04/02/2025
Македонија

Собор на руските новомаченици и исповедници и Преподобен Ефтимиј Велики

Собор на руските новомаченици и исповедници

Соборот на Руските новомаченици и исповедници се празнува на 25 јануари /7 февруари, доколку овој датум е во ден недела, инаку се слави во првата недела по 7 февруари. На овој ден на Соборот на Руските новомаченици и исповедници се празнува споменот на светителите чиј ден на упокојување не е познат и се спомнуваат сите починати што пострадале за време на прогоните за верата Христова. Меѓу злосторнички убиените и намачените во време на прогонството има неброено мноштво православни: мирјани, монаси, свештеници, архиереи, чија единствена вина била нивната цврста вера во Бог. Меѓу тие што пострадале за верата во 20 век се: свети Тихон, Патријарх Московски и на цела Русија; светите Царски Маченици; свештеномаченикот Патар Крутицкиј; свештеномаченикот Владимир, митрополит Киевски и Галицки; свештеномаченик Венијамин, митрополит Петроградски и Гдовски; свештеномаченик Серафим Чичагов, митрополит; свештеномаченик протопрезвитер Александар; преподобните маченички Елисавета, кнегиња, и монахињата Варвара; и сето мноштво светии знајни и незнајни.

Преподобен Ефтимиј Велики

Роден е во ерменскиот град Мелитина близу реката Еуфрат околу 377 година од благородни и угледни родители. Единец син, роден по молитвите на мајка му Дионисија, којашто имаше небесно видение за раѓањето на Ефтимиј. Се подвизуваше од младоста, најпрво во близина на својот роден град, а откако го посети Ерусалим во дваесет и деветтата година од животот, остана во пустината меѓу Ерусалим и Ерихон, наречена Фара. Деновите и ноќите ги исполнуваше со молитва, внатрешно богомислие, созерцание и телесен подвиг. Околу него се собраа многубројни ученици, од кои некои станаа славни светители: Киријак Отшелник, Сава Осветен, Теоктист и др. По Божји дар беше голем чудотворец: изгонуваше демони, лечеше од тешки болести, изведе вода во пустината, умножи леб, пророкуваше. Монасите ги учеше на трудољубие, велејќи: „Ако го јадете својот леб без труд, значи дека јадете туѓ труд“. Кога некои помлади браќа сакаа да постат повеќе од другите, тој им забрани да доаѓаат на општата трпеза за да не се погордеат заради својот поголем пост. Уште говореше дека за монахот не е добро да преминува од место на место, зашто: „Дрвото кое често се пресадува не носи плодови“. Секој што сака да прави добро може да го прави на местото каде што се наоѓа. За љубовта велеше: „Тоа што е солта за лебот, тоа е љубовта за другите добродетели“. Во првата недела од Чесниот Пост се оддалечуваше во пустина и таму остануваше во молчание и богомислие до пред Велигден. За време на неговиот живот во негова близина се создаде огромна лавра, којашто после со векови беше преполна со монаси како кошница со пчели. Неговата последна заповед беше да го чуваат гостољубието во манастирот и манастирската порта никогаш да не биде затворена. Се упокои во деведесет и седмата година од животот. На погребот му беше и ерусалимскиот патријарх Анастасиј. Патријархот чекаше цел ден додека огромната маса народ го целиваше светителот и дури вечерта успеа да го опее. Седмиот ден после смртта Свети Ефтимиј му се јави на својот ученик Дометијан сиот светол и радосен. Преподобен Ефтимиј навистина беше син на светлината. Се упокои во 473 година.