25/11/2024
Македонија

Сочувство од Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод смртта на академик Блаже Ристовски

Сочувство од Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод смртта на академик Блаже Ристовски

tПочитувани,

Со длабока болка и тага ја примив веста за смртта на познатиот македонски историчар и филолог, академик Блаже Ристовски. Иако во овие тажни мигови не постојат зборови со кои може да се надомести загубата, дозволете ми да ви изразам најискрено и најдлабоко сочувство. Академик Блаже Ристовски целиот свој работен век го помина во научно проучување на историскиот и културен развој на идејата за создавање на слободна македонска држава.

Тој објави повеќе книги и стотици научни статии за развитокот на македонската културно-национална мисла, во кои одново ни го приближи животот и делото на најзначајните македонски културни дејци, како што е Крсте Петков Мисирков.

Како потпретседател на првата влада на независна Република Македонија, тој даде пример за тоа како се бранат државните интереси. Тој беше пример на ангажиран интелектуалец кој имаше храброст да зборува и за најтешките прашања за Република Македонија.

Ова е огромна загуба, за Вас, за научниот и академискиот свет, но и за мене и за Република Македонија. Ќе ни недостасуваат неговите мудри совети исполнети со длабока промисленост за македонската кауза.

Вечно ќе сме благодарни за творештвото кое ни го остави, за сè што напиша, создаде и инспирираше.

Нека почива во мир!