Состанок на Економско социјалниот совет, претставници на Владата, на гранковите синдикати на ССМ, на Организацијата на работодавачи, со премиерот Спасовски
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски присуствуваше и се обрати на редовната седница на Економско социјалниот совет составен од претставници на гранковите синдикати, членки на ССМ и на Организацијата на работодавачи, а во којшто Совет членуваат заменичката на претседателот на Владата, задолжена за економски прашања, Мила Царовска, претседателот на Економско социјалниот совет Ѓонул Бајрактар, заменик министер за труд и социјална политика, дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика, Санела Шкриељ.
На состанокот е разговарано за актуелните предизвици во економијата, предизвикани од здравствената криза и за можните решенија за нивно надминување согласно постоечките можности.
На средбата е поздравена инклузивноста на премиерот и на Владата, кои прават широки консултации со цел заштита на здравјето на граѓаните, како и на нивната егзистенција и за одржувањето на функционалноста на економијата.
Констатирано е заеднички дека секој во државата треба да направи што е можно повеќе за да се преброди овој кризен период, што би значело пред се здравствена и егзистенцијална заштита на граѓаните, работниците, фирмите.
„Врвен приоритет, како Влада, ни е здравјето и животот на граѓаните и на основа на тоа ги моделираме мерките што ги преземаме. Јасно е дека има и ќе има импликации по економијата, но донесовме еден, сега ќе следува и втор сет економски мерки, коишто, заедно со мерките во заштитата на здравјето на граѓаните, имаат за цел максимално можно обезбедување на граѓаните и од двата аспекта во овие моменти. Нема да дозволиме политичко профитерство. Носиме и ќе носиме внимателни, но храбри и праведни одлуки. Важно е да имаме единство и сплотеност на што повикувам, за да излеземе со што помалку последици и како граѓани и како држава од оваа специфична ситуација во којашто се најде нашата земја, како и целиот свет“, рече премиерот Спасовски.
На состанокот беа сослушани проблемите со коишто се соочуваат работниците и фирмите и беше изразена заедничка определба за тесна соработка и меѓусебна поддршка и во иднина за сите натамошни чекори коишто ќе треба да се преземат.