Спасовски: Намалување за 10.6 % на вкупниот криминалитет во првите 8 месеци од годинава
Во денешното интервју на ТВ 21, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одговарајќи на прашањата за борбата на МВР против трговијата со дрога, потенцираше дека во првите 8 месеци во 2023 вкупниот криминалитет има намалување за 10.6 %.
„Ова е континуитет низ годините кој покажува намалување на криминалитетот, а зголемување на ефикасноста. Во делот на недозволената трговија со дрога имаме откриени 509 кривични дела за овие 8 месеци, во кои кривично се пријавени 597 сторители. При тоа запленети се 3,2 килограми кокаин, 297 килограми марихуана, 6.9 килограми амфетамин… Ова се резултати и податоци кои покажуваат дека посветеноста е на највисоко ниво во сузбивањето и борбата против трговијата со недозволена трговија со дрога и трговијата со оружје. И во овој дел во периодот од јануари до август имаме 111 кривични дела, имаме 126 сторители и имаме сузбиено 10 члена криминална група, запленети 82 парчиња оружје, 40.597 парчиња муниција и посебно 35.905 парчиња на муниција кои се запленети од стрелиште. Посветеноста во овој дел е на едно највисоко ниво и јас навистина и јавно им оддавам признание на сите тимови кои работат на сузбивањето на недозволената трговија со дрога и со оружје“, дециден беше министерот Спасовски.
На прашањето дали има пардон за некои лица, министерот Оливер Спасовски истакна дека нема и не може да има пардон за никого.
„Вие самите сте сведоци дека со години имало формирање на такви криминални структури посебно во тој период на режимот кога владееше со Република Северна Македонија. Самата посветеност во апсењето на најголемите криминалци покажува колку сме решени да се стави под контрола целиот овој процес. Токму заради тоа сметам дека апсолутно заслужува внимание и им благодарам на сите медиуми кои даваат поддршка во оваа борба против недозволената трговија и со оружје и во дрога. Бидејќи без поддршката, без споделување на информации во јавноста таа борба нема да биде толку ефективна и ефикасна“, рече министерот Спасовски.
Во делот на прашањето околу веќе почнатите кампањи по средните училишта со наслов „Кажи не на дрогата, Да на животот“, и која е целта на кампањата, министерот за внатрешни работи појасни дека во борбата против недозволената трговија како и со сите видови на криминалитет, многу важно место зазема и превентивната активност.
„На 1– ви септември симболично на денот кога започнува новата учебна година започнавме со проект под мото „Кажи не на дрогата, Да на животот“. Разговаравме со учениците од Гимназијата Јосип Броз Тито како една од најголемите во градот и во државата, едно од најелитните училишта, и на тој начин практично ја праќаме пораката за нашата посветеност да работиме заедно со учениците во намалувањето на овој сегмент на трговијата со дрога. И за тоа навистина интензивно работат сите и наставниот кадар во училиштата, заедно со нашите оддели за превенција низ целата територија на државата, се со цел да се укажува на штетното влијание на наркотичните средства. Инаку и Оперативната акција „Безбеден град“ и Оперативната акција „Безбедно лето“ која што ја спроведовме даде многу податоци кои што ќе бидат анализирани во секторите и на тој начин ќе ги определиме приоритетите за натамошното активно работење. За многу скоро ќе можеме да ги презентираме и на еден брифинг пред сите медиуми резултатите од „Безбедно лето“, за да видиме кои се тие сегменти во кои што треба сериозно да се насочиме“, посочи министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.