29/11/2024
Македонија

Спасовски: Безбедносната состојба е стабилна, да продолжиме заеднички кон економски просперитет на регионот

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски како гостин во Студио 10 на ТВ24, запрашан за безбедносната состојба во државата, особено во корелација со случувања на Косово, потенцираше дека таа е стабилна, без никакви индикации за можни нарушувања, а дека сите институциите задолжени за безбедноста се максимално будни.

„Република Северна Македонија е дел од НАТО и тоа во многу нѐ прави да бидеме порелаксирани за разлика од сите други држави кои не се дел од тој воено-политички сојуз. Ние сме постојано и целосно посветени на оваа активност, работи оперативен штаб, на дневна основа се разменуваат информации и граѓаните можат да бидат максимално спокојни, бидејќи немаме никаква основа за било што да може да предизвика нарушување на безбедносната состојба во регионот“, образложи министерот Спасовски.

Тој истакна дека сите проблеми треба да се решаваат низ дијалог, низ дијалог треба да се затвораат сите отворени прашања во овој регион и конечно сите заедно да почнеме да размислуваме како да ја направиме најважната реформа, а тоа е реформата на умот и како да продолжиме кон економски просперитет на регионот.
„Колку повеќе ќе јакнеме економски, толку повеќе ќе заборавиме на прашањата коишто сите нас нѐ оптоваруваат“, потенцираше министерот Спасовски.