Светата маченичка Матрона и Светите Пречистантски преподобномаченици
Светата маченичка Матрона
Како сиромашна девојка беше слугинка во куќата на еден Евреин во Солун. Жената на Евреинот постојано ? се потсмеваше за нејзината вера во Христа и ја наговараше да се одрече од Него, а да оди во синагогата. Но кротката Матрона ништо не ? одговараше на својата госпоѓа, а тајно Му се молеше на Господ Христос. Еднаш Еврејката дозна дека кришум од неа Матрона отишла в црква, па сета во гнев ја запраша зошто не отишла во синагогата туку в црква. Матрона ? одговори: „Затоа што во христијанската црква живее Бог, а од еврејската синагога Он отстапи“. Бесна заради овој мажествен одговор Еврејката ја натепа и ја затвори во една темна одаја, а уште и ја врза. Но утредента ја најде одврзана со Божјата сила како клечи на молитва и Го фали Бога. По ова уште на двапати Еврејката ја затвараше и ја мореше со глад додека слугинката не ја испушти душата. Тогаш нечестивата жена го зеде телото на Светата девојка и од високо од нејзината куќа го фрли на земја. Христијаните го зедоа телото и чесно го погребаа, а кога епископот Александар ги дозна многубројните чуда на Светата маченичка, на нејзиниот гроб подигна црква. Злобната Еврејка наскоро ја постигна праведна казна: од истото место на куќата од коешто го фрли долу телото на Св. Матрона, таа се лизна, падна на калдрмата и намртво се разби.
Светите Пречистантски преподобномаченици
Среде природните убавини на планината Цоцан во близина на Кичево, Пресвета Богородица си издигнала прекрасен дом – манастирот „Пречиста – Кичевска“, посветен на светото Благовештение. Кон средината на XVI век, монашкото братство од овој манастир станало вистинска утеха и крепост за напатениот народ кој страдал под тешкото османлиско ропство. Гласот за нивната слава и духовна сила допрел и до злонамерните Агарјани, па тие на 27-от ден од месец март, 1558 лето Господово, со сета своја јарост се упатиле кон светата Богородична обител. Браќата заедно со присутните мирјани биле собрани како и обично во храмот на заедничка Литургија. Во часот кога од певницата, со умилен молитвен глас, бавно прозвучила херувимската песна, отец Аверкиј, којшто морал да исполни некое послушание надвор, втрчал во храмот и известил дека кон манастирот се приближува многуброен, насилнички османлиски аскер. Тогаш преподобниот старец Евнувиј, заедно со уште двајцата монаси Пајсиј и Аверкиј, подготвени да примат маченички венец, останале во манастирот, а останатите монаси и мирјани заминале во шумата и таму пронашле безбедно место да ја довршат Литургијата. По службата, откако се увериле дека Агарјаните биле заминати, монасите се вратиле и тука затекнале страшна и тажна слика: сe било уништено, храмот бил во пламен, а на местото ??сподинец близу манастирската чешма, лежеле телата на тројцата свети старци и духовни учители. Тие откако најрешително одбиле да се приклонат кон иноверното учење и пред разбеснетите Агарјани непоколебливо ја исповедале својата силна вера во Спасителот Христос, биле подложени на страшни измачувања и примиле маченички венец со отсекување на нивните божествени глави. Сите селани од околните села се собрале за да ја споделат болката со осиротеното и обездомено братство. Притоа, со стравопочит и солзи во очите, тие им се поклонувале и ги целивале телата на светите преподобномаченици. Но тагата се преплетувала со радост заради стекнувањето на тројца нови застапници за народот пред Бога. Со силното молитвено застапништво на светите тројца преподобномаченици, и под покровителство на Пресвета Богородица, светата обител не се распуштила, туку продолжила со својата монашко-евангелска просветна дејност. За шест години бил изѕидан нов храм од камен. Таков бил подвигот, страдањето и преминот во вечниот живот на нашите свети отци и преподобномаченици: Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј. По нивните свети молитви, Господи Исусе Христе, чувај ја нашата татковина и спаси ги нашите души, дарувајќи ни голема милост.