Промоција на новите полициски службеници – генерација 2023-2024
„Ви посакувам да бидете непоколебливи во безусловното исполнување на нормираните должности и етичките вредности потврдени низ традицијата и опстојувањето на нашиот народ. Впрочем, вам треба да ви биде јасно дека граѓаните токму тоа го очекуваат од вас, но и од сите нас. Особено што сум уверен дека македонската полиција, има потенцијал, пред се човечки, за натамошно справување со сите предизвици и закани во име на целосното воспоставување на современи демократски и професионални стандарди на работење, за етаблирање на полицијата како сервис на граѓаните, како столб на владеењето на правото во нашата Македонија.“ – истакна министерот Тошковски на пригодната церемонија по повод свечената Промоција на нови полициски службеници – генерација 2023-2024 година, која се одржа денеска во Центарот за обука на МВР во Идризово, на која покрај раководството на МВР, присуствуваа и Премиерот на Република Северна Македонија Талат Џафери и претставници на дипломатскиот кор во земјата.
Министерот Тошковски упатувајќи честитки до кандидатите истакна: “Имајте на ум дека секоја добра промена, промена на подобро почнува од поединецот од неговиот светоглед, поведение и дејствување, а не обратно. Секако, говорам за интегритетот, кој што е суштинска спротивност од подмитливоста или поткупливоста, од лицемерието, од непочитување на законите или од селективната правда. Вие, како млади луѓе пред кои што е иднината имате право, можност, одговорност и секако – обврска секој во својот домен на способности и афинитети да даде свој придонес за подобра и поперспективна заедничка иднина“, рече министерот Тошковски.
Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев во своето обраќање потенцираше дека полициската професија секојдневно е исправена пред многу предизвици на кои полициските службеници треба веднаш да одговорат согласно законските прописи, но истовремено претставува благороден животен пат достоен за гордост и почит со секој постигнат резултат како сервис на граѓаните, со секој успешен подвиг како гарант на безбедноста.
„Патот на создавање добар полициски службеник бара посветеност, одговорно и домаќинско работење. Ние како раководство на МВР сме тука да ги обезбедиме сите потребни ресурси и поддршка да ви овозможиме сè што е потребно за достоинствено извршување на вашите работни задачи, а ваша должност како идни колеги и вработени во МВР, ќе биде да се грижите за безбедноста на сите граѓани и државата.
За остварување на тој наш приоритет изминатиов период многу работи направивме, а резултатите се видливи во сите 82 реконструирани објекти на МВР ширум државава, во кои имплементиравме и мерки за енергетска ефикасност. Покрај ова, инвестиравме над 10 милиони евра во нови униформи за секоја организациона единица. Ме радува фактот што денеска пред вас можам да кажам дека после 53 години во тек се градежните активности за комплетна реконструкција на целиот комплекс на Центарот за обука во Идризово, што ќе опфати реконструкција на Управната зграда со мензата, двата павиљона за сместување и школски објект со придружните објекти, во вкупна вредност на градежните активности над 180.000.000 денари.“, потенцираше и потсети во своето обраќање Бојмацалиев.
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери во своето обраќање ги охрабри новите полициски службеници да бидат чесни и посветени во спроведувањето на своите должности кон граѓаните и горди на својата работа.
„Професионално да се справувате со новите предизвици на работа и да бидете подготвени за очекуваните одговори. За вашата професионалност и љубов кон професијата, да сведочат резултатите од секојдневната работа во секоја област на безбедноста. За професионалниот полицаец, нема помалку или повеќе важна задача. Сите граѓани се еднакво исти пред законот и имаат еднакво исто право на безбедност. Како идни полициски службеници, очекувам преку сопственото поведение и труд да покажете дека, полицијата како институција е професионална, и успешно ги остварува своите законски надлежности и задачи“, истакна премиерот Џафери.
Пред присутните на промоцијата се обрати и помошник министерот на Центарот за обука, Сузе Трајковска презентирајќи го современиот модел на едукација на Центарот за обука при МВР, препознатлив по својот квалитет во регионот и пошироко, Трајковска подвлече: „Нашата полициска едукација се темели на програма која ги задоволува критериумите за квалитет на национално и меѓународно ниво. Тоа значи дека ги исполнуваме националните и меѓународните стандарди за квалитет. Основната полициската обука е со време траење од една година, која е поделена во три модули и се состои од теретско и практично стекнување на вештини и знаења од областа на полициското работење.“
Трајковска информираше дека основната обука за полицаец започна на 23 април 2023 година, со вкупно 538 кандидати, а денес, обуката успешно ја завршуваат 508 кандидати, 416 од машки пол и 92 од женски со среден успех на генерацијата од 541 бодови од можни 600.
На церемонијата беа доделени плакети за 16 најдобри тимови од оваа генерација, а за најдобар од генерацијата 2023/2024 беше прогласен Андреј Тодороски, на кого му беше доделена свечена плакета од претседателот на Владата, а доби и пригоден подарок од Македонскиот полициски синдикат, по што сите кандидати за полициски службеници од генерацијата 2023-2024 дадоа свечена изјава пред присутните.