22/11/2024
Македонија

Совет за Реформа во јавната администрација: Реформите во јавната администрација се неопходност за да изградиме функционална држава и европско општество, по европски правила

Третиот состанок на Советот за реформа во јавната администрација, се одржа денеска во Владата на Република Македонија.

Целта на овој состанок беше координирање меѓу релевантните институции за клучните реформи во областа на јавната администрација во претстојниов период, кои треба да ја подобрат функционалноста и финансиската дисциплина на јавната администрација и органите во состав на Владата на Република Македонија.

На состанокот беа презентирани првичните наоди од Извештајот за мапирање на институциите и анализата на законската рамка која ја уредува институционалната поставеност, изработени од УНДП, Нацрт – Насоките и известувањето за спроведувањето на Стратегијата за реформата во јавната администрација (2018-2022), како и Акцискиот план и Нацрт – Системот за следење, оценување и известување за Стратегијата за реформата во јавната администрација и акцискиот план.

Исто така, на состанокот беше дискутирано за буџетските импликации за 2019 година од Акцискиот план на Стратегијата за Реформата во јавната администрација, како и за предлогот за воведување на нов систем за висока раководна служба, кој ќе придонесе кон професионализација на високите структури на управување. Дополнително, се дискутираа предлози за следење на именувања и разрешувања, вработувања и отпуштања, како алатка која ќе придонесе за департизација на јавната администрација.

Во текот на состанокот, министерот Манчевски ја потенцираше нужноста од забрзување на динамиката за спроведување на хоризонталната функционална анализа на органите на државна управа, агенциите и инспекциските служби од централна власт, што ќе овозможи на почетокот од следната година да се започне со имплементација на реорганизацијата. Во продолжение на оваа дискусија беа разгледани препорачани модели на структурирање на јавната администрација.

Министерот ги нагласи силните заложби на Владата, дополнително со отворањето на преговорите со ЕУ и со исполнувањето на домашните обврски и реформи, да создаде како што беше речено, „функционална држава во која владеат редот и законот и во која институциите се сервис на граѓаните, отворени и отчетни“.

Дополнително беше истакнато дека зачленувањето во Европската Унија, во иднина ќе придонесе кон позитивна промена која ќе резултира со изградба на европско општество и држава по европски правила.

Како што истакнаа на состанокот, министрите Манчевски Тевдовски и Царовска, институциите веќе работат координирано на изготвување на потребната анализа за изготвување на акцискиот план кој ќе започне со реализација во 2019 година.

Во таа насока, министерот Тевдовски на состанокот истакна дека оваа реформа е повеќе од потребна затоа што конечно ќе придонесе да се стави финансиски ред во функционирањето на институциите и органите во рамки на државната администрација.

Во продолжение на своето излагање, министерот Тевдовски нагласи дека низ оваа трансформација во јавната администрација, со поддршка од Европската Унија, ќе обезбедиме, професионална јавна администрација, и беспоштедна борба против корупцијата.

Министерот за локална самоуправа Фазлиу, спомена дека овие реформи кои се прават на централно ниво ќе треба да се имплементираат и на локално ниво.

На состанокот, присуствуваа министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, министерот за финансии, Драган Тевдовски, министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, претставници од Секторот за европски прашања (СЕП) и претставници од Агенцијата за администрација.