Спасовски на конференција: Жените и МВР „Заедно работиме – заедно празнуваме“
Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски учествуваше на онлајн конференција насловена: Жените и МВР „Заедно работиме – заедно празнуваме“ во пресрет на утрешниот ден на полицијата 7- ми Мај.
На конференцијата, на која учествуваа и државната секретарка Магдалена Несторовска и дел од вработените во Министертвото за внатрешни работи, министерот Спасовски ја потенцираше улогата, местото и значењето на жените во системот на Министертвото за внатрешни работи и имплементирањето на принципите на правична родова застапеност, со која жените ќе го добијат своето заслужено место во општествените современи текови.
Државната секретарка Несторовска во воведното обраќање истакна дека ова е прв пат од празнувањето на 7-ми Мај Денот на полицијата, да се одбележи со активност во која ќе доминираат родово сензитивни теми, учеството на жените во МВР и воопшто во полицијата. Сите активности кои се преземаат за зголемување на учеството на жените во полицијата и во МВР, поддршката на раководството на чело со министерот, е недвосмислена, јасна и искрена.
На онлајн конференцијата обраќања имаа и Маја Стојановска, командир на Полициска станица Кисела Вода, Ирена Спирова, самостоен инспектор за полициска обука во ЕБР и Туркан Тутиќ, претставничка на Специјалната антитерористичка единица ТИГАР и претседателката на Секцијата на жени при МПС, г-ѓа Хризантема Рендевска.
Министерот Спасовски нагласи дека денес, во Министерството за внатрешни работи жените се далеку позастапени во делот од административните служби, но се прават сериозни исчекори и за нивна правична застапеност во оние служби кои до пред десетина или повеќе години важеа за исклучиво “машки“ – особено во рамки на униформираната или криминалистичка полиција.