кризата се соочуваат или би можело да се соочат со реални потешкотии во исплатата на кредитите во банките и штедилниците.

Со Уредбата се овозможува промената на договорните услови за кредитите да се изврши побрзо и поедноставно, без да се загрози јавното здравје – без да се посетуваат експозитурите и филијалите и без да се чека во ред на шалтерите заради потпишување на анексите на договорите.

          Банките и штедилниците можат да понудат поповолни договорни услови и без претходно да имаат добиено барање од засегнатите клиенти, и тоа преку:

–      објава на своите веб-страници со понуда за промена на условите за плаќање на кредитите и/или

–      одделно известување на клиентите, преку електронска и/или писмена комуникација.

Со Уредбата е утврдено дека ако физичкото лице, во рок од десет дена од објавувањето, односно добивањето на понудата, писмено или електронски не ја извести банката/штедилницата дека го одбива понуденото олеснување на финансискиот товар, ќе се смета дека понудата за промена на договорните услови е прифатена.

За да ги искористат понудените поповолни договорни услови, правните лица ќе треба писмено или електронски да ја известат банката или штедилницата дека ја прифаќаат понудата. Ако правното лице не го стори тоа во рок од десет дена, во согласност со Уредбата ќе се смета дека понудата не е прифатена.

Секако останува и правото на кредитокорисниците да се обратат до банките и штедилниците, доколку оценат дека има потреба од тоа. Притоа,предвидено е тие да можат се обратат електронски или писмено, а одговорот ќе го добиваат преку електронска комуникација.

Како што веќе беше соопштено, во согласност со донесените регулаторни измени, банките и штедилниците, на засегнатите граѓани и фирми ќе можат да им понудат повеќе поволности:

– одложување односно грејс-период за отплата на кредитите;

– пролонгирање на исплатата на кредитот на подолг период;

– пониска каматна стапка и сл.

Ова важи за сите кредитни производи:

– потрошувачки, станбени, хипотекарни, автомобилски кредити итн.;

– кредитни картички;

– дозволено пречекорување (одобрен минус);

– кредити на фирмите.

И во текот на изготвувањето на Уредбата, банките и штедилниците истакнаа дека се подготвени да одговорат на потребите и барањата на кредитокорисниците погодени од корона-кризата. Впрочем, како што и претходно е посочено, тие се мотивирани на засегнатите граѓани и фирми да им понудат поволни можности за промена на постојните договорни услови. И во нивен интерес е да помогнат граѓаните и фирмите да го пребродат актуелниот шок и да имаат капацитет за и понатаму да ги плаќаат обврските.         

Во олеснувањето на финансискиот товар на граѓаните и фирмите коишто користат кредити, а се погодени од корона-кризата, банките и штедилниците ќе се придржуваат до јасно утврдените критериуми во Одлуката за методологијата за управување со кредитниот ризик донесена од Советот на Народната банка.